Русија се обидува да предизвика глобална ценовна криза, а украинскиот извоз ќе помогне да се стабилизираат пазарите, потенцираше украинскиот претседател Володомир Зеленски во најновото обраќање.
„Нескршлив народе на најхрабрата земја!
Завршува веќе 63-от ден од нашата одбрана. Ден за време на кој е направено многу.
Прво, се подготвува важна одлука на Европската Унија. Европската комисија се согласи да ги отстрани сите давачки и квоти за украинскиот извоз за една година, како и да ги суспендира антидампинг тарифите.
Денес разговарав за деталите од овој предлог со Претседателката Урсула фон дер Лајен. За овој чекор сум ѝ благодарен на неа лично и на сите наши европски пријатели.
Токму сега, ова ќе ни овозможи да ја одржиме максималната економска активност во Украина, нашето национално производство. Но, оваа одлука треба да се разгледа не само во украинскиот контекст. Доволниот извоз на нашите производи на европските и светските пазари ќе биде значајна антикризна алатка.
Русија се обидува да предизвика глобална ценовна криза. Да започне хаос на сите основни пазари и особено на прехранбениот. Украинскиот извоз ќе помогне да се стабилизираат пазарите. Така штоова е корисно не само за нас туку и за сите Европејци. Жителите на сите земји кои можат да бидат погодени од деструктивните амбиции на Русија.
Следни се уште одлуки на новите партнери за либерализација на нашиот извоз.
Се договараме и со Европската Унија како да го зголемиме потенцијалот на транспортните коридори на нашата западна граница.
Денес разговарав со Претседателот на Индонезија. Вклучително и за безбедноста на храната. Нагласив дека заканата од глад за милиони луѓе во различни земји ќе продолжи се додека Русија не почне да бара мир со Украина. Токму поради оваа војна што ја води Русија, десетици држави се најдоа во ситуација кога не можат да бидат сигурни во стабилноста на својот народ.
Благодарен сум ѝ на Индонезија за поддршката на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава, за чесната и одговорна позиција за време на гласањето во ООН.
Благодарен сум и за поканата да учествувам на овогодинешниот самит на Г20.
Разговор е извршен со Премиерот на Италија. Му се заблагодарив на г-дин Драги за неговата вклученост во истрагата за злосторствата извршени од руската војска. Го информирав за состојбата во борбените зони. Ја цениме поддршката на Италија за вистински ефективни санкции кои можат да ја завршат војната.
Оваа недела руското раководство започна нова серија енергетски уцени на Европејците. Одлуката за прекин на испораката на гас за Полска и Бугарија е уште еден аргумент во прилог на фактот дека никој во Европа не може да се надева на одржување каква било нормална економска соработка со Русија.
Русија го смета не само гасот, туку и секоја трговија како оружје. Само се чека моментот кога ќе може да се искористи една или друга трговска област. Или да ја искористи за политички да ги уценува Европејците. Или за зајакнување на воената машина на Русија, која како цел ја гледа обединета Европа.
Бидејќи колку побрзо сите во Европа препознаат дека е невозможно да зависиме од Русија за трговија, толку побрзо ќе биде можно да се гарантира стабилност на европските пазари.
Денес се одржа состанок на Конгресот на локални и регионални власти. Првата средба за време на војна од големи размери. Се разговараше за збир на прашања. Конкретно, обновата на нашата земја. Веќе работиме на сите детали за да може максимално брзо и ефективно да се реализира проектот за повоена обнова.
Нагласив дека очекуваме конкретни барања и предлози од локалните власти. За да можеме објективно да разговараме со нашите партнери, со Европската унија, со меѓународните донатори. Заедниците мора да ги дадат сите информации за уништените живеалишта, сите оштетени објекти.
Разговаравме исто така и за тоа како и по кој редослед да се градат, како да се организира купување на готово живеалиште. Нашата цел не е само да го обновиме сето она што е уништено од окупаторите. Но и да се решат застарените проблеми со редиците за домување и сл. За сите војници, спасувачи, полицајци, сите што работат за државата, да добијат сопствено домување.
Денес во Конгресот слушнавме извештаи за најрано можно обезбедување на живеалишта за ВРЛ. Во однос на интеракцијата помеѓу централните и локалните власти во заедниците кои се привремено окупирани.
Се разговараше за прашањата за развој на територијалната одбрана и координација меѓу локалните власти и агенциите за спроведување на законот.
Денес сакам особено да ги поддржам Украинците на југот на нашата земја. Во Херсон, во сите заедници во областа, во привремено окупираните делови на Запорижската област. Благодарен сум на секој и на секоја кои не се откажуваат. Кој протестира. Кој ги игнорира окупаторите и им покажува на оние маргиналци кои станале соработници дека тие немаат иднина. Колку е посилен нашиот отпор сега, толку повеќе отфрлање ќе видат окупаторите, толку побрзо ќе се врати нормалниот живот во нашата земја.
Вооружените Сили на Украина продолжуваат да ги тепаат напаѓачите на целата територија каде што продолжуваат воените дејствија. Благодарен сум му на секој од нашите бранители, на секоја наша бранителка кои прават се за Русија да загуби.
Мариупол, Маринка, Попасна, Северодонецк, Изјум, Рубижне, Днипрорудне, Мелитопол и сите наши други градови и заедници кои сега се во епицентарот на борбата за Украина. Таму војуваат за иднината на нашиот народ. Ви благодариме на сите што ја приближувате нашата победа!
Само што потпишав укази за доделување награди на нашите херои. На 173 воени лица на Вооружените Сили на Украина им беа доделени државни награди на Украина.
Титулата Херој на Украина му беше доделена на генерал-полковник Наев Сергиј Иванович, командант на Здружените сили на Вооружените Сили на Украина.
Вечна слава на секој и на секоја кои застанаа во одбрана на нашата држава!
Вечен спомен на сите што ги дадоа животите за Украина!
Слава на Украина!“, рече Зеленски.