Њујорк Тајмс објави дека рускиот претседател Владимир Путин го надгледуваше лансирањето на три пробни балистички и крстосувачки ракети денеска (сабота, 19 февруари 2022) во една театрално инсценирана поставка, како што ја нарече престижниот весник. Вежбите за нуклеарно одвраќање претставуваа отворено потсетување на Западот дека секој конфликт околу Украина може да брзо ескалира, пренесе ЦивилМедиа.
Путин го следеше приказот од командниот центар во Кремљ, придружуван од претседателот Александар Лукашенко од Белорусија, чија влада размислува да дозволи Русија да постави дел од својот нуклеарен арсенал на нејзина територија.
Тестот беше технолошки незначителен, со видео снимки издадени од Москва на кои се гледа како борбен авион испушта крстосувачка ракета од воздух, мобилно возило за лансирање кое пука од интерконтинентална балистичка ракета и хиперсонична ракета лансирана од море.
Но, тајмингот е јасен, а тестот е демонстрација на сила од руската армија со што се нагласи влогот во конфликтот. Тензиите меѓу Москва и Вашингтон се највисоки од времето на Студената војна наваму, а руските нуклеарни вежби, се чини, имаат цел да го одвратат Западот од директна воена вмешаност.
Две од трите ракети се дизајнирани да ја избегнат американската противракетна одбрана. Кремљ соопшти дека тестот бил дизајниран да ја покаже руската „тријада“, лансирање од земја, воздух и море, што му парира на оружјето во американскиот арсенал.
Рускиот поморски систем „Циркон“ сè уште е во пробна фаза, но Русите веќе го рекламираат како „брод-убиец“ што има капацитет да ја избегне поморската одбрана и носи нуклеарни боеви глави. Планирано е да се распореди оваа година, според изјавите на руските власти, но детали за оваа операција нема.
Ракетите што беа лансирани денеска, беа вооружени со конвенционален експлозив за тестирање. Еден проектил беше прикажан како разнесува напуштена зграда на полигон за тестирање. Во комуникациите со јавноста не се спомнуваат нуклеарните капацитети, но не мора да се објаснува премногу за да биде очигледна поентата.







