„Рекоа три или пет дена. Мислеа дека тоа ќе биде доволно за да ни ја заземат целата држава. А веќе е 36-ти ден. И ние стоиме. И ние ќе продолжиме да се бориме понатаму. До крај“, истакна претседателот на Украина Володимир Зеленски во обраќањето до бранителите.
Обраќањето го пренесуваме интегрално.
„Завршува 36-от ден од нашата национална одбрана по осум години војна во Донбас. Не ни верувам, ама март веќе помина. Апсолутно незабележливо!
Текот на времето некако не се ни примети. Секој ден и секоја ноќ ни станаа практично исти. Истиот ден, истата ноќ.
И со една задача за сите – да се заштитиме, да спасуваме луѓе, да ги одвратиме напаѓачите. Да ги избркаме.
Цел овој март и пет дена од февруари, напаѓачите се обидуваат да пробијат и да се зацврстат во нашата куќа од различни страни – од земјата, од небото, од морето. Тие се искачуваат, летаат, пливаат … Имаат толку многу зло, толку многу жед за уништување што потсетува не на луѓе, туку на нешто туѓо. Некои чудовишта кои палат и ограбуваат, напаѓаат и се обидуваат да убијат. Некои пеколни химери.
Но, кога си на своја земја, сè ти помага. И самата земја, и реките, и секој човек. Секој, дури и оној од кој што не очекуваше порано. Издржавме многу пати повеќе отколку што мислеше непријателот.
Рекоа три или пет дена. Мислеа дека тоа ќе биде доволно за да ни ја заземат целата држава. А веќе е 36-ти ден. И ние стоиме. И ние ќе продолжиме да се бориме понатаму. До крај.
Онолку за колку што ќе имаме доволно сила. Онолку колку што ќе имаме можности.
За да нема чудовишта на нашата земја. За ако има химери (покажува на Домот со химери. – Ед.) – тогаш блиски и добри. Кои не штитат.
Сигурен сум дека за секој и секоја од вас е исклучително пријатно да ги читате и гледате вестите дека украинските градови постепено се ослободуваат од окупаторите.
И така е. Нашите Вооружени Сили, Националната полиција и Националната гарда, разузнавањето се извонредни. Апсолутна благодарност до нив!
На север од Кијив, во насока на Чернигив, во Сумската област, продолжува протерувањето на окупаторите. И самите се свесни дека повеќе не можат да го извлечат интензитетот на воени дејствија што можеа да ги обезбедат во првата половина на март.
Но, мора да сфатиме и дека за руската војска тоа е дел од нивната тактика. Сето ова не е туку така. Ги знаеме нивните планови. Знаеме што планираат и што прават.
Знаеме дека тие се оддалечуваат од областите каде што ги победуваме за да се фокусираат на другите кои се многу важни. На оние каде што може да ни биде тешко.
Затоа е многу важно секој да покаже воздржаност. Воздржаност во емоциите. Воздржаност во искуствата. Сите подеднакво сакаме да победиме. Сите подеднакво!
Но, понатаму ќе има битки. Сè уште ни претстои многу тежок пат за да добиеме се што сакаме.
Се разбира, секој треба да ја мотивира нашата војска, едни со други и да ја поддржува нашата одбрана. Деца – со „лајкови“. Родители – со топол збор. Волонтерите – со помош. Народот и државата – со сите ресурси и можности што ги имаме ние, што ги има Украина.
Воздржаноста во емоциите, подготвеноста да се бориме додека не достигнеме победа и соодветна мотивација за нашата војска се суштински елементи.
Работам на мотивација за нив и јас. Секојдневно. Како и секој од нас.
Како и секогаш, пред да го запишам обраќањето, потпишав указ со кој ги наградив нашите херои. 136 војници на Вооружените Сили на Украина. Благодарен сум му на секој и на секоја!
И денес е донесена уште една одлука. Во врска со антихероите. Сега немам време да се справувам со сите предавници. Но, постепено сите ќе бидат казнети.
Затоа повеќе не се генерали поранешниот началник на Главниот оддел за внатрешна безбедност на Службата за безбедност на Украина Наумов Андриј Олегович и поранешниот Началник на УСБУ во Херсонската област Криворучко Сергиј Олександрович.
Според член 48 од Дисциплинскиот статут на Вооружените сили на Украина, оние воени лица од висок офицерски состав кои нешто ги спречило да се определат каде е нивната Татковина, кои ја прекршуваат воената заклетва за верност кон украинскиот народ за заштита на нашата држава, нејзината слободата и независноста неминовно ќе бидат лишени од високите воени чинови. На случајни генерали не им е место тука!
А до вистинските херои на Службата за безбедност – истата апсолутна благодарност како и до секој и секоја кој искрено ја брани нашата држава. Навистина има многу херои меѓу вработените. Им благодарам!
Ситуацијата на југ и во Донбас останува исклучително тешка.
Напаѓачите ја испраќаат својата болна креативност во привремено окупираните области на Херсонската област. Тие се обидуваат да организираат некои од нивните неразбирливи структури таму, се обидуваат да сфатат како да го консолидираат нивното присуство таму.
Се разбира, ова е безперспективно за нив. Колку се поактивни таму, толку посериозни ќе бидат загубите на самата Русија на крајот. На самите Руси. Бидејќи кој друг ќе плати за окупација на туѓа земја?
Исто така, во Донбас, во Мариупол, во насока на Харкив, руските трупи акумулираат потенцијал за удари. Моќни удари. Ќе се браниме. Ќе направиме се што можеме за да ги запреме окупаторите и да ја исчистиме нашата земја од нивните зли и бесмислени химери.
Денес се обратив до парламентите на нашите партнерски земји: Австралија, Холандија и Белгија. Чувствував целосна поддршка. Очекувам конкретни чекори. Повикав на уште построги санкции против Русија. Треба да се врши притисок врз агресорот се додека не заврши агресијата.
За ова исто така разговарав и со Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Во моментов ни треба поголема поддршка од нашите партнери. Кога руската војска концентрира дополнителни сили во одредени насоки.
Покрај санкциите, со Шарл Мишел разговарав и за економската поддршка за Украина, за финансирање на приоритетни проекти. Динамиката на нашето движење кон полноправно членство во ЕУ.
Политиката на санкции беше една од темите на разговор меѓу Шефот на Кабинетот на Претседателот, Андриј Јермак и Џејкоб Саливан, советник за национална безбедност на Претседателот на САД.
САД воведоа нов пакет санкции против Русија. Ние сме благодарни. Нема да дозволи да се заобиколат сегашните санкции – веќе бележиме такви обиди. И, исто така, да се ограничи работата на чувствителните сектори на руската економија – нејзиниот одбранбен сектор.
Нека Москва не заборави дека политиката на санкции само ќе продолжи и ќе се интензивира. Сè додека нема мир – потребни се санкции. Сè додека Русија не почне искрено да инвестира во потрагата по мир како што инвестира во уништувањето на нашата држава, санкциите ќе останат непроменливи.
Денес исто така разговарав и со турскиот Претседател Ердоган. Зборувавме многу конкретно. Вклучително и за изгледите за преговори во Турција со Руската Федерација. А исто така и за создавање на ефективен систем на гаранции за нашата држава. За безбедноста која ни била потребна отсекогаш и до чие вистинско обезбедување се приближуваме. Благодарен сум за подготвеноста на Турција да стане гарант за безбедност на Украина.
И, за крај. И јас и владините претставници веќе кажавме дека државната служба „Дија“ почна да прима барања за обештетување за уништениот недвижен имот на нашите граѓани. Државата ќе му врати на нашиот народ се што уништија окупаторите – куќи, станови итн.
За неколку дена се поднесени 25.491 барање. Бројот на жителите во овие куќи и овие станови, кои беа уништени, според нашите проценки – 63 илјади 471 лице. Но, знаеме дека повеќе треба да се обнови. Многу повеќе.
Па кажете им на сите на кои им е потребна ваква владина програма. Важна програма. Можноста за поднесување апликации наскоро ќе биде достапна офлајн, во CNAP, во вообичаениот режим за многу Украинци.
Без разлика на се, сите треба да размислуваме за иднината. За тоа каква ќе биде Украина по оваа војна. Како ние ќе живееме. Затоа што ова е војна за нашата иднина. Ова е војна за нашите животи, во која имаме само еден пат – да се избориме за мир за Украина. Да се избориме за безбедност на Украина.“