Kоронавирусот првпат се појави во Кина и има докази дека е природен, а не вештачки и создаден во лабораторија. Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран, а ова го потврди и СЗО. Тврдењето дека во Украина постојат лаборатории финансирани од САД во кои се произведуваат патогени се турка од Русија уште од 2020 година. Тогаш медиумите блиски до Кремљ се обидоа да ја обвинат Америка за ковид пандемијата, сугерирајќи дека вирусот е создаден во лаборатории. Наспроти ваквите тврдења, тајната служба на Украина издаде соопштение во кое ги упатува политичарите да престанат да шират дезинформации за постоење на ,,американски воени биолошки лаборатории во Украина”.
Вистинимер рецензира пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека коронавирусот потекнува од Украина.
Лилјакот ќе да бил украински, а не кинески! Како сериозен кандидат за место на создавање на коронавирусот се потенцира фабриката Азовстал, лоцирана во Мариупол, центарот на најкрвавата битка во руската операција во Украина. Мозаикот полека се склопува и од ден на ден станува се појасно зошто САД инсистираат на војна со Русија до последниот Украинец. Најверојатно поведени од парадигмата мртвите усти најмалку зборуваат. Американски новинар тврди дека коронавирусот е произведен во Украина и беше донесен во Вухан под закрила на НАТО, се вели во постот кој го рецензираме.
Во склоп на постот споделен е и медиумски напис, во којшто американскиот новинар Џорџ Веб кој тврди дека „коронавирусот е произведен во Украина и во Кина бил донесен под закрила на НАТО“, најотворено се посочува како „теоретичар на заговори“. Во текстот, исто така се наведува дека овој новинар за своите тврдења не дава никаков доказ.
Да одиме со ред. Прво, САД не инсистира на војна со Русија, како што тврди постот. Тој наратив уште пред почетокот на воената инвазија на Русија во Украина го турка претседателот на Русија, Владимир Путин.
Путин ги обвини САД дека сакаат да ја внесат Русија во конфликт со Украина, додека тој „инсистира дека сака разговори со Вашингтон и НАТО за да се избегне негативен исход како војна“. Но, иако даваше вакви изјави, Путин на 24 февруари годинава ја нападна Украина што доведе до остра ескалација на настаните и испровоцира економски санкции за Русија.
Путин одбиваше да го нарече нападот воена инвазија, по иако со неа почна најголемата војна во Европа после Втората светска војна, според рускиот претседател во прашање е „воена операција“. Која пак се води „зад параванот“ дека западно ориентирана Украина е константна закана за Русија, поради која Русија не може да се чувствува безбедно, да се развива и да егзистира!
Еден месец по стартот на војната, Русија го смени наративот за својата главна цел, па кажа дека таа е „ослободување на Донбас”, иако повеќе од една третина од овој регион веќе беше заземен од руски сили во војна која почна во 2014 година. Сепак, очевидно е дека Русија сега сака да го освои цел регион. Иницијалната цел на Путин, како што пишува „Би Би Си“, беше да ја заземе Украина и да ја отфрли украинската власт, задушувајќи ја засекогаш украинската желба да се приклучи кон западните одбранбени сили на НАТО. Рускиот министер Сергеј Лавров на почетокот на инвазијата зборуваше за „ослободување на Украина од опресија”.
Што се однесува до наративот дека Украина развива биолошко оружје со асистенција на САД, тој е присутен од стартот на руската инвазија. На 6 март Министерството за одбрана на Русија тврдеше дека добило докази за тоа дека Украина и САД соработувале да развијат биолошко оружје. Во мноштво руски медиуми оваа информација одекна со брзина на светлината, а беше пренесена и кај нас. Според мајор генерал, Игор Конашенков, патогени за смртоносни болести, меѓу кои чума, антракс и колера биле создавани во овие лаборатории, за да бидат користени во биолошко војување и дека овие лаборатории ,,се основани од САД и од американското министерство за одбрана”.
Истражувачот за биолошко оружје и професорка на Кингс Колеџот во Лондон, Филипа Ленцос, за „Франспрес“ изјави дека нема индикации дека овие лаборатории во Украина се користат за да се развие биолошко оружје, туку нивната цел е да превенираат ширење на заразни болести. Според тинк-тенкот Атлантски совет, руските пропагандисти долго време шират пропаганда во Украина, вклучително и тврдења дека овие лаборатории експериментираат врз граѓаните. Особено бесмислено е тврдењето дека „фабриката Азовстал“ има било каква врска со креирањето на коронавирусот. Како прво, не станува збор за никаква „фабрика“ во традиционална смисла на зборот, туку, како што ѝ кажува името („стал“, односно „штал“ на германски значи челик), за железара, односно челичана.
Коронавирусот првпат се појави во Кина и има докази дека е природен, а не вештачки и создаден во лабораторија.
Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување.
Тврдењето дека во Украина постојат лаборатории финансирани од САД во кои се произведуваат патогени, фактички се турка од Русија уште од 2020 година. Во 2020 година медиумите блиски до Кремљ се обидоа да ја обвинат Америка за ковид пандемијата, сугерирајќи дека вирусот е создаден во лаборатории.
Токму тогаш, во мај 2020, во екот на ковид пандемијата, тајната служба на Украина издаде соопштение во кое ги упатува политичарите да престанат да шират дезинформации за постоење на ,,американски воени биолошки лаборатории во Украина”.
Нема странски биолошки лаборатории кои оперираат во Украина. Тврдењата од индивидуални политичари за наводното постоење на вакви лаборатории се невистинити и се намерно искривување на фактите,се вели во соопштението.
Во април 2020 година и американската амбасада во Украина издаде соопштение во кое вели дека сака да биде начисто, во врска со дезинформациите за програмата.
Во соопштението се вели дека:
САД и Украина имаат партнерство уште од 2005 година, за да го превенираат ширењето на заразни болести како и да овозможат мирно развивање на вакцини. Ова партнерство меѓу одделот за одбрана на САД и украинското Министерство за здравство е дел од Развојната програма за намалување на опасностите (Cooperative Threat Reduction Program), која почна во 1991 година со цел да се намали опасноста од оружје за масовна деструкција по распадот на Советскиот Сојуз.
Ова партнерство, не значи дека во Украина има лаборатории водени од САД , всушност, Одделот за одбрана на САД никогаш немал биолошка лабораторија во Украина.
Оваа програма за намалување на опасностите (U.S. Department of Defense Cooperative Threat Reduction Program), овозможи техничка поддршка за украинското Министерство за здравство од 2005 година, за да се подобрат јавните здравствени лаборатории, чија мисија е аналогна на таа на американскиот центар за контрола и превенција на болести, изјави за Политифакт Енди Вебер, член на одборот на асоцијацијата за контрола на оружје.
На 11 март „Бизнис Инсајдер“ објави дека теоријата на заговор дека во украинска лабораторија бил создаден коронавирусот, се појавила во Кина и тоа во комбинација со „тајни биооружја”.
После тоа на 25 март, повторно ја разобличи информацијата за постоењето на ваква теорија на заговор без никакви докази или поддржувачки аргументи кои би ја докажале, а истата потекло има во медиумот „Глобал Тајмс“.
„Бизнис Инсајдер“ пишува дека Кина и порано ширела теории на заговор дека коронавирусот е креиран во Форт Детрик, американска воена база и дека вакцините на „Фајзер“ убиваат луѓе.
На 10 март руското министерство за одбрана, исто така, шпекулираше дека од биолаборатории во Украина биле вршени експерименти со примероци на коронавирус. Но, ниеден доказ не беше презентиран.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека нема докази дека коронавирусот бил направен во лабораторија во Украина и потоа донесен во Кина.
Извор: Вистиномер