Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Понекогаш ми доаѓа да мислам дека најголем подвиг во историјата на нациите и државите е конституирањето на македонската нација и држава.
Кога во алхемиската лабораторија на комунистичката идеологија, од ништото беше направено злато.
Единствен конкурент на тој подвиг повторно сме ние, овој пат преку епските напори од златото да направиме ништо.
Во алхемиската лабораторија на вмро.
Велат дека сега сме во клучната меѓуфаза на распаѓањето.
Кога веќе не сме злато, а не сме ни ништо.
Кога смрдиме.
Толку многу што луѓето сами почнаа да викаат дека сме говно народ.
Јазикот на македонските кучиња почна да ја лиже земјата, која, нели, не е нивна, во трката по коската на вмро, папсаа, сиромасите, дехидрираа, ја потрошија сета енергија на националната супстанца, останаа без себе, само коската им се задава на свиокот, на небеската патека по која трчаат политичките кретени, како на сликите на Ташковски.
Исплукнати се од Историјата.
Залепени се како шлајм на Фејсбук.
Обезразумени, нормално.
Каква врска има Шлајмот со Разумот.
И обезнационализирани.
Десубјективизирани.
На чекор се од ништото.
До тоа што беа пред да станат злато.
Најголем непријател на македонската нација е слободата.
Во услови на слобода национална свест на Македонецот се фолклоризира.
Затоа што принципите и критериумите на нацијата му се престроги и не соодветствуваат на неговиот карактер и менталитет.
Затоа и државата слабее и како да сака да се ослободи од себе.
И таа му е товар на Македонецот.
И кога апси и кога не апси, и кога напредува и кога не напредува и кога е солидарна и кога не е и кога е ефикасна и кога не е, затоа што во услови на слобода тој не може да се поднесува себе си, а друг виновен за тоа не може да најде.
Државотворната свест кај тоа што го викаме македонски народ е на најниско ниво според најлабавите теориски и доктринарни стандарди.
Вмро е убава замена за нацијата и државата.
За простиот свет.
И за учениот кој чезнее да се упрости.
И успева.
Не дивка, наместо кафе, шарлаган наместо зејтин, свеќа наместо струја, туку жилет за вени, односно за блага заспивна, смрт и мир.
Тоа е таа замена за тешката модерност.
Во вмро.
Но, како, да ви кажам, и покрај сѐ, мене оптимизмот не ме напушта.
Историјата на нашиот растеж и пропаѓања во значителна мерка е историја на македонската глупост. До таа мерка што секој нормален мора да се запраша како на толкави количества катастрофални решенија и поведенија, воопшто сме живи.
Во што е тајната на македонското постоење.
Но, поважно е тоа што таквите прашања кои во темни бои го сликаат нашето минато, фрлаат зрак светлина што го осветлува патот и ни кажува дека, можеби, сепак, ќе не биде.
Еве еден мал преглед:
Значаен дел од општеството беа лојални граѓани на Царството кое во 1941 дојде да им го администрира просторот. Нека да бидеме политички коректни. Многумина ги сметаа за ослободители. Во партизани отидоа малкумина. По победата во војната, уште пушките чуреа, дел од партизанството и новото раководство решија да се одметнат од револуцијата и застанаа на страната на романтичните и самоубиствени решенија за Македонија (обединета, демек), а потоа застанаа и на страната на Сталин. Во Граѓанската војна во Грција Македонците ја згрешија страната, односно страната ги згреши нив. Пред осамостојувањето, огромното мнозинство беше на страната на Милошевиќ и контра неговите жртви. Таа позиционираност на таканаречениот народ беше причина за смешната формулација на референдумското прашање кое имаше мотив да го замачка отсуството на визија и самосвест и да ги корумпира неговите доминантни и беспардонно опортунистичките чувства. На првите демократски избори тој народ ги изневери тие што го создадоа како нација и држава и најмногу гласови му дадоа на вмро и екипата злотвори и хохштаплери околу Љубчо. Не на некоја нормална демократска алтернатива, туку на алтернативата на себе како нација и историски субјект. Македонската општественост промаши во оценката за енергијата, волјата, ресурсите и спремноста на албанскиот фактор да ѝ се спротивстават на македонската доминација која беше формулирана како алфа и омега на македонистичкото разбирање на државата, а тоа пак се претвори во доминантен казус кој го дефинираше основниот конфликт сиве овие години. Промашивме и околу името. И во формулирањето на проблемот и во неговото менаџирање. Односно пропуштивме реално да ги согледаме нашите и туѓите капацитети и ресурси во реалниот свет и тоа во неговата динамичка димензија. Ова е, веројатно, најстрашното промашување во кратката историја на македонската независност. Промашивме со идејата власта да и се даде на вмро-дпмне и во 1998 и во 2006. Голем дел од општеството реагираше на бомбите за неверојатните вморонски злосторства така што му даде најголем број гласови на првите избори по паѓањето на Груевски. Не мали слоеви од општеството беа за Трамп и при неговиот избор и при поразот. Еве ги сега истите тие поединци и структури, партиски сервисирани од вмро-дпмне, на страната на Путин, а против Европа и САД, односно против оние во чиј културен е економски круг се растени и без кои досега сто пати ќе беа мртви. Голем дел од општеството промаши во третирањето на првата постгруевистичка власт, прво одбивајќи да ги разбере капацитетите на нејзините политики во вадењето на државата од балканската кал (Нато) и второ, препуштајќи ѝ се на тоталната медиумска манипулација, во последните пет години пропушти да забележи дека е без реакција на тоталните блокади на системот и на животот и на здравиот разум од страна на бандата на вмро-дпмне и дека е без реакција на сопственото усмртување како општество, нација, јавност и поединци. Да, во петте години жестока битка на кикифристите и вмороните, не настрадаа Заев и сдсм, како што им се чинеше и можеби сѐ уште им се чини, туку општеството, како што цело време тврдеше познатиот филозоф Тричковски. Таа инерција нѐ однесе и до резултатите од последните локални избори кои исто така можат да се оквалификуваат како отпор кон слободата и одговорноста.
Оние, а тие не се малку, што во актуелнава драма се на страната на Путин, не се само против Украина како жртва, туку и против Македонија, тие се и против Русија која во таа војна ја игра улогата што Вермахтот и есес дивизиите ја играа пред Ленинград и Сталинград во Втората светска војна.
Тоа ментално, културно, морално и политичко фијаско е одработено.
Кај идеолозите, не кај оваа оперативна багра, туку кај идеолозите на вмро-свесно и систематски, а кај кикифристите, милчинистите, женските оркестри и академските филхармоничари, од стрв и глупост.
Да се надеваме дека, како и толку пати досега и оваа свињарија ќе нѐ качи една скала погоре.
Ако успееме да го убиеме вморонот во Македонецот – не сме без шанси.
Да се надеваме.
Што друго ни преостанува.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.