Денеска во касарната „Илинден“ во Скопје, министерката за одбрана Славјанка Петровска се поклони пред спомен обележјето во чест на загинатите припадници на баталјонот за специјални сили, кои го изгубија животот на 28 април 2001 година во Вејце.
„Овој спомен нѐ учи заедно и единствени да ја градиме иднината, во мир и соживот, да се грижиме за нивните семејства и колеги, за сите припадници на безбедносните сили, како што тие се грижат за нас“, нагласи министерката Петровска.
Потсетуваме дека во 2020 година, Министерката за одбрана, Петровска, тогаш заменик министерка за внатрешни работи, беше прва меѓу владините функционери што го посети и местото и им оддаде почит на загинатите кај Вејце. Во таа прилика, Петровска на својот facebook профил напиша:
„28.04.2020, Вејце. На некои места луѓето градат споменици, а на некои места спомените за луѓето се вечни. Слава им на оние кои загинаа и нѐ обврзаа со спомените за нив.“