Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потенцијалните сместувачки капацитети на државните органи за прифаќање на лица од бегалска криза предизвикана од воените дејствија во Украина.
Владата ги задолжи Министерството за надворешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги продолжат активностите поврзани со утврдување на капацитетите за сместување и да ги подготват сите активности за организирано прифаќање и згрижување на лицата кои ќе пристигнат во земјата како резултат на бегалската криза заради војната во Украина.
На оваа своја седница Владата ја донесе Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата.
Оваа Уредба е донесена врз основа на Законот за употреба на јазиците, каде што според член 8 став (3) е утврдено дека униформите на полицијата во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Северна Македонија и неговото писмо.
Оваа Уредба влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува во текот на една година од денот на влегувањето во сила.