Иницијативата „Нисам тражила“ започна кога четири студентки по уметност од Босна и Херцеговина (БиХ) — Матеја Маврак, Асја Крсмановиќ, Ана Тиквиќ и Надина Мичиќ — реагираа на откритијата за случаи на силување во соседна Србија. Претходно, српската актерка Милена Радуловиќ и уште неколку жени го пријавија сопственикот на белградската школа за глума, Мирослав Мика Алексиќ, за силување и сексуално вознемирување.
Кога четирите жени почнале да разговараат и да ги споделуваат своите приватни искуства, заклучиле дека секоја од нив била барем во една ситуација во која била жртва на сексуална злоупотреба. Тие решија да ја отворат Фејсбук страницата „Нисам тражила“ во три часот по полноќ на 18 јануари 2021 година.
Ана Тиквиќ, една од лидерите на иницијативата, во изјава за Балкан Дискурс потсетува:
„Таа Фејсбук страница е само доказ дека жртвите имаат поголема доверба во анонимна страница на Фејсбук отколку во системот и организациите кои се одговорни за справување со овој проблем. Во првите неколку дена добивме стотици и стотици пораки. Жртвите не се подготвени да пријават сексуална злоупотреба бидејќи немаат доверба во системот, затоа што не се чувствуваат заштитени и затоа што не мислат дека тоа би решило нешто. Тие не веруваат дека сторителот ќе биде соодветно казнет, дека на крајот ќе бидат заштитени и ќе добијат правда и барем малку мир што апсолутно го заслужуваат“.
Таа истакнува дека тоа било многу стресно време за нив, бидејќи страницата ја започнале спонтано без да размислуваат како тоа може да ескалира.
„Во одреден момент, навистина помисливме: „за што ни треба сето ова?“, а потоа едно лице ни испрати порака и рече: „Ме охрабривте, се чувствувам подобро, решив да го пријавам мојот насилник.“ Ваквите пораки ни дадоа сила – ако помогнеме макар и на една жена, сè апсолутно вреди“.
Оттогаш, иницијативата доби поддршка низ целиот регион на поранешна Југославија, и од жените и од мажите.
На пример, откако нивната страница го популаризираше хаштагот #NisiSama („[Жено,] не си сама“), босанскиот бенд Bombaj Štampa ја објави истоимената песна „Nisi sama“ направена во соработка со српската рок ѕвезда Бајага како израз на поддршка за движењето.
Четирите млади жени од кампањата продолжуваат да објавуваат случаи на насилство врз жените на нивната Фејсбук страница и секојдневно објавуваат реакции на неправдата.
Тиквиќ потсеќа:
„Интересно беше колку сите беа изненадени и колку го гледаат силувањето на оваа актерка како изолиран случај – но овие работи се случуваат во многу поголема мера отколку што мислиме. Се разбира, силувањето е некако последниот степен на сексуална злоупотреба и најекстремниот, но има многу нивоа на сексуална злоупотреба и вознемирување кои водат до последниот најгнасен чин“.
Постер од кампањата на UN Women во Босна и Херцеговина, на којшто пишува: „Бараме донесување на нов Закон за заштита од насилство во семејството во Федерацијата БиХ во согласност со препораките од Истанбулската конвенција“.
UN Women во Босна и Херцеговина, ја иницираа јавната кампања „Насилството не е приватна работа“, нагласувајќи дека половина од сите жени и девојки на возраст над 15 години во БиХ доживеале сериозно насилство, најчесто дома, и дека сторителот е скоро секогаш маж. Сето ова станува сериозен проблем бидејќи нема соодветна психолошка помош за жртвите на насилство.
„Не постои законски регулирана форма на психолошка помош што може да ја добие едно лице кога ќе пријави сексуално насилство. Многу организации даваат бесплатни правни и психолошки совети, но повторно ништо не е регулирано на државно ниво. Нашата Фејсбук страница има околу 40.000 следбеници, а имаме и затворена група на ФБ која има околу 13.000 членови каде луѓето продолжуваат да пишуваат за нивните искуства со сексуална злоупотреба. Конечно, барем е создаден простор, дури и ако е само онлајн, каде што човекот навистина може да пишува за тоа што му пречи без да биде осуден од другите“,
објасни Тиквиќ, нагласувајќи дека тие ја пријавуваат секоја форма на дискриминација споделена на нивната веб-страница.
Освен граѓаните на БиХ, иницијативата ја поддржаа и бројни политичари и јавни личности, но, како што вели, тоа не е доволно за промени.
„Треба да почнеме да решаваме конкретни проблеми. Напишавме отворено писмо и до Парламент на Федерацијата, конкретно барајќи измена на Кривичниот законик. Неодамна добивме одговор од федералното министерство со дозвола да формираме работна група за прелиминарен нацрт-амандман на Кривичниот законик. Мислам дека најважното нешто во моментов е јасно да се дефинира сексуалната злоупотреба по Истанбулската конвенција и да се внесе во Кривичниот законик“.
Меѓутоа, за да има борба против насилството, мора да се пријави самото насилство, што често не се случува поради притисокот на општеството и патријархалните норми во општеството. Тиквиќ додава:
„Живееме во екстремно патријархално опкружување каде што зборот на мажот е сè уште закон и апсолутна вистина, а жените, се разбира, се плашат од осудата на општеството – дали некој ќе им верува, што ќе каже првиот сосед. За жал, сè уште живееме во такво опкружување каде што не е машки срам, туку на крајот, срам за жената“.
Сепак, четирите активистки кои ја водат платформата немаат доволно моќ да ги заштитат другите жени бидејќи тие не се ниту полиција ниту суд. Тие ги сметаат за одговорни оние коишто земаат плата за овој вид работа, кои се одговорни за пронаоѓање решение за проблемот и менување на законот. Тиквиќ бара одговорност од надлежните институции:
„На крајот на краиштата, државните органи и институции се тие кои мора да ги заштитат луѓето што контактираат со нив. Значи, тие имаат должност да го направат тоа со години, но за жал, тоа не е направено до денес. Ние како организација постојано повикуваме на акција и ги предупредуваме другите за овие прашања, но толку. Мислам дека мора да се обединиме и дека не смееме да престанеме да зборуваме за тоа“.
Таа е задоволна што нивната иницијатива поттикна регионален јавен дискурс за сексуална злоупотреба.
„Сексуалната злоупотреба им се случува апсолутно на сите, секој ден, без разлика на степенот на образование, без разлика на професија, вера, нација и какви било други причини. Насилството ни се случува, не поради тоа кои сме, не поради тоа што носиме или не носиме, и мислам дека е многу важно за оваа тема да продолжи да се зборува секој ден“, заклучува Тиквиќ.
Овој текст на Самира Трешњо првично беше објавен на англиски јазик на 12 јануари 2022 година на Balkan Diskurs, проект на Центарот за постконфликтно истражување (PCRC). Едитирана верзија беше ре-објавена од Global Voices. Мета.мк го преведе на македонски јазик и во целост ја објавува верзијата публикувана од Global Voices.