Јарина Ариев и Свјатослав Фурсин се венчаа на 24 февруари, денот кога Путин и објави војна на Украина. Јарина е ќерка на Володимир Ариев, пратеник на партијата Европска солидарност. Следниот ден, тие се пријавија во единицата за територијална одбрана во Киев. Сторија на Еуромајданпрес.ком.
Според рангирањето на воената сила, Русија ја има втората најсилна војска во светот. На хартија, воениот буџет на Украина е приближно помал од оној на Сингапур, според „Економист“. И покрај овие ограничувања, украинската армија ги спречуваше нападите во текот на првите денови од руската инвазија, спречувајќи го првичниот план на Русија за Блицкриг. Како е возможно такво достигнување?
Дел од одговорот лежи во колосалната способност на украинскиот народ да се самоорганизира. Веднаш откако Русија ја започна војната, голем број Украинци почнаа да бараат соодветни улоги за себе за да ја поддржат украинската одбрана.
За само два дена инвазија, 100.000 граѓани ѝм се приклучија на украинските воени сили, главно за територијалната одбрана.
Освен ова, цивилите почнаа да ѝм помагаат на нивните локални единици за територијална одбрана со плетење воени камуфлажни мрежи и подготвување молотови коктели.
На 26 февруари, во Харковската област, жена со молотов коктел рачно запалила оклопно возило. На 27 февруари луѓето запреа руски тенкови со молотови коктели и препреки.
Луѓето веднаш почнаа да организираат дарување крв, а други работат на информирање на Русите на социјалните мрежи и веб-страниците за ситуацијата во Украина. Други, пак, почнаа да блокираат пропагандистички разговори на Телеграм и Вибер.
Во областите далеку од битките, луѓето почнаа да управуваат со логистиката за бегалците – наоѓајќи домови каде што можат да останат, како и реорганизирајќи ги училиштата и другите згради во простори за живеење. На пример, театарот Лес Курбас во Лавов беше трансформиран за да прими бегалци од места поблиску до боиштата.
Освен ова, граѓаните на Украина реагираат и на апелите на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Министерството за одбрана и други институции. Еден таков апел беше да се објавува на социјалните мрежи и да се пријавува за движењето на руските војници и, обратно, никаде да не се известува за движењето на украинската војска.
Во првите денови од инвазијата, на зградите и патиштата беа откорнати ознаките за наведување на руските воздушни напади. Украинските цивили пријавувале за овие знаци до властите за да се оневозмат таквите напади.
UkrAvtoDor ги повика сите патни организации, територијални заедници, локални самоуправи и луѓе веднаш да започнат со демонтирање на сообраќајните знаци во близина, така што на руските напаѓачи им е потешко да се движат по непознатиот терен.
ИТ специјалисти презедоа акција во ИТ армијата создадена од Министерот за дигитални трансформации. На 26 и 28 февруари, украинската ИТ армија ги урна сајтовите на двете најголеми банки во Русија, сајтот на руското Министерство за одбрана, Московската берза, руската берза за криптовалути, веб-страницата на ФСБ, меѓу другите. Тие, исто така, објавија телефонски броеви на руски пропагандисти, кои Украинците почнаа да ги блокираат на социјалните мрежи.
Преведувачите доброволно се пријавија да дадат свој придонес. Брокерите беа замолени да пријават Руси кои се преселиле во Украина пред да започне вистинската инвазија и во моментов дејствуваат како диверзантски групи.
Од ставот на секој конкретен поединец, секое дејство може да биде мало, едвај видливо во поголемата слика. Тоа е веројатно причина зошто многумина мислат дека сè уште не придонесуваат доволно и на тој начин преземаат сè повеќе задачи, придонесувајќи значително преку овие „мали дела“.
Украинците се самоорганизираат како пчели, движејќи се во различни насоки, работејќи кон една заедничка цел.
Секако, тоа не би било можно без јасна цел: одбрана на украинската територија и народ. Против што и за што, Украинците научија од историјата. Писателката и новинарка Тетиана Терен во видеото на ПЕН Украина објавено на првиот ден од инвазијата наведува:
„Често размислувам за луѓето кои беа тука пред мене. За жал, во нашето блиско минато, советскиот тоталитарен период, илјадници мои колеги беа подложени на цензура, репресии и егзекуции. Затоа сега, кога работиме, го правиме тоа двојно или тројно понапорно, мислејќи на оние кои беа тука пред нас и кои не можеа да го направат тоа“.
Превод: Жорж Димовски