Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, прифати да одговори на неколку прашања за МИА по неговата прва работна посета на Брисел, седиштето на ЕУ и НАТО, каде тој оствари средби со челниците на овие две организации.
Ковачевски сака брзо но и квалитетно решение со соседна Бугарија за да се отворат долгоочекуваните и заслужени преговори со ЕУ, од разговорот јасно произлегува дека целта на Владата е да воспостави доверба помеѓу двете страни, нешто што го поздравија и челниците на Европската Унија. Премиерот Ковачевски меѓутоа ги предупредил неговите соговорници и дека секое ново одложување на процесот неминовно влијае врз поддршката на граѓаните, но и врз апетитот на други големи сили на Западен Балкан.
Во однос на конфликтот меѓу Русија и Украина, тој истакна дека изјавите на министерката за одбрана биле предмет на разни интерпретации и дека Северна Македонија ќе се придржува до позициите што се градат заеднички во НАТО, имајќи на ум и трговските односи со Русија.
На темата за евентуално членство на Украина во НАТО во иднина, премиерот Ковачевски вели дека би било неблагодарно во овој момент да се коментира на оваа тема.
Добар ден премиере, добредојдовте за прв пат во Брисел, и благодарност за ова интервју. Кажете ни како помина оваа прва официјална работна посета на ЕУ и НАТО?
Прво благодарам на поканата за ова интервју, кое практично се случува по завршувањето на сите планирани состаноци во институциите на Европската Унија. Можам да кажам дека имавме успешни средби со сите планирани состаноци во Брисел. Посетата започна прво со состанок и заедничка прес конференција со генералниот секретар на НАТО, господинот Јенс Столтенберг. Потоа имавме состаноци со претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Мецола, со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, како и состанок со нашите сестрински партии во партијата на европските социјалдемократи каде што исто така разговаравме на теми коишто се значајни за Република Северна Македонија.
Она што е заедничко за сите овие средби е поддршката којашто ја добивме како држава во однос на реформските напори што ги правиме на патот кон Европската Унија. Се потврди дека за нас има позитивно мислење коешто е искажано во четирите позитивни последователни извештаи на Европската Комисија за Република Северна Македонија, и разговаравме за начинот и брзината со којашто би се одржала првата меѓувладина конференција за Република Северна Македонија со ЕУ.
Исто така, разговаравме и за проектите коишто ги имаме со ЕУ. Особено во делот на инвестициите коишто се поддржани, а коишто се однесуваат на трансформацијата на енергетскиот систем кон обновливи извори на енергија, во изградбата на интерконекторот за гас којшто го поддржува исто така ЕУ и се однесува на диверзификација на нашето снабдување со гас и одредено зголемување на енергетската независност, во делот на патната инфраструктура и најзначајните коридори што ги имаме како и во поддршката за сите реформи коишто ги правиме.
Разговаравме и за зголемувањето на капацитетите, што е една од задачите на новиот вицепремиер за европски прашања и секторот за европски прашања, а тоа е зголемување на капацитетот на нашите тимови коишто работат на усогласување на македонското законодавство и во забрзување на нивната работа, и со цел да бидеме што поподготвени при евентуалното отворање на преговорите со ЕУ.
Ќе го поделам интервјуто на два дела, ЕУ и НАТО. Сакам прво да зборуваме за ЕУ бидејќи тоа беа последните средби и една од главните теми за јавноста. Прашањето коешто сите си го поставуваат е, после толку разочарувања на нашиот пат кон ЕУ, дали стравувате дека повторно во јуни може да се соочиме со уште едно разочарување и како тоа би влијаело врз атмосферата врз државата и поддршката за ЕУ?
Прво, легитимно е вашето прашање бидејќи ние како држава, како коалициска Влада, имаме унисон став дека наша стратешка цел е членство во Европската Унија. Исто така, оваа влада имаше единствен став дека стратешка цел на Република Северна Македонија е членство во НАТО. Тоа го остваривме и тоа со носење на тешки одлуки за државата коишто на крајот на денот се покажа дека се правилни со оглед на тоа дека станавме членка на НАТО и сме дел од најголемата одбранбена алијанса во светот. Во однос на ЕУ, таа цел сѐ уште не е остварена, и таа се должи на тоа што имаме предизвик и отворено билатерално прашање со Република Бугарија коешто треба да се реши што побрзо. Јас велам дека ни треба брзина во решавањето, меѓутоа велам дека не треба да се избрзува со решението. Бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да биде основа којашто ќе биде прифатена од двете страни и којашто ќе претставува основа за градење на добрососедски односи, меѓутоа и основа за брз напредок на Република Северна Македонија кон целосна интеграција и полноправно членство во ЕУ.
