Предлог-одлуката за утврдување потреба од формирање помошни тела на ДИК за спроведување избори за градоначалник на Општина Маврово-Ростуше и за градоначалник на Општина Центар Жупа денеска беше едногласно донесена на 45-та седница на Државната изборна комисија (ДИК).
Членот на ДИК, Борис Конадарко информира дека се во изборен процес за избор на градоначалници во Маврово – Ростуше и во Центар Жупа, кои се распишаа од претседателот на Собранието Талат Џафери на 4 февруари годинава. Изборите се закажани за 17 април 2022, прв круг.
Тој соопшти дека ДИК пристапила кон изработка на сите неопходни акти и други подготвителни дејствија како и за сите избори досега, согласно Изборниот законик. Посочи дека веќе се почнати одредени процедури, во неделата почна собирањето потписи за кандидирање на изборите, на 19 февруари почнува јавниот увид во избирачкиот список…
– Оваа одлука за утврдување потреба од формирање помошни тела се носи на секои избори и произлегува од потребата за одредени дејствија и помош, покривање на работата на одредени сектори и сегменти од изборниот процес на ДИК бидејќи немаме доволно вработени или немаме доволно стручни лица. Ова конкретно најмногу ќе се однесува за ракување со изборниот материјал, доверливиот и недоверливиот, за ракување со транспорт, чување, за фингер-принт апаратот и податоците во него, како и за други сектори во централата на ДИК за помош на вработените во одредени делови од изборниот процес за поефикасно извршување на одредени изборни дејствија, образложи Кондарко. Додаде дека за конкретнитните лица кои ќе бидат ангажирани, претседателот на ДИК носи посебна одлука која ќе содржи и конкретно решение со образложение за нивните надлежности, работни задачи и одговорности.
Членот на ДИК, Бобан Стојаноски информира дека Предлог-правилникот за одлучување на избор на обработувачи на лични податоци се носи по препорака на Агенцијата за заштита на лични податоци и ќе се однесува за редовното работење на ДИК, при обработка на лични податоци.
Кондарко предложи да се спојат неколку точки од дневниот ред, сет точки што се однесуваат за заштита на личните податоци во ДИК. Образложи дека тие се поединечни акти, но, како што рече да дадеме едно заедничко образложение, а потоа може и поединечно да гласаме. Се работи за следниве точки: Предлог-правилник за одлучување за избор на обработувачи на лични податоци, Предлог-правилник за физичка безбедност на просторијата со ограничен пристап во ДИК, Предлог-план за едуцирање на раководство и овластените лица за непосредните обврски и одговорности за заштита на личните податоци и Предлог-интерна процедура за префрлање и обработка на лични податоци од избирачки список од МВР во ДИК и Процедурата за контрола на документирани информации. Неговиот предлог беше едногласно прифатен од сите членови на ДИК, а потоа имаше поединечно гласање и сите точки беа едногласно усвоени.
Членот на ДИК, Оливер Ристовски предложи дневниот ред да се дополни со Процедурата за контрола на документирани информации.
-Оваа процедура е потребна да ја изработи ДИК и да ја усвои на денешната седница, согласно позитивните законски прописи и во содејство со Агенцијата за заштита на лични податоци од доменот на самата агенција, а сето тоа што треба да се изработи од страна на ДИК. Ги опфаќа одговорностите и должностите, како на членовите на ДИК, така и на вработените и на главниот офицер за безбедност, појасни Ристовски./MИА/.