Една од најпопуларните светски шаховски веб-страници, chess.com стана недостапна на територијата на Руската Федерација, пренесува украинско Дело.
Според веб-страницата на Роскомнадзор (РКН), пристапот до две страници на сајтот е блокиран поради објавените информации за ситуацијата на територијата на Украина.
Бидејќи страницата го користи мрежниот протокол https, блокирањето на една од страниците доведува до недостапност на целиот сајт на територијата на Руската Федерација. Веб-страницата моментално е недостапна во Русија.
Според организацијата за човекови права “Роскомсвобода“, која презема податоци од регистарот на забранети информации, забранет е пристапот до две страници на сајтот со информации за „Украинските шахисти за време на војната“ и „За војната во Украина“, а одлуката за блокирање на страниците ја донело Руското обвинителство на 23 април. „Излегува дека шахот може да ја дискредитира и армијата“, пишуваат активистите.
Роскомсвобода забележува дека претходно рускиот велемајстор Сергеј Карјакин од неговиот канал на Телеграм ја повикал РКН да го блокира овој ресурс.
Според Alexa.com, тоа е најпопуларниот шаховски сајт во светот. Има над 28 милиони регистрирани корисници.
Претходно, веб-страницата на организацијата за човекови права Human Rights Watch стана недостапна во Руската Федерација.
На 4 март Роскомнадзор одлучи целосно да го блокира Фејсбук во Русија.
Одделот соопшти дека оваа одлука е одговор на „дискриминацијата“ на руските медиуми од други земји. Покрај тоа и социјалната мрежа Твитер престана да работи во Русија.
Превод: Жорж Димовски