Бон Џови ја поздрави Украина оваа недела, откако снимката од украинските цивили кои се подготвуваат за војна на мелодијата „Тоа е мојот живот“ стана вирална на социјалните мрежи, пишува Лос Ангелес Тајмс.
Во клипот, кој собра повеќе од 2 милиони прегледи само на Твитер, десетици членови на заедницата во Одеса, Украина, ја слушаат химната на Бон Џови додека полнат вреќи со песок на плажа и ги товарат во портокалов камион. Едно лице може дури импровизира како свири на тапани додека од звучниците избива грубиот глас на Џон Бон Џови.
„Ова е за оние кои застанаа на своето…“ твитна групата заедно со видеото и хаштагот #SlavaUkraini, што значи „Слава на Украина“.
Во средата, толпа Украинци му се заблагодарија на Бон Џови за поддршката во следното видео снимено на истата плажа во Одеса.
„Голема благодарност до Бон Џови од слободните граѓани на независна Украина, кои се обединија заради една цел, да го заштитат нашиот град и нашата земја“, беше напишано на клипот. На крајот од видеото, цивилите навиваат и извикуваат: „Тоа е! Мојот! Животот!“
Членовите на Бон Џови се меѓу неколкуте личности од естрадата кои ја поддржуваа Украина преку објави на социјалните мрежи откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна инвазијата на земјата минатиот месец.
обработка: М. М.