Транс луѓето во Украина изјавија за VICE World News дека се „тотално заглавени“ и „исплашени за своите животи“ во земјата.
Две украински транс жени рекоа дека не можат да ја напуштат Украина, па дури и безбедно да патуваат низ неа, бидејќи сите нивни документи за идентификација пишуваат „машки“ и ги спомнуваат нивните „стари машки имиња“.
Некои транс лица биле намерно советувани да ги „изгубат“ нивните документи за идентификација за да можат да излезат од Украина. Транс активистите проценуваат дека кризата би довела до стотици транс лица оставени сами и во опасност.
Една транс жена истакна дека стравува да не биде запрена додека се обидува да ја напушти Украина и да биде принудена да се приклучи на украинската армија „како маж“, особено затоа што властите ги спречуваат мажите на возраст од 18 до 60 години да ја напуштат. Уште една Украинка транс жена е премногу исплашена да го напушти своето сместување во страв од трансфобични напади. Таа е единствената личност која остана во нејзиното соседство.
Еден транс маж, кој преминал во машкиот пол пред повеќе од шест години и оттогаш живее како маж во Украина, има само лична карта на која е „женско“. За време на телефонски разговор, се слушале врескање и експлозии надвор од неговото сместување, но тој сепак одбил да замине поради проблемот со личната карта.
Небинарен Украинец ги објасни своите стравови да ја напуштат Украина и да се упатат кон „места како Полска или Унгарија“ каде што нивниот идентитет е „исмејуван“ и непризнаен. Објаснува дека е ставен во лоша ситуација одбирајќи да остане во земја во која се научил како да живее, или во нова земја во која треба допрва да се научи да живее и покрај неизвесностите.
Зи Фамелу е 31-годишна транс жена од Киев. Таа е музичар и се појави на ТВ во нејзината родна земја. Фамелу рече дека не може да ја напушти земјата и дека нејзиниот живот е во опасност.

„Како и стотици транс луѓе во Украина, јас сум жена, но полот ми е означен со „машко“ во пасошот и на целата моја лична карта, така што ова е војна во војна. Украинските транс луѓе веќе се борат за живот“.
„Постојат стотици заглавени вака, кои живеат мизерни животи. Ни треба одредено влијание од странство. Ни требаат луѓе да им пишуваат на нивните политичари и добротворни организации за да ни помогнат“.
Транс луѓето во Украина можат да добијат законско признавање на полот, но групите за човекови права го нарекоа процесот „навредлив“, бидејќи ги „крши правата на приватност и физички интегритет“.
Запрашана зошто не ги променила документите за лична идентификација досега, Фамелу рече дека процесот во Украина е „понижувачки“ и видела дека луѓето мораат „да останат во ментални институции со месеци, со психолошки и физички тестови за да го докажат својот пол“.
Истакна дека не сака да поминува низ таков процес.
Роберт е транс маж кој живеел во Харков, Украина. Годините поминати на тестостерон на Роберт довеле до тоа „да може да помине како и секој друг маж“, но неговата лична карта сè уште вели дека е „женско“ и го користи неговото родено име.
Роберт го раскажа неговото патешествие и тешкотиите да си транс лице во Украина. Неговите сакале да го убијат кога дознале, не може да работи, нема банкарска сметка ни возачка дозвола. Истакна дека само преживува, а не живее.
обработка: М. М.






