Преку проектот „ХОУП“ се обезбедени две комплетно опремени возила со кои се овозможува навремен и соодветен транспорт на прематурни и болни новороденчиња до неонаталната интензивна нега на Детската клиника, јавува МИА.
На завршниот настан на проектот ХОУП, министерот за здравство Беким Сали, рече дека се работи за значајна новина на Клиниката за детски болести со со цел во најбрз рок да се обезбеди потребниот третман за тие дечиња.
– Нашата цел е со примената на стандардните оперативни процедури и протоколи и со стручната едукација на персоналот да придонесеме кон намалување на стапката на доенечки морталитет, особено имајќи предвид дека првпат во поширокиот регион се овозможува ваква здравствена услуга за најмладите пациенти, рече Сали.
Вредноста на оваа инвестиција е околу 700 илјади долари, додека во рамки на целокупниот „ПериМак“ проект досега се обезбедени над 4 милиони долари.
– Во првата фаза од имплементацијата проектот ќе ги опфати Универзитетската клиника за детски болести – одделот за интензивна нега, и Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, во насока на унапредување на условите, капацитетите и експертизата во овие установи, рече Сали.
Дополни дека во соработка со „ХОУП“ изминатиот период се обезбедени стандардни пакети на опрема за гинеколошките и педијатриските потреби на Клиничката болница во Тетово и општата болница во Куманово и се организирани повеќе обуки за медицински персонал од целата држава.