Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Читам, Град Скопје ја прекинал поддршката за бесплатниот летен камп за деца во социјален ризик со, за мене, многу убав назив – „Шарено лето“. Кампот, како што дознавам, постои од 2017 година и, според тоа што е познато за овој прекрасен проект, тој навистина е „шарен“ во најубавата смисла на зборот. Па како и не би, кога се работи за деца? Стотици деца во социјален ризик од сите заедници биле прв пат на летен одмор, благодарение токму на овој проект што го води познатата македонска музичка ѕвезда, Кристина Арнаудова.
Со моите колешки и колеги коментиравме дека веројатно називот „шарено“ бодел очи. Да беше називот на детскиот камп „Црно лето“, можеби некако и ќе поминеше низ филтерот на новата градска администрација. Детската среќа нема политичка припадност. Или, можеби има? Можеби партијата на власт на градско ниво положила заклетва пред пиштолот и камата да се грижи само за „избраните“, за „своите“. Тоа беа, отприлика, коментарите на луѓето со кои разговаравме за оваа скандалозна одлука.
Не ѝ се виновни децата на госпоџа Данела. Летен одмор за деца и тоа оние во социјален ризик и чии семејства не можат да си го дозволат тоа. За тоа се работи. Не се работи за политика. Зошто тие да бидат „колатерална штета“ на политичките пресметки? Затоа што проектот го содржи зборот „Шарено“? Или затоа што организацијата и нејзината лидерка не се политички подобни?
На страна зајадливите досетки, госпоџа Данела и компанија не смеат да си дозволат децата да страдаат поради политичките определби. Кога се работи за деца, особено тие што се во социјален ризик, прогресивната ориентација на лидерката на проектот „Шарено лето“ и нејзината организација Проект среќа, не смее да биде пречка за да се финансира проектот. Тоа не се приватни пари, туку се на граѓанките и граѓаните на Скопје.
Големо разочарување е оваа постапка. Можеби некој ќе каже: „Па што друго очекуваше од нив?“ Морам да признам, никогаш не сум можел ниту да го сфатам, ниту да го прифатам политичкото „чистотништво“. Неприфатливо е кога политичарите целосно ги занемаруваат луѓето, особено децата, само за да ја испратат пораката – сега ние сме на власт, само „нашите“ ќе живеат.
Се надевам дека други организации, спонзори или филантропи ќе одвојат време и пари за овој убав проект на Арнаудова и ќе го одржат во живот „Шареното лето“ за децата додека да пројде „зимата“ со Данела.
Текстот е личен став на Авторот.