„Со пост на Фејсбук јавно ги поканив д-р Драган Даниловски, д-р Никола Пановски и д-р Вело Марковски да учествувато во Комисијата за заразни болести. Во услови на пандемија кога се бориме со овој вирус, мислам дека не би требало да постапуваме со начинот како сме повикани, туку треба да постапиме позитивно на поканата и да одговориме и да бидеме членови на Комисијата и работните групи, каде се судруваат и се дискутираат аргументи со цел доаѓање на привремено и можеби трајно решение“, одговори министерот за здравство Беким Сали на новинарско прашање – дали и лично ќе ги покани Даниловски, Пановски и Марковски да се дел од Комисијата за заразни болести.
Министерот Сали рече дека Комисијата за заразни болести се состанува секој вторник за евалуација на епидемиолошката недела.
„Не е период за лични дискусии и молење и други начини на покани. Сега е период на засукување на ракави и да се справиме со пандемијата“, потенцира Сали.
Тој претходно преку објава на Фејсбук најави дека наскоро ќе формира нова и надрградена Комисија за заразни болести и ги повика универзитетските професори Драган Даниловски, Никола Пановски и Вело Марковски да се приклучат како нејзини членови.
Министерот за здравство потенцира дека му е чест и задоволство јавно да го упати повикот до овие експерти врз основа на внимателното следење на јавната дебата околу нивното можно вклучување во Комисијата за заразни болести.
Веднаш после поканата, микробиологот Пановски, за „Фокус“ коментираше дека нема никаков проблем да го советува првиот човек во здравството, но сепак начинот на кој е поканет не заслужува да се коментира.
Ј. Ѓорѓиоски
Видео: М. Ацковска