Луѓето со каква било болест мора многу да внимаваат и да не веруваат на секакви лекарства кои ќе ги најдат на интернет, а кои не се регистрирани во нашата држава. Доколку некој дијабетичар консумира маслинки во ракија, нема нешто многу да си наштети на здравјето, но тоа ќе му направи разочарување, бидејќи ќе нема никаков ефект и ќе го одвлече од тоа навреме да се јави на лекар, вели д-р Александар Митов, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Рецензираме пост на Фејсбук кој шири содржина која може да биде опасна по здравјето на луѓето. Имено, постот пласира вест за лек за дијабетес. Факт е дека не постои лек за дијабетесот, односно тој не се лечи, така што ваквиот пост, доколку некој го земе здраво за готово, може во голема мера да си наштети на здравјето.
Објавата споделува текст со наслов „Мајката Марија лечи дијабетес со 40 маслинки: народната исцелителка за неколку дена го спушти шеќерот од 9 на 5,8“. Во него се зборува за извесна исцелителка Марија, позната на Балканот, која го лечела дијабетесот, иако тој се сметал за неизлечива болест.
Иако дијабетесот се смета за неизлечива болест, постојат голем број на народни лекови со кои можеме да го контролираме и целосно да заборавиме на неговото постоење. Тоа може успешно да се случи со рецептот на исцелителка Марија Дафова, позната на балканот уште како Мајка Марија. На самата и беше дијагностициран дијабетес и успеа да го намали шеќерот во крвта од 9 на 5,8 за неколку дена, стои во написот.
Самиот факт дека станува збор за исцелителка, а не за лекарка – специјалист за дијабет, ви станува јасно дека „лекот“ не е базиран на медицински факти и искуства, па според тоа и не може да биде сигурен.
„Волшебниот рецепт“ на мајка Марија се состои од 40 маслинки и ракија.
За ова ви требаат 40 црни маслинки. Можеби помали или понекогаш оние што се јадат со костилки. Во тегла за компот ги ставате маслините и додавате ракија, оставате десет дена и за тоа време стојат во шкаф, фрижидер или на собна температура. Потоа 5 дена јадете 2 маслинки наутро и 2 маслинки навечер на празен стомак (вкупно 20). На 6-ти ден се тестира шеќерот. Ако е во граници, престанете да јадете маслинки. Ако шеќерот е над нормалата, продолжете со 1 маслинка наутро и 1 маслинка навечер додека не го завршите. Доколку шеќерот не се вратил во нормала по второто јадење, направете пауза од десет дена, за тоа време следната доза маслинки се става во ракија и откако ќе биде готова се прави повторно лекување.
Според овој рецепт, 5 дена јадете по две маслинки и дијабетот ќе ви исчезне. Мајка Марија вели дека ако дијабетесот е во прединсулинска состојба, шеќерот обично се нормализира при првата доза од народниот рецепт.
Нашите проверки покажаа дека станува збор за постар напис од 2019 година, кој се шири на бугарските веб-страници.
Што е дијабетес?
Дијабетес е хронично заболување кое е причинето од абномалните нивоа на шеќер во крвта. Овие абнормалности се предизвикани заради тоа што телото не може да создаде доволно инсулин или заради неможноста веќе создадениот инсулин да се искористи соодветно.
Постојат два типа дијабетес. Дијабетес тип 1 (инсулинско зависен дијабет). Тоа е автоимуно заболување до кое доаѓа кога телото создава специфични антитетела кои ги напаѓаат и перманентно го оневозможуваат дејството на клетките во панкреасот кои продуцираат инсулин. Пет проценти од сите заболени го имаат овој тип на дијабетес. Дијабетес тип 2 е најчестиот облик на дијабет кој се утврдува откако клетките ќе престанат да реагираат на инсулинот, односно веќе инсулинот не претставува сигнал за клетките да примаат глукоза. Одговорот на организмот е производство на сè повеќе инсулин, сè додека панкреасните клетки кои создаваат инсулин не се „заморат”. Иако генетските мутации можат да ја предизвикаат оваа состојба, сепак главниот ризик фактор за неа е несоодвениот, односно нездравиот начин на живот: прекумерната телесна тежина, исхрана со висок процент на рафинирани шеќери и заситени масти, како и намалената физичка активност.
На официјалната веб страница на Институтот за јавно здравје, можат да се најдат препораки како да се третира дијабетесот.
За намалување на ризикот од појава на дијабет треба да се практикува здрава исхрана (повеќе овошје и зеленчук, намалување на внес на шеќери и сатурирани масти), редовна физичка активност (најмалку 30 мин. на ден), одржување на нормална телесна тежина и избегнување на употреба на тутун (бидејќи го зголемува ризикот за појава на кардиоваскуларни болести). Доколку луѓето имаат сознанија дека некој во нивната фамилија имал дијабет, треба да одат на редовни контроли за мерење на шеќерот во крвта. Кај луѓето кои имаат дијабет се препорачуваат истите овие мерки, но и употреба на инсулин или апчиња и диета, со кои ќе го намалат нивото на шеќер во крвта, посета на едукации каде ќе научат правилна употреба на апаратчињата за мерење на глукоза во крвта. Многу луѓе кои имаат дијабет, во комбинација со терапијата против истиот, треба да користат и лекови за контрола на холестеролот и крвниот притисок, стои на страницата на Институт за јавно здравје.
Лекарите кои ги консултираше Вистиномер, се децидни дека лек за дијабетес не постои. Со правилна исхрана и начин на живот може да се регулира шеќерот во крвта со цел тој да не се качува во големи мерки што ќе предивика хаос во организмот, но сепак, нагласуваат лекарите, луѓето со дијабет мора да посетуваат редовно доктор, ендокринолог, кој ќе им го следи нивото на шеќерот во крвта и согласно состојбата ќе им даде инсулинска терапија. Поради тоа, предупредуваат лекарите, луѓето кои имаат дијабет, во никој случај не смеат да подлегнуваат на вакви исцелителски рецепти, туку мора се да земаат во консултација со својот лекар.
Д-р Александар Митов посочува дека дијабетесот тип 2 може да се третира, а огромен број на научни студии укажуваат на тоа дека тој може и целосно да се стави во ремисија, со соодветни промени во животниот стил, кај значителен број од пациентите. Но само ако болеста е во почетен стадиум. Тогаш, вели д-р Митов во изјава за Вистиномер, со драстични промени во начинот на живот, може да се врати шеќерот во нормала. Тој зборува за неколку едноставни чекори за намалување на ризикот од ова заболување, како што е промена на исхраната, откажувањето на цигарите, физичката активност и умереното консумирање алкохол. Сите овие мерки, како мерки за превенција од развивање на дијабетот тип 2, важат и за подобрување на состојбата на пациентите кај кои веќе е утврден овој тип на дијабет.
Дијабетот не се лекува. Доколку постои некој лек за дијабет, тоа би било научно откритие. Кај дијабетот тип 2 доколку е во почетна фаза, шеќерот може да се регулира и врати во нормала со драстични промени во начинот на живот, но не и ако лицето е дијабетичар 15 години. Ако кај некој пациент се примети покачен шеќер во крвта, ако пациентот има вишок телесна маса и не пешачел никогаш на пример, доколку ослабне и стане физички активен, може да ги изгуби симптомите на дијабет, но само ако е на почеток, објаснува д-р Митов.
Што се однесува до лекот кој се промовира во текстот што го анализираме а за кој се тврди дека лечи дијабет, д-р Митов вели дека не слушнал такво нешто.
Луѓето со било каква болест мора многу да внимаваат и да не веруваат на секакви лекарства кои ќе ги најдат на интернет, а кои не се регистрирани во нашата држава. Доколку некој дијабетичар консумира маслинки во ракија, нема нешто многу да си наштети на здравјето, но тоа ќе му направи разочарување бидејќи ќе нема никаков ефект и ќе го одвлече од тоа навреме да се јави на лекар. Има многу такви луѓе. Вие се сеќавате на лекот Суганорм кој се продаваше на интернет како лек за дијабетес и кој направи многу проблеми кај луѓето со шеќерна болест кои го консумираа, вели д-р Митов.
Имајќи го предвид сето ова, можеме да заклучиме дека лек за дијабетес не постои, a особено маслинките не лекуваат дијабет. Оттука постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Луѓето мораат да бидат претпазливи што читаат на социјалните мрежи и советите од ваков тип особено да ги земаат со резерва и да не користат надри-лекарства без консултација со лекар, бидејќи постои можност да си наштетат на своето здравје.