Принудниот пролетен распуст на основците и средношколците трае. Привршува и третата недела. По вчерашниот протест на наставниците пред СОНК кои се незадоволни од понуденото покачување на платите од 12 отсто, како и од најавата за продолжување на штрајкот во училиштата, многу граѓани и родители, од кои и такви коишто претходно го поддржува штрајкот на просветарите, остро реагираа на социјалните мрежи, потенцирајќи дека децата не се должни да ги трпат последиците.
Под многу објави во кои се известува за продолжување на штрајкот осамнаа негативни коментари. Во еден од комантарите се вели: Владата треба да прекине преговори со уценувачи! Наставници-срам!
Во друг коментар пак, граѓанка пишува дека “наставниците треба да одделат пари и за родителите, бидејќи половина работа ѝм ја одработуваат“.
Некои од граѓаните ги нарекуваат штрајкувачите ненаситни, дека се губи секаква смисла и дека е срамота децата да им бидат штит во нивната „замислена“ борба за поголеми плати, а самите ученици да бидат оставени во втор план.
Еден граѓанин вели „Само Груевски беше лекот за вас. Два дена ќе ве прошеташе околу Водно и домашните ќе ве прежалеа, После и за минималец ќе работевте како нас во приватниот сектор. Во друг коментар пак граѓанин прашува дали „седиштето на СОНК е во Белата Палата?“.
Се појавија и поригорозни коментари: Дајте им отказни решенија, продолжен зимски распуст, корона две години. Кога ќе работите вие?!. Една госпоѓа вели пак дека „и учениците ќе штрајкуваат по 10 јуни, засрамете се, сè ви е малку“.
Реакции на Сојузот на средношколци
Вчера реагираше и претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павичевиќ. Тој изјави дека е нехумано една цела генерација од 18.000 ученици да бидат оставени без можност за нивно усовршување и образование.
„Доволно е да се уништи сон на едно дете за да пропаднеме како држава, систем, образование. Станува збор за три генерации кои континуирано ги уништуваме. Сè што се случува во образованието мора да биде водено од интересот на детето“, вели Павиќевиќ.
Денеска реагираа и од СДСМ. Пратеничката Санела Шкријељ на прес-конференција изјави дека СОНК дејствува уценувачки на штета на учениците и дека наставата мора да продолжи.
„Повеќе од десет дена децата се надвор од образовниот процес и тоа во период кој е исклучително важен за учебната година, но и за уписите на полуматураните и матурантите. Раководството на СОНК, на двапати одбива предлог за зголемување на платите, како и нов Општ колективен договор за континуиран раст на платите во образованието и детската заштита и сето тоа во најголема глобална економска криза. Ова не е ништо друго освен уцена од страна на раководството на СОНК, на штета на учениците и наставниот процес, рече на денешната прес-конференција Санела Шкријељ“, пратеничка од редовите на СДСМ.
Според Шкријељ, учениците мора да се вратат на настава, затоа што последиците со кои веќе се соочуваат негативно влијаат не само врз образованиот процес, туку и врз нивниот личен развој.
„Себично, недозволиво и неодговорно е учениците десет дена да бидат надвор од училишните клупи само заради лични политички агенди на поединци од раководството на СОНК“, рече Шкријељ.
Реакции по повод продолжениот штрајк пристигнаа и од ЦИВИЛ – Центар за слобода. Оттаму велат дека интересите и добробитта на децата мора да бидат на прво место и апелираат сите да мислат примарно на децата, а не на сопствените, или уште помалку на партиските интереси.
„СОНК и институциите имаат обврска да ја почитуваат Конвенцијата за правата на детето, усвоена на Генералното собрание на ОН, со резолуцијата 42/25 од 1989 година, во која, меѓу другото, во член 28, се вели: Државите членки го признаваат правото на детето на образование и поради постепеното остварување на ова право врз основа на еднакви можности, посебно:
(а) Го прогласуваат основното образование за задолжително и бесплатно за сите;
(д) На сите деца на располагање им ги ставаат образовните и стручните информации и услугите за професионална ориентација;
(е) Преземаат мерки за поттикнување на редовното посетување на училиштата и за намалување на испишувањето од училиштата“, реагираат од ЦИВИЛ.
Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава, уште на почетокот на штрајкот повика на итно наоѓање на решение за да се избегне прекинот на наставата кој е штетен за децата.
„Сите имаат право да ги заштитат своите работнички права со штрајк. Во исто време, децата во Северна Македонија не можат да си дозволат дополнителен прекин на наставата и учењето. Мора да се изнајде брзо решение кое ќе им одговара на сите страни, а особено на децата, рече ДиЏовани.
Според неа, кризата во образованието трае веќе подолго време, децата за време на ковид-19 пандемијата 54 недели пропуштија настава со физично присуство, а исто така и зимскиот распуст беше продолжен со што децата изгубија настава повеќе од една недела.
„Веднаш по враќањето во училишните клупи, најважно е наставниците да го оценат нивото на знаење на учениците и да им обезбедат настава приспособена на потребите и нивото на детето. Треба да се размисли за мерки од типот на продолжување на времетраењето на наставата, организирање часови за надоместување на пропуштеното, приспособување на наставата за да се задоволат конкретните потреби од учење на учениците и ставање акцент на стекнување клучни вештини. На матурантите ќе им треба дополнителна поддршка да го совладаат материјалот за да може непречено да го продолжат своето школување во повисоките нивоа на образование“, потенцираат од УНИЦЕФ.
ДиЏовани нагласи дека ситуацијата е веќе алармантна, затоа што повеќе од половина од учениците на петнаесетгодишна возраст во земјата не го достигнуваат основното ниво на знаење по читање, математика и природни науки.
И. Зафировска