Владата донесе мерки на штедење, со кои ќе бидат опфатени министрите, градоначалниците, директорите.Нема набавка на мебел, нови возила,мобилни телефони и останато. Трошоците за администрацијата како и за функционерите но и ресорните министерства ќе мора да се намалат.
Премиерот Димитар Ковачевски најави санкции за секој што нема да ја почитува одлуката за рационализација на трошоците во јавниот сектор.
Македонската влада реши одлучно да штеди и да воведе ред пред се во своите први редови- донесе големи мерки на штедење во услови на голема економска криза, која што се продлабочи со војната во Украина.
Станува збор за антикризни мерки за рационализација на трошоци во јавниот сектор, со кои сите буџетски корисници се задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10% и да достават соодветен предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии најдоцна до 21 март.
Со мерките се забранува набавка на мебел и возила, буџетските корисници за 50% ќе треба да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користењето на службените возила.
Овие мерки се продукт на економската криза која несомнено секојдневно го тресе светот. Владата освен во своите први редови, критика упати и кон градоначалниците на одредени општини кои од една страна бараат помош од државата за да опстанат, а од друга страна се одлеваат неконтролирано пари од општинските каси во услови на криза.
Штедењето секако ќе почне од врвот, мерките како овие така и претходниот пакет секако ќе дадат резултат, но одговорноста е на сите нас. За да излеземе од оваа криза, секој подеднакво е одговорен и должен да штеди, пред се за да ја заштити својата иднина, но воедно да ја заштити и економската иднина на државата.
Владанка Крстевски