ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

Митовите за руската воена моќ (2): Летот на руската ракета Сармат меѓу фактите и пропагандата

Најголемата опасност не доаѓа од ракетата Сармат. Тоа е само старо-нова чорба од пропагандната кујна на Кремљ. Руското вооружување, вклучувајќи го и „супер оружјето“ што сѐ уште не е произведено, ни оддалеку не е тоа што руската пропаганда го тврди. Но тоа не ѝ пречи на пропагандата да продолжи со продукција на застрашувачки и манипулативни содржини за домашна и меѓународна употреба. Проруската пропаганда се шири и преку дел од медиумите во Европа и на Балканот, особено во Србија, но и во Северна Македонија, која е членка на НАТО од 27 март 2020 година. Затоа, останува констатацијата дека руската пропаганда е најдоброто оружје произведено во Русија, а не самото оружје.

May 3, 2022 21:00
in ZOOM IN, АНАЛИЗИ, ДЕНЕС, СВЕТ
Share on FacebookShare on Twitter

пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

По трагите на насловите во проруските медиуми кои упатуваат дека Пентагон е во паника затоа што Русија тестираше ново оружје, тргнавме во мало истражување.

РС-28 Сармат (извор: ТАСС)

По голем број одложувања и проблеми, Руското министерство за одбрана лансира интерконтинентална балистичка ракета, (ICBM[1]), РС-28 Сармат, со НАТО ознака Satan 2, на 20 април. Лансирањето се изврши од космодромот Плесецк, во областа Архангелск, лоциран околу 800 километри северно од Москва. Министерството соопшти дека лансирањето е успешно и дека ракетата ја погодила целта во полигонот за ракетни тестирања Кура, на полуостровот Камчатка.

Космодромот Плесецк (извор: МО на Русија)

Ракетата РС-28 Сармат е лансирана во 15:12 часот, според московско време, леташе 3.600 милји или 5.793 километри со хиперсонична брзина. Леталата или ракетите со брзина пет или повеќе пати над 5 Маха се хиперсонични. Еден Мах е брзина од 1.225 километри на час (еднакво на брзината на звукот).

Траекторијата на Сармат, 20 април 2022

Сармат: Назив, развој и карактеристики

Ракетата е наречена Сармат, според античките Сарматијанци кои живееле на територијата на денешен Иран. Првпат за  се слушна уште пред повеќе од 8 години. Руското министерство за одбрана и самиот Путин, во февруари 2014 година, помпезно соопштија дека создаваат оружје што далеку ќе ги надмине сите во светот. Меѓу другото, тогаш беше најавен и проектот за производство на интерконтиненталната балистичка ракета Сармат со ветување дека ќе влезе во употреба во 2020 година.

Лансирањето на Сармат, 20 април 2022 (скриншот од ТВ Россиа 1)

Според тоа што е јавно достапно, Сармат ракетата се развива уште од 2007 година во државниот ракетен центар Макеев (Государственный ракетный центр имени академика В. П. Макеева). Во 2015 година се прават првите тестови, а во 2017 година се прави првото пробно лансирање на прототипот на Сармат. Ракетата леташе неколку десетици километри. И тогаш, руските власти објавија успех, но си дадоа време да го развиваат проектот понатаму.

Државниот ракетен центар Макеев

Според руски државни извори, Сармат е најмоќната ракета на светот. Има дострел од 18,000 километри и развива брзина од 20,7 Мах, односно 25.560 км/час (7,1 км/секунда). Со маса од 208 метрички тони, висина од 35,5 метри и дијаметар од 3 метри, Сармат секако е најтешката и најголемата интерконтинентална балистичка ракета. Има капацитет да носи 10-15 самостојни атомски боеви глави (MIRV).

Ракетите Р-36, претходници на Сармат: Застарен руски арсенал од советската ера, креиран и произведен во Украина

Сармат навистина е нова генерација ракетно вооружување во рускиот веќе одамна застарен воен арсенал од времето на Советскиот Сојуз. Дизајниран е за да ги замени ракетите од серијата Р-36.

Познати се девет варијации на советската Р-36. Постарите три модели (Р-36, Р-36ОРБ и Р-36П), со НАТО ознака SS-9 Scarp се развиваат во далечната 1962 година и се во употреба до почетокот на 80-те години на минатиот век.

Р-36М Воевода

Поновите шест модели, R-36M (SS-18), R-36M (SS-18 Mod 1), R-36M (SS-18 Mod 2), R-36M (SS-18 Mod 3), R-36MUTTKh (SS-18 Mod 4), R-36M2 Voevoda (SS-18 Mod 5), R-36M2 Voevoda (SS-18 Mod 6), се развиваат од 1964 година, се тестираат во 1973 година, а првиот од новата серија е оперативен од 1975 година. Во НАТО ознаката за шесте модели од поновата серија (од 70-те) е додаден и називот Satan (Сатана). Двата најнови модели Воевода се во употреба од 1988 година.

Со оглед на застарената технологија и низа други недостатоци, Воевода ракетите (Р-36М2) се „зрели за пензија“, иако се „најновата генерација“ интерконтинентални балистички ракети во служба на руската армија. Како и да е, во моментов, Стратешките ракетни сили на Руската Федерација имаат 45-50 Воевода ракети во функција.

Ракетите од серијата Р-36 се произведени во украинскиот воено-индустриски центар „Јужное“ (КБ „Южное“). Системите за навигација се изработени во украинскиот втор по големина град Харкив[2], во тогашното државно научно-производствено претпријатие НПО „Электроприбор“, сега холдинг под називот „Хартрон“.

Украинскиот воено-индустриски центар „Јужное“ (КБ „Южное“)

Сармат? Ништо особено.

Лансирањето на Сармат на 20 април, помпезниот Путин го следеше преку видео конференција, заедно со воениот врв. Во таа прилика, тој даде уште една отровна изјава во која дрско му се закани на светот. Рече рече дека Русија сега поседува ракета на која ѝ нема рамна во светот и дека непријателите сега ќе мора да помислат два пати пред да ја нападнат Русија.

Путин преку видео конференција со рускиот воен врв, го следеше лансирањето на Сармат, 20 април 2022.

Сепак, самите руски воени експерти, истиот ден, тивко додадоа дека на Сармат му е потребно уште време да биде усовршен. Значи, работата сѐ уште не е завршена, дури ни по повеќе од 15 години работа на овој проект.

Р-36М Воевода

Разликите меѓу Р-36 Воевода и РС-28 Сармат не се големи. Некои извори наведуваат дека се работи само за усовршен модел на Воевода. Новата РС-28 Сармат ракета има домет од 10.000 до 18.000 километри, што е малку подобро од неговиот претходник Воевода кој има домет од 10.200 до 16.000 километри.

РС-28 Сармат

Практично, помпезно најавуваниот, со повеќекратно пробивање на роковите, Сармат е само пропагандно застрашување на светот и не претставува промена во нивото на закана на евентуалното глобално боиште. Накратко, ништо особено. Американскиот Пентагон речиси и не реагираше и, со доза на рамнодушност, го дисквалификуваше руското, наводно, „супер оружје“ и не го смета за некоја дополнителна опасност. Навистина, Русија има значителен нуклеарен потенцијал, чија разорна моќ не е за потценување, но факт е и дека новата воено-технолошка авантура со Сармат и не е некој посебен скок во тој контекст.

„Супер оружје“ за пропагандните потреби на Путин

Да се потсетиме. Кога Путин за првпат се закани дека Русија развива „следна генерација“ оружје без конкуренција во 2014 година. Истата година, Русија ја започна војната против Украина и ги окупира полуостровот Крим и делови од Донбас на истокот од земјата.

Во 2018 година, Путин обелодени детали за Сармат во уште едно свое помпезно обраќање до нацијата и најави дека новото оружје ќе влезе во редовна употреба во 2020 година. Две години подоцна, Путин е заглавен во Украина. Изврши огромен број воени злосторства и геноцид. Затоа, очајно многу му беше потребно да го одвлече вниманието од својот катастрофален воен и морален пораз. За тоа му послужи лансирањето на оваа интерконтинентална ракета која, несомнено, има разорни капацитети. Но тоа е проект на кој му е потребно уште време за да се доврши. За производство на некој нов арсенал од Сармат и да не говориме.

Затоа, Пентагон е cool. Прес секретарот на Пентагон, Џон Ф. Кирби, по повод пробното лансирање на Сармат, изјави:

„Русија соодветно ги извести Соединетите држави, според обврските од договорот Нов СТАРТ[3], дека планира да го тестира овој ICBM. Ваквото тестирање е рутинско и не беше изненадување. Ние не сметаме дека тестот е закана за Соединетите Држави или нивните сојузници. Одделот [Пентагон] останува фокусиран на незаконската и неиспровоцирана агресија на Русија против Украина.“

Наспроти него, Дмитри Рогозин, првиот човек на државната агенција Роскосмос надлежна за надзор на проектот, арогантно изјави дека Сармат е „подарок за НАТО“ и најави дека до есен, оваа година, ова, како што го нарече, „супер оружје“, ќе влезе во редовна употреба. Најмалку две години подоцна од претходните најави.

„Ова е огромен успех за нашите дизајнери и инженери. Ние сме многу горди“ – изјави Рогозин во интервју за Россиа 24, како што пренесе руската новинска агенција ТАСС.

Но дали тоа е изјава само за пропагандните потреби на Путин, како што беше и самото лансирање на Сармат? По сѐ изгледа, да.

Бескрајните одложувања и проблемите на проектот Сармат

Проблемите на проектот Сармат се големи. Уште од почетокот, руските технолози имаат проблем да направат вистински технолошки скок и да се одвојат од робусната, непрецизна технологија својствена на Советскиот Сојуз. Тоа е оружје кое секако е опасно и смртоносно, но за Русија е и прескапо, а ни оддалеку не може да ѝ парира на западната технологија.

Покрив на подземен ракетен силос, соодветен за лансирање на Сармат.

Првите знаци за тоа дека Сармат е во неволја, датираат од 2015 година, кога беше предвидено да се извршат првите пробни лансирања. Заменик министерот на руската одбрана Јури Борисов тогаш за руското радио РСН изјави дека проектот се одвива во најдобар ред, дека пробно лансирање ќе има во 2015 година, а во редовна употреба ќе биде од 2020 година.

Сепак, првото тестирање беше одложено за крајот на 2016 година, под изговор дека проблемот е во силосот за тестирање, според едни, а дека тестирањето ќе се сели од Бајконур во Плесецк, според други извори. Но и тестирањето во 2016 година беше одложено за 2017 година.

Индикативна беше една нервозна изјава на рускиот министер Сергеј Шојгу на почетокот на 2017 година кога објави дека ќе бара неделни извештаи за прогресот во изработката на Сармат и подготовките за неговото прво пробно лансирање.

Путин и Шојгу при посета на поморската база во Санкт Петербург, 23 април 2022 (AP photo)

Вообичаено таинствена, руската одбрана тогаш покажа несекојдневна нервоза и тоа јавно. Но попусто. Бескрајните одложувања продолжија, па така, наместо да се започне со сериско производство во 2021, пробното лансирање се изврши дури на 20 април 2022 година, со најава дека ќе влезе во редовна служба во армијата во 2023 година.

Освен застарената технологија и ограничените капацитети да држи чекор со своите американски ривали, Русија има уште два големи проблеми: хроничен кусок на пари и огромна корупција. Но тој проблем се однесува на целата земја, а по крвавата агресија врз Украина, овие проблеми само ќе се продлабочуваат. Тешко дека тука може да помогне агресивната реторика и неуморната пропаганда.

Вистинската закана за светот е Путин, а не руското вооружување

Всушност, најголемата опасност не доаѓа од ракетата Сармат. Тоа е само старо-нова чорба од пропагандната кујна на Кремљ. Руското вооружување, вклучувајќи го и „супер оружјето“ што сѐ уште не е произведено, ни оддалеку не е тоа што руската пропаганда го тврди. Но тоа не ѝ пречи на пропагандата да продолжи со продукција на застрашувачки и манипулативни содржини за домашна и меѓународна употреба. Проруската пропаганда се шири и преку дел од медиумите во Европа и на Балканот, особено во Србија, но и во Северна Македонија, која е членка на НАТО од 27 март 2020 година.

Затоа, останува констатацијата дека руската пропаганда е најдоброто оружје произведено во Русија, а не самото оружје.

Еден крајно бизарен пример за тоа дека руската пропаганда веќе не бира средства е и шоуто на Дмитри Киселов. Тој на ТВ Россиа 1 симулираше ракетни напади, според кои од Велика Британија нема да остане ништо освен „радиоактивна пустина“. Киселов е под санкции на ЕУ од 2014 година.

Симулација на напад со Сармат ракета врз Велика Британија и Ирска (скриншот од емисијата на Киселов), ТВ Россиа 1, на 1 мај 2022

Претходно, на истиот канал, познатата руска пропагандистка, според некои извори и сопурка на Киселов, Олга Скабеева, заедно со ноторниот националист, шеф на партијата „Родина“, Алексеј Журављов, симулираа напади на Берлин, Париз и Лондон. Според нивните крајно заканувачки сценарија, Берлин би бил уништен за 106 секунди, а Париз и Лондон за околу 200 секунди по лансирањето на Сармат ракетите.

Симулација на напад со Сармат ракета врз Берлин, Париз и Лондон (скриншот од емисијата на Скабеева), ТВ Россиа 1, на 29 април 2022.

Овие сценарија и „стручни“ симулации на најгледаната програма во Русија не се ништо освен ехо на заканите од Путин, Лавров и Шојгу. Вистинската опасност за светот е самиот Путин, кој вели дека е спремен да изврши и нуклеарни напади за да се задржи на власт и преку закани со целосно уништување на светот да ја избегне одговорноста за воените злосторства и геноцидот што ги спроведува во Украина.

 


Дополнителни информации: При подготовка на овој текст користени се податоци од руски јавно достапни воени извори, независни интернет медиуми кои цитