Иако ја критикував оваа влада за многу други теми, можам да ја пофалам околу транспарентноста. Ние малку се научивме каде што постоеа тематски прес-конференции, каде што се заташкуваше политичката одговорност, а сега се фаќаме за најмали детали кои не се неважни, се важни и тоа кажува дека власта полека научува да биде транспарентна, вели политикологот Гордан Георгиев.
-Тоа е многу добро и воспоставува стандарди од кои понатаму не би требало да има назад, посочи Георгиев во емисијата „Топ тема“.
-Тешко е да се каже не кога сте дел од една партија. Обично некои работи се разговараат внатре во партијата и после тоа се излегува со заеднички став. Изборниот модел во Македонија, нивото на внатрепартиска демократија и културата на постоење на шефот, што ќе каже шефот се проблем, бидејќи не му дозволуваат на политичарот од пониските ешалони да има свој став, макар и различен од шефот. Мојот став е дека е важно да се каже не во одредена ситуација. Тоа го буди внатрепартискиот живот. Делумно изборниот модел може да ја отвори внатрепартиската демократија за да филтрираат добрите кадри и кои ќе знаат да кажат не кога треба да се каже не, истакна Георгиев.












































































































