пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Гледам, речиси не остана медиум што не отстапи значајно внимание за телефонскиот разговор меѓу воениот злосторник, Путин, и српскиот претседател Вучиќ. Рускиот диктатор под чија команда се вршат грозоморни злосторства врз цивилното население во Украина, му ја честитал изборната победа на Вучиќ. Не е сосема јасно дали Путин му се јавил на Вучиќ, но од вестите може лесно да се заклучи дека тоа бил пријателски и долг разговор.
Кабинетот на Вучиќ соопшти дека „двајцата претседатели ја анализирале економската ситуација и билатералните односи во сферата на енергетиката и трговската размена.“ Се пофалиле меѓусебно дека економската соработка во текот на минатата и првите месеци од 2022 година забележала раст. Бре, бре!
Во разговорот со злосторникот Путин, Вучиќ изразил надеж дека војната заврши што е можно поскоро. Може лесно да се претпостави како двајцата пријатели може да посакуваат да заврши таа војна. Наводно, Вучиќ му кажал на својот соговорник дека ќе продолжи со политиките на европскиот пат, но дека Србија ќе ги зачува „искрените и традиционалните пријателски односи со Русија“. Како точно течел овој дел од разговорот веројатно ќе дознаеме веќе во следната епизода на „истечени документи“. Но и вака опишан, извештаите за телефонскиот разговор меѓу двете другарчиња тераат на повраќање.
Многу интересно. Злосторникот од Кремљ нема со кого да разговара, а очигледно имал потреба да слушне пријателски глас. Среде војна, кога планот за агресија и освојување на Украина му се распаѓа, за што крваво се одмаздува на невооружените цивили, тој „чаврља“ по телефон. Во настап на мрачна осаменост, злосторникот се сетил и нашол време да му се јави на еден од малкуте пријатели кои му останаа во светот.
Веројатно, во своите осаменички мигови во деновите и ноќите пред него, ќе се сети дека има и неколку обожаватели во Северна Македонија, без оглед на тоа колку се безначајни. Кај да е, ќе им се јави и ним.