Дали ако добро ве разбирам сакате да го најдете балансот помеѓу брзо и квалитетно решение, дека не би прифатиле решение по секоја цена?
Она што го направивме на почетокот на мандатот на оваа Влада, и практично на почеток на мандатот на бугарската Влада, само неколку денови практично беше временската дистанца на формирањето на новата Влада во Република Бугарија и во нашата држава, беше што премиерот на Бугарија ја посети нашата држава, тоа беше негова прва официјална посета на друга држава, тоа беше на вториот ден од мандатот. Ние таму имавме искрен разговор на таа средба каде што се согласивме дека во подолг период во минатото дискусијата помеѓу двете држави беше водена од страна на пропагандисти коишто креираа атмосфера на недоверба помеѓу двете општества. За таа цел беше договорена заедничка владина средба во Софија која што се одржа веднаш наредната недела и на којашто формиравме работни групи во областа на економијата, на инфраструктурата, образованието, културата, европските интеграции. Секако таму беше и историската комисија. Работните групи треба да работат на теми коишто можат да имаат видливи бенефити за граѓаните, за компаниите, за образовните институции, за културните институции во двете држави. Бидејќи не можете да изградите заеднички став со друга страна со која не комуницирате, со која не комуницираат релевантните фактори во општеството и низ која комуникација граѓаните не можат да видат дека работите се движат во позитивна насока. За таа цел комисијата за економија веќе ги одржа првите состаноци коишто се случија во Скопје на почетокот на оваа недела. На секои седум дена ќе работат различните комисии. Веќе се потпишани меморандуми во областа на инфраструктурата, во областа на земјоделието. Веќе имавме и прва конференција помеѓу научни институции којашто се случи минатиот викенд. И такви активности ќе следуваат со цел и преку медиумите да се пратат вистински информации коишто се однесуваат на односите помеѓу две соседни држави и да може и самата заедница, бидејќи на пример во комисијата за економија учествуваа во работата и стопанските комори, претставниците на бизнис заедницата, коишто ова можат да го искористат како начин да ја зголемат соработката меѓу себе. Паралелно нормално се одвива и процесот на разговори за политичките прашања коишто се отворени, тоа се води на ниво на Министерството за надворешни работи. Таму се работи на работни документи коишто не е добро да се споделуваат со јавноста со оглед на тоа дека не се официјални документи прифатени од двете страни, меѓутоа кога ќе имаме решение коешто е прифатливо на ниво на експерти, тоа сигурно ќе биде презентирано како на јавноста, така и на институциите коишто се задолжени за одобрување и прифаќање на такви документи согласно со законите и со уредувањето на двете држави.
Ама во меѓувреме слушаме сепак изјави од историската комисија на пример, од типот на „додека Северна Македонија не прифати заедничка историја, ние не можеме да преговараме“, како треба Северна Македонија да се справи со таков вид на изјави од страна на историчари коишто се клучни во процесот?
Историската комисија е составена од професори по историја и тие работат согласно својата методологија, со правила коишто ги имаат самите воспоставено како експерти и таа комисија се ко-претседава со двајца професори, едниот од нашата држава, другиот од Република Бугарија. Интенцијата на таа комисија е да излезат со заеднички став за отворените прашања и сметам дека не е корисно доколку едниот или другиот дел од комисијата излегува со неусогласени ставови бидејќи тоа креира атмосфера во којашто другата страна треба да одговара на прашања или тези коишто се поставени од страната што дала одредена изјава. За таа цел, и кога работеа другите групи, историската комисија, двајцата ко-претседатели кажаа дека ќе ја забрзаат нејзината работа со цел да дојдат до решенија коишто заеднички ќе можат да ги споделат со институциите во двете држави, коишто решенија ќе претставуваат основа за понатамошен развој помеѓу државите.
Ако добро разбирам важно е фактички да имаме една рамка, еден патоказ којшто ќе овозможи да речеме до јуни, иако не сакате датуми, евентуално, да се отвори таа меѓувладина со ЕУ, значи важно е патоказот да е тука и да има согласност од двете страни за тој патоказ без детали? Тоа ли е и ставот во институциите на ЕУ? Што очекуваат од вас за да го дадат тоа долгоочекувано зелено светло?
Прво тие очекуваат разбирање помеѓу двете страни. Рамката која што ја поставивте како прашање нормално дека во текот на процесот треба да излезе некаква рамка којашто јас не ја гледам како некаков формален документ на хартија, што на крајот на денот веројатно и ќе биде ставено, меѓутоа рамката треба да претставува адресирање на отворените прашања помеѓу двете страни. Она што исто така го разговаравме тука е дека решението на прашањата треба да биде во духот на европските вредности, на взаемно почитување помеѓу двете држави и на задржување на достоинството на граѓаните и во едната и во другата држава. Кога ќе имаме такво решение тогаш ќе можеме да кажеме дека е нешто што може да се сподели, јас не би се врзувал за датуми. Јас велам дека ни треба брзо решение со оглед на тоа дека сме заслужиле отворање на преговорите со ЕУ, но секако не ни треба избрзано решение бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да претставува основа за иднината пред нас како за добрососедските односи, така и за водење на преговорите и полноправно членство во ЕУ.
Опаѓа ли поддршката на Македонците, од сите етнички заедници, за ЕУ? Кои се вашите инсајдерски информации?
Одолговлекување на било кој процес кога имате одредена цел, и тоа исто го разговаравме со претставниците на институциите на ЕУ, секогаш ја намалува посветеноста на општеството како целина. Меѓутоа сметам дека во нашиот случај прво процесот трае премногу долго што секако може да роди одреден тип на скептицизам кај одредени граѓани меѓутоа може и да побуди интерес кај одредени трети страни коишто не се заинтересирани овој регион да биде целосно интегриран во ЕУ. И затоа велам дека сите заедно треба да работиме на овој процес, како ние во Република Северна Македонија, преку нашата вклученост во разговорите со Република Бугарија, на ист начин Република Бугарија преку вклученост во разговорите со нас. И секако Европската Комисија и другите институции преку нивната улога за забрзување на овој процес, односно за олеснување на овој процес.
Добивте впечаток од нив дека сакаат да дадат навистина значителен поттик тука или е поумерен тип на притисок?
Навистина добив многу позитивни сигнали и посветеност на институциите да се отпочне со преговори со ЕУ за Република Северна Македонија. Секако дека тие имаат свои принципи врз основа на коишто работат. Меѓутоа јас сум уверен дека тука постои високо ниво на посветеност Република Северна Македонија да ги отпочне преговорите и притоа да ја добиеме целата поддршка што е потребна за спроведувањето на реформите кај нас, коишто се потребни не само за отпочнување на преговорите туку се потребни за зголемување на квалитетот на животот кај нас, подобрување на нивото на услугите што граѓаните ги добиваат, и подобрување на сите сфери на живеење во државата.
Прави ли Европската Унија притисок врз Бугарија на каков било начин?
Јас не можам да дадам коментар во однос на тоа бидејќи сепак јас ја претставувам Република Северна Македонија тука, мислам дека не би требале да зборуваме за притисок тука бидејќи јас и премиерот на Република Бугарија имаме комуникација што е позитивна, којашто се базира на меѓусебна доверба и на меѓусебна почит, и состаноците коишто јас ги имаме со претседателите на институциите во ЕУ и тој има исти такви состаноци, на коишто ние споделуваме она што го прават нашите работни групи и коишто се движат во позитивна насока во однос на соработката и во однос на враќањето на довербата меѓу двете држави.
Пред да преминам на НАТО, последно прашање за ЕУ е дали можете да замислите алтернативен тип на интеграција во ЕУ којашто би ни овозможила да ги заобиколиме тие разни блокади, некаков план Б на интеграција, дали преку регионални иницијативи, дали во Европската Економска Зона, се размислува ли на било каков начин во вашата Влада за план Б?
Ние сме Влада која што има и во владина програма запишано, меѓутоа и низ разговорите на сите коалициски партнери, дека стратешка цел на Република Северна Македонија е полноправно членство во ЕУ. Тоа е планот до кој што ние се држиме и кој што нашите граѓани го очекуваат од нас. Во однос на регионални соработки, нормално дека регионалните соработки се секогаш добредојдени, меѓутоа тие во ниеден случај не значат замена на основната цела и алтернативна на основната цел, а тоа е полноправно членство во ЕУ. Ние сме дел од иницијативата за Западен Балкан, Берлинскиот процес и исто така иницијативата Отворен Балкан. Отворен Балкан е иницијатива помеѓу Србија, Албанија и Северна Македонија којашто е отворена за сите земји од Западен Балкан. Таа во ниту еден случај не претставува алтернатива на членството во ЕУ, меѓутоа таа се заснова на истите принципи за слободно движење на луѓе, капитал, стока и услуги помеѓу трите држави. Таму веќе има видливи резултати коишто можат да ги почувствуваат сите компании што соработуваат меѓу трите држави. Веќе се потпишани договори за намалување на нетарифните бариери помеѓу државите за транспорт на производи, потоа укинувања на одредени ограничувања од аспект на фитосанитарни дозволи и олеснување на трансферот на работна сила со олеснување на режимите за дозволи, итн. Тоа се бенефити коишто се видливи за сите граѓани и за деловните комори и компании што соработуваат. Се намалува времето за транспорт, се зголемува трговската размена, впрочем тоа се истите принципи кога зборуваме за зголемување на соработка во еден регион. Повторувам уште еднаш – тоа не е никаква алтернатива за нашето членство во ЕУ. Тоа е наша стратешка цел и е планот на којшто работи оваа Влада.
За НАТО и посебно за Украина. Вашата министерка за одбрана имаше контроверзна изјава околу испраќањето на војници од АРМ, дали ја поддржувате оваа ревносна позиција на вашата министерка, бидејќи реакциите беа доста негативни, дали сметате дека Сeверна Македонија треба да биде поумерена?
Голем број на претставници на институции даваат изјави во текот на нивното работење, така што тие изјави се интерпретираат на еден или друг начин. Она што го разговаравме со генералниот секретар на НАТО, и на прес конференцијата, е дека Република Северна Македонија останува посветена на НАТО. Ние сме дел од НАТО, учествуваме во носењето на одлуките на НАТО и се придржуваме до тие одлуки се разбира. НАТО е најголемиот одбранбен сојуз којшто се грижи за безбедноста за своите земји членки. Исто така, ја реафирмиравме нашата позиција дека треба да дојде до деескалација на тензиите во регионот на Украина и дека Русија треба да се вклучи во дијалогот НАТО-Русија, кој ќе се води на повеќе различни теми. Исто така го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на секоја држава вклучително во овој случај и Украина, и се придржуваме до одредбите од Обединетите Нации на оваа тема. Во рамки на нашето Министерство за одбрана постои дневна комуникација со колегите од НАТО, нашата мисија во НАТО е дел од секојдневното работење и носењето на сите одлуки. Нашето МНР има изработено Оперативен план којшто се координира со земјите членки, а којшто се однесува доколку е потребно на згрижување на наши граѓани на територијата на Украина, тоа да биде направено на соодветен начин.
Словенија рече дека не би испраќала оружје во Украина, не е Балканот исто што и Западна Европа, има и друг вид на односи со Русија, колку ви е важно да одржите умерени и добри односи со Русија колку и да сме западно ориентирани?
Нашите односи со Русија може да ги гледаме на два начини. Прво Русија е наш трговски партнер, со кој имаме размена на одредени производи и услуги. Меѓутоа другиот аспект е што ние сме земја членка на НАТО. Ние комплетно ги почитуваме одредбите од Вашингтонскиот договор и како земја членка на НАТО ние сме дел од најголемиот одбранбен воен сојуз во светот и сите наши одлуки ќе бидат во согласност со одлуките коишто се носат на ниво на НАТО. И кога ги гледаме изјавите на другите членки на НАТО тие се во согласност со одредбите на Вашингтонскиот договор и носењето на одлуки во НАТО.
Сметате ли дека Украина треба да стане земја членка на НАТО?
Секоја земја во светот има сопствено право согласно своето уредување и одлуките што ги носи на ниво на задолжените институции да одлучува за своето приклучување кон одредени сојузи на начинот на којшто ја планира безбедноста на својата држава, така што тоа што Украина го има како свој став и план сепак не би сакал да го коментирам од аспект на Република Северна Македонија бидејќи се работи за став на суверена држава.
Бидејќи ние како земја членка на НАТО имаме право на вето, доколку утре поднесе кандидатура како ќе се постави Северна Македонија?
Поднесувањето на кандидатура за која било држава е процес којшто ние сме го поминале, знаеме како се носат одлуките и доколку се случи таква можност, тогаш и ставот на нашата влада согласно принципите на Вашингтонскиот договор, тогаш ќе можеме да го кажеме, меѓутоа од оваа перспектива би било неблагодарно.
Последно прашање, од средбата со Столтенберг, дали се чувствува некакво подобрување, дали се оди кон дијалог или дали се заоструваат односите со Русија? Каков е вашиот впечаток?
Генералниот секретар практично ги сподели сите информации што ги имаше на прес конференцијата. НАТО останува на својот став дека треба да се отвори дијалог помеѓу НАТО како воен сојуз и Русија на различни теми од спектарот на односи помеѓу Русија и НАТО, тоа е сѐ уште важечкиот став на НАТО, и во однос на тој дел поместување.