Примерите на руска пропаганда што деновиве ги анализирам покажуваат дека идеолошката машина толку великодушно финансирана од Русија сега ги има истите проблеми како и „втората армија во светот“. Дури и поголеми, истакна во интервју амбасадорката на Украина во Република Северна Македонија, Наталија Задорожњук.
Русија во првите денови успеа да го пополни информативниот простор со лажни вести и информативно ѓубре, но сега ситуацијата е стабилизирана. Повеќето граѓани разбраа, сѐ повеќе македонски медиуми даваат вистинити информации. Ги гледаме, се разбира, троловите од Кремљ и други специјални сили на руската пропаганда, тие се бучни, но слаби, извикуваат некои празни слогани.
Рускиот режим со својата информативна кампања ги понижува македонските граѓани, нивната способност да анализираат, да ја гледаат вистината, тие објавуваат некои луди лажни вести, надевајќи се дека некој навистина ќе поверува во такво лудило. Мислам дека дури и жестоките поддржувачи на путинизмот веќе не им веруваат, туку ги поддржуваат по инерција. На луѓето им е тешко да ги признаат своите грешки, да признаат дека нивните идоли воопшто не се идоли, туку злосторници. За среќа, руската пропаганда, ова информативно ѓубре ќе се намалува, рече Задорожњук.
Убедена сум дека оваа брутална војна, почната од Русија во 21 век, ќе влијае на сите сфери на животот во европските земји, вклучително и на информативната сфера. Ќе има сѐ повеќе објективни, чесни информации, повеќе професионални новинари.
Добивме многу силна помош од нашите западни сојузници во сите насоки. Секако, кога вашата земја ја бомбардираат и уништуваат, кога се убиваат цивили, деца, сметате и барате поголема поддршка. Нам ни треба толку колку што ќе може да го запре овој циничен и безмилосен режим, рече таа.
Видовте дека руските пропагандисти неодамна изјавија дека Украина е тампон-зона до Европа. Тие ќе одат понатаму – Полска, Балтичките земји, ќе се вратат во Грузија, Молдавија. Поранешниот претседател на Русија, заменик во Советот за безбедност, Медведев, неодамна ја заплашуваше Полска. Но, Полска е силна и храбра земја, и како одговор на овие заплашувања таа протера 45 руски дипломати.
Во интервјуто амбасадорката истакна дека Украина, Европа, цивилизираниот свет се обединети во едно, мораме сите да го запреме овој фашистички режим во Европа, и не само да го запреме, туку и да нанесеме уништувачки пораз. Режимот кој врши геноцид нема право на постоење, додаде таа.