Одземени се надлежностите на Општина Гевгелија и на Градоначалникот на општина Гевгелија во однос на ЈОУДГ „Детска радост“ Гевгелија.
Јавната општинска установа за згрижување на деца „Детска радост“ од Гевгелија ја заврши битката за докажување на исправноста на Годишната сметка за 2021 пред надлежното Министерство, иако истата не беше одобрена од основачот – Советот на општина Гевгелија, пренесува Гевгелија.нет.
Министерството за труд и социјала ја усвои годишната сметка на установата и постапувајќи согласно Законот за заштита на децата ги одзеде ингеренциите на Општина Гевгелија и на Градоначалникот на општина Гевгелија над ЈОУДГ „Детска радост“ Гевгелија.
Директорката на ЈОУДГ „Детска радост“, Елизабета Стоименова, вели дека тоа е дебакл за Општината.
„Како долгогодишен работник во оваа дејност, јас жалам што после 60 години постоење на установата за згрижување и воспитување на деца се случува ваков дебакл за Општината да ги изгуби ингеренците што ги добила со Законот за децентрализација. Наместо прослава на јубилејот на нашата установа, ние бевме принудени да се браниме од тенденциозните опструкции од страна на Советот на Општина Гевгелија“, вели Стоименова.
Директорката истакнува дека и покрај тоа установа под закрила на Министерството за труд и социјална политика, продолжува со својата дејност во интерес на децата.
Ј. Ѓ.