Споровите мора да ги решаваме со мирни средства преку дијалог и преговори. И мора да ги имаме на ум долгорочниот мир и стабилност во регионот и да воспоставиме избалансирана, ефективна и одржлива европска безбедносна архитектура, вели во интервју за МИА кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо, осврнувајќи се на актуелните случувања околу руско-украинската криза.
– Сегашната ситуација во Украина е загрижувачка, нагласува кинескиот амбасадор и додава дека кинеската страна изразила длабоко жалење поради повторното избувнување војна на европскиот континент.
На прашањето зошто Кина беше воздржана за време на гласањето во Генералното собрание на ОН за Резолуцијата со која се осуди руската агресија врз Украина, амбасадорот не дава директен одговор, но посочува дека Пекинг верува оти за да се реши актуелната криза мора да се поддржуваат целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации (ОН) и да се почитува и заштити суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји.
– Она што е потребно за решавање на сложените прашања е студена глава и рационален ум, а не додавање масло на огнот, што само би ја засилило ситуацијата. Украинската криза може да се реши само со дијалог и преговори, нагласува кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо.
Во однос на можноста Кина да се вклучи како медијатор меѓу Русија и Украина во надминување на конфликтот, Џанг Ѕуо вели дека Пекинг продолжува да го олеснува дијалогот за мир и одржува блиска комуникација со сите страни.
– Кина смета дека колку е потензична ситуацијата, толку е поважно разговорите да продолжат. Колку е пошироко несогласувањето, толку е поголема потребата да се седне и да се преговара. Ги охрабруваме Русија и Украина да имаат директни преговори, порача кинескиот амбасадор.
Со амбасадорот Џанг Ѕуо разговаравме и за санкциите кои се воведуваат кон Русија и нивните евентуални импликации врз односите на Кина со сите засегнати страни. Според Џанг Ѕуо реалноста одамна докажала дека санкциите не ги решаваат проблемите, туку создаваат нови, пренесува МИА.
– Тоа ќе резултира во ситуација кога повеќе играчи ќе загубат и ќе се наруши процесот на политичко решавање. Итна задача во моментов е да се спречи напнатата ситуација да ескалира или дури да излезе од контрола, нагласува кинескиот амбасадор.
За односите со Москва, кинескиот амбасадор вели дека Кина и Русија се меѓусебно најважни блиски соседи и стратегиски партнери, кои испратиле недвосмислена порака до светот дека заеднички се спротивставуваат на обидите за заживување на размислувањето од Студената војна. За односите со САД, пак нагласува дека во глобализираниот и меѓусебно зависен свет за тоа како Кина и САД го наоѓаат вистинскиот пат напред и успеваат да се сложуваат, е и ново прашање за човештвото и формулација што Пекинг и Вашингтон треба да ја разработат заедно.
За релациите со ЕУ, пак потенцира дека политиката на Кина кон Европа е цврста и конзистентна. – Таа нема да биде засегната од каков било пресврт на настаните. Ќе продолжиме да ја поддржуваме независноста на Европа и обединета и просперитетна ЕУ, истакна Џанг Ѕуо.
Во интервјуто тој се осврна и на иницијативата која ја предложи кинескиот претседател Си Џинпинг за хуманитарната помош на Украина, за перспективите за членството на Киев во НАТО, но и за новоотворените дебати за интегрирање во ЕУ.
– Кина ќе продолжи да ја поддржува европската интеграција, да ја поддржува ЕУ со поголемо единство и просперитет и да ја поддржува европската стратегиска автономија. Ние веруваме дека ЕУ е способна да се справи со сопственото проширување, нагласува Џанг Ѕуо.
Кинескиот амбасадор, говорејќи за актуелните светски случувања наведе дека Пекинг ќе работи со сите прогресивни сили во светот, вклучувајќи ја и Северна Македонија за развој и за градење заедничка иднина./MИА/.