пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Славјанка Петровска е министерка за одбрана на Северна Македонија, жена која има политичка моќ, односно колоквијално речено, тоа е жена во политика. Но, исто така министерката е цел на напади. Не ја критикуваат нејзината работа ботовите и троловите со „десничарски предзнак“ – каде се видело трол и бот да критикува или афирмира? – создавајќи брутална атмосфера од навредливи коментари. Коментарите се за секаква осуда од една страна, од друга страна, министерката Славјанка зборува многу повеќе за нашето општество одошто „коментаторите“ може да кажат нешто за неа.
Право на став и збор е основно човеково право, тоа верувам дека сите го научивме. Ама не може да биде право на збор ако ти користиш одвратни зборови кои се преполни со мизогинија и шовинизам затоа што Славјанка е жена која не се вклопува во архетипот на мажот и моќта. На моја голема радост, СДСМ ги афирмира жените во политиката, што ми докажува дека тоа е сериозна политичка партија, има родов баланс и сензибилитет во јавните политики. Ама мојата основна теза е дека нашиот ментален и културен образец на моќна личност и понатаму е „машка“. Со други зборови, македонското општество нема образец за моќна жена, освен онаа жена која личи на маж. Костум со панталони – или само панталони – кои носат многу западни политичарки, од Ангела Меркел до Хилари Клинтон, може да биде практичен и пригоден.
Имено, ја погледав кратката церемонија на Министерството на одбрана во Лондон, го слушнав и Британскиот воен оркетар кога на пречекот на министерката Славјанка ја свиреше нашата традиционална македонска песна „Јовано Јованке“, па мојата спонтана реакција беше: каде се сега сите оние кои велат дека не е нашиот македонски јазик бетониран и цементиран пред светот и големите сили? Каде се сега сите оние одвратни денунцијанти дека македонскиот јазик е непризнат, „испреговаран“, негиран, продаден? Не, браќа и сестри, денес македонскиот јазик е бетониран, потврден, како дома, така и пред светот. Денунцијантите и хушкачите мора да си најдат нова тема бидејќи „Јовано, Јованке“ пред Обединетото Кралство беше доволна потврда за тоа. Но исто така и таа песна докажа дека не смо јазикот, туку и безбедноста на нашата држава е гарантирана и потврдена од страна на сојузниците. А сојузник ви е оној што ја прифаќа вашата посебност: јазична, политичка, вредносна.
Идејата на овој текст произлезе од срамот што моите сограѓани со „десен предзнак“ плукаат кон министерката Славјанка сосема невтемелено, злобно и „опако“. Идејата на овој текст е дека моите сограѓани со „десен предзнак“ се шовинисти и мизогини; идејата на овој текст е дека министерката Славјанка пред неколку дена го афиримираше македонскиот јазик како ретко кој до сега.
Меѓутоа, за да го напишам овој текст, мене ми е потребен македонскиот јазик. Тоа е јазик кој е составен од сите овие зборови. Тоа е јазик кој мене ми е потребен за да ги опишам сите оние работи кои мене во општеството ми сметаат, и тоа е јазик кој мене ми е потребен да ги афирмирам оние добри политики и личности кои нашето општество ги има.
Министерката Славјанка е една од тие личности. Северна Македонија не e светска велесила, нема ниту висока култура која може да излезе конкурентно пред останатиот свет. Ама Северна Македонија има многу пристојни, разумни и храбри луѓе кои си ја сакаат својата земја и својот јазик. А за да откриеме дали Славјанка е една од тие луѓе, доволно е само да го погледнеме нејзиниот стоицизам, нејзината борбеност и нејзината верба дека и жена во овие тешки времиња може да се носи рамо-до-рамо со мажите.
Дури, мислам и тоа, кога жените би го воделе светот, немаше да има вакви стравови и ужаси.
Нашата песна „Јовано, Јованке“ пред Обединетотo кралство во Лондон. Ја свири Британскиот воен оркестар. Има оваа земја луѓе за почит и воодушевување. Славјанка е една од тие.