Завршена е истрагата за воениот беспилотниот авион кој пред повеќе од еден месец се урна во Загреб. Нова ТВ објави дека леталото е модифицирано и дека носело бомба. Како што се наведува, во леталото наместо камера имало поставена бомба. Жупаниското државно обвинителство во Загреб издаде наредби за вршење на повеќе видови вештачења, а беше побарано и мислење од воздухопловната техничка струка, пренесува 360 степени.
Загрепското жупаниско државно обвинителство денеска претпладне ќе одржи прес-конференција на која ќе ги соопшти резултатите од истрагата за падот на дронот, кој на 10 март остави голем кратер во близина на студентскиот дом Стјепан Радиќ во Загреб.
На крајот на март беше соопштено дека балистичкото вештачење од метални фрагменти од воениот дрон утврдило дека се работи за авибомба со запалка, но дека притоа не може да се донесе конечен заклучок за трагите од експлозивот.