Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, на денешниот брифинг со медиумите што го пренесуваше и агенцијата Ројтерс, одговори на прашање од Фронтлајн – Што може, а не прави меѓународната заедница и НАТО за да ѝ пружи помош на Украина во борбата против руската агресија и бруталниот напад врз цивилното население?
Во одговорот, Кулеба истакнува дека најдоброто што НАТО алијансата и НАТО државите можат да го направат е да ѝ обезбедат на Украина борбени авиони.
„Оружје и санкции. Ова е тоа што може да направи меѓународната заедница. Оружје за Украина, санкции за Русија. Ние сме многу отворени – ни треба значително зајакнување на нашите воздухопловни сили. Најдоброто што НАТО алијансата и НАТО државите можат да го направат е да и обезбедат на Украина борбени авиони што ќе ни овозможат да ја балансираме ситуацијата на небото. Затоа што најмногу страдаме од бомбардирањето на нашите градови од небото. Ова е најдобрата и најпотребната поддршка“, вели Кулеба.
Украинскиот министер апелира до сите држави кои имаат оружје произведено во време на СССР во нивните магацини, да ѝ го дадат на Украина.
„Како второ, ние најмногу користиме оружје кое доаѓа од советско време. Ќе биде екстремно важно доколку сите држави кои имаат оружје произведено во советското време во нивните магацини да ни го дадат нас да ја зајакнеме нашата одбранбена способност“, истакна украинскиот министер.
Тој побара финансиски санкции, брзо исклучување на Русија од СВИФТ, прекинување на каргото со Русија и целосна забрана на нафта и гас
„Кога сме кај санкциите, брзо исклучување на Русија од СВИФТ, вклучувајќи ги сите руски банки мора да се исклучат од СВИФТ, прекин на каргото со русија на аеродромите, воведување целосна забрана за нафта и гас. Има други работи кои може да бидат направени, особено да се воведат финансиски санкции на Русија. И последниот најважен елемент е ние ја правиме оваа работа, но исто така очекуваме нашите партнери да работат со трети држави кои може да станат спасувачки рај за руските пари и канал за избегнување на санкциите. Овие дупки треба да бидат затворени и да немаат никаква можност да ја „избришат болката од која страдаат“, одговори министерот за надворешни работи на Украина на прашањето од Фронтлајн, на брифингот со медиумите.
М. А.