Помина една година од изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши дека ќе се забрани увозот на половни возила со под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови во земјава. Тој забраната за увоз на возила постари од 10 години најави дека ќе се реализира во текот на 2021 година, за кон крајот на минатата година Министерството за економија да ја одложи ваквата мерка за воведување во новата 2022 година.
Од Министерството за економија за Мета.мк сега велат дека одлуката за промена на нивото на емисија на издувни гасови за возилата кои се увезуваат треба да ја донесе Владата на РСМ, додека тие како министерство треба да ја спроведат преку измена на правилниците.
„Се прави анализа на правилниците кои произлегуваат од Законот за возила, а го регулираат увозот на моторните возила. Воедно се определуваат техничките спецификации кои треба да ги исполнуваат возилата при увоз за да биде задоволен најмалку ЕУРО 5 стандардот“, велат од Министерството за економија.
Иако поставивме прашање за тоа кој би бил датумот кога би можело да започне забраната за увоз на половните возила со под ЕУРО 5 стандарди, од Министерството за економија не добивме конкретен одговор на ова прашање.
Министерот за економија Крешник Бектеши на 26 јануари 2021 година на конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“ рече дека во 2021 година би требало да се зголеми стандардот за увоз на возила во нашата земја, додавајќи дека владата би спровела две дополнителни мерки – воведување на субвенции за граѓаните за набавка на хибридни возила и директна финансиска помош за оние лица кои ќе се одлучат да ги заменат возилата со под ЕУРО 4 стандарди со нови автомобили со ЕУРО 5 или ЕУРО 6 стандарди.
Во меѓувреме, во земјава продолжи ковид-19 пандемијата и се распламти енергетската криза, коишто го истиснаа високо од агендата прашањето за загадувањето на воздухот во градовите и проблемите во сообраќајот и паркингот што се создаваат од забрзаниот увоз на половните возила од странство.
И покрај поважните прашања кои испливаа на површина во изминатиов период, последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека централната власт ќе мора да се позанимава со транспортната политика на подолг рок. Стапката на моторизација во 2020 година достигна рекордно ниво, што е незабележано претходно во историјата.
Во Македонија во 2020 година бројот на патнички автомобили на 1.000 жители се зголемил на 207,1, наспроти регистрираните 205,2 автомобили на 1.000 жители една година претходно. Колку за споредба, во 2012 година на секои 1.000 жители сме имале по 146,4 патнички автомобили, што е знак дека бројот на граѓани кои поседуваат еден или повеќе автомобили постојано расте.
Доколку се спореди стапката на моторизација во Македонија наспроти земјите-членки на ЕУ, речиси е сигурно дека бројот на возила што ќе продолжат да се увезуваат кај нас ќе расте и во наредните години. Последните бројки на ниво на Европската Унија покажуваат дека земјите-членки на ЕУ во просек на секои 1.000 жители имале по 519 патнички автомобили. Притоа, најголем раст на бројот на возила е регистриран токму во земјите од Источна и Југоисточна Европа.
Токму поради извесниот раст на моторизацијата на населението и во иднина, а земајќи го во предвид фактот дека патниот сообраќај заедно со затоплувањето на домовите и индустријата се главни извори на загадување на воздухот, многу балкански земји во изминатиов период ги заострија условите за увоз на половни возила од странство.
Забраната на увозот на половни возила со под ЕУРО 5 стандарди веќе спроведе Босна и Херцеговина од средината на 2019 година, додека Албанија ваква забрана воведе од 1 јануари 2019 година.
Воедно, Бугарија од 12 јули 2021 година воведе еколошки налепници на возилата, при што според количеството на испуштени издувни гасови возилата се категоризираат во пет категории при нивната регистрација или технички преглед. Налепниците се задолжителни за секое возило, а во највисоката петта категорија се вбројуваат електричните возила. И Македонија планираше да ја воведе ваквата мерка, која би им овозможила на општините да определуваат мерки за ограничување на движењето на старите возила во услови на енормно загадување на воздухот. Сепак, до денешен ден оваа мерка не е ставена во сила.
Инаку, статистичките податоци покажуваат дека во 2020 година во Македонија биле регистрирани 500.633 патнички и приклучни моторни возила, што е највисока бројка во историјата на земјава. Заедно со овој рекорд, пред две години бил срушен и рекордот на просечната старост на возилата, којшто се искачи на 19,4 години.
извор: МЕТА