Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин го најави почетокот на новиот бран на агресија против Украина. Целта на руската офанзивна воена операција е да се уништи украинската држава, насилно да се заземе украинска територија и да се воспостави окупациска контрола. Руските вооружени сили започнуваат напади врз мирните украински градови од различни правци, вклучително и од територијата на привремено окупираниот Донбас и Крим, како и од југоисточниот регион, пишува во изјавата на Министерството за надворешни работи на Украина.
„Ова е чин на војна, напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и брутално кршење на Повелбата на ОН и основните норми и принципи на меѓународното право.
Украина го активира своето право на самоодбрана во согласност со меѓународното право.
Борбениот дух на украинската војска е висок, нашите бранители се подготвени да дадат решителен одговор на државата агресор и ќе ја заштитат украинската почва со сета своја сила.
Украина ја повикува меѓународната заедница да дејствува веднаш. Само обединети и решителни акции можат да ја запрат агресијата на Владимир Путин против Украина.
Нашите партнери треба веднаш да донесат пакет нови санкции. Ги повикуваме и пријателските престолнини да продолжат да ги зајакнуваат одбранбените капацитети на Украина со обезбедување оружје и воена опрема.
Од нашиот заеднички одговор не зависат само животите и безбедноста на украинските граѓани, туку и безбедноста на граѓаните на цела Европа и иднината на светскиот поредок“, пишува во изјавата на Министерството за надворешни работи на Украина.