„Да се биде дел од НАТО значи безбедност, просперитет и сигурност. Политиката на отворена врата на НАТО и овозможи на Северна Македонија да ја постигне својата безбедносна цел. Ова достигнување е доказ за нашиот слободен и суверен избор, како и гаранција за нашата национална и регионална стабилност и безбедност на Западен Балкан“, истакна во Брисел, премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
– Денес сме горди што сме меѓу најбрзите сојузници кои ја завршиле воената интерграција во НАТО, особено затоа што остануваме посветени на учеството во операциите и мисиите на НАТО, нагласи Ковачевски.
Додаде дека со генералниот секретар Столтемберг разговарале за ситуацијата околу Украина, што, како што рече, претставува закана и за европската и за меѓународната безбедност.
„Како сојузник на НАТО, ние се приклучуваме на апелите до Русија, да деескалира и да го продолжи дипломатскиот дијалог. Го поддржуваме предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија во врска со состојбите на европската безбедност со фокус на Украина и намалување на ризикот и контрола на оружјето
Целосно го поддржуваме суверенитетот на Украина и нејзиниот територијален интегритет во меѓународно признаените граници“, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски истакна дека како сојузници ние сме силни, одлучни и обединети во нашата реакција.
Северна Македонија останува целосно посветена на основачкиот договор од Вашингтон, како и на фундаменталните вредности и принципи на Алијансата, потенцира Ковачевски на прес-конференцијата.
Ј. Ѓорѓиоски