На страницата change.org е објавена петиција, односно собирање на онлајн потписи за укинување на државна матура за учебната 2021/2022 година. Веќе се собрани поголем процент од потписите.
Пeтицијата ја започна Drzavna Matura.
„Поради тоа што долг период бевме онлајн (2 години), зимскиот распуст беше продолжен и со штрајкот на професорите изгубивме дел од најклучните материјали, сметаме дека сме најоштетена генерација и немаме основа за да полагаме матура“, пишува во описот на петицијата.
Утрово преку соопштение се огласија и од СДСМ. Оттаму велат дека „уцените и политичкото делување на раководството на СОНК се на штета на учениците и наставниот процес“.
„Над 16.000 матуранти се во неизвесност заради политичката агенда на раководството на СОНК. Од нив околу 10 отсто или околу 1.600 не го поминале првиот дел од државната матура и не можат да полагаат испити во јуни. Загрозени се и уписите на оние матуранти кои своето школување планираат да го продолжат во странство и сето тоа само заради уценувачкиот однос на раководството на СОНК“, пишува во соопштението на СДСМ.
Во партиското соопштение пишува дека правото на образование на децата е уставно загарантирано и не смее да се дозволи заради политичка агенда да им се загрозува.
Штрајкот на наставниците е во тек, и ја привршува третата недела.
И. З.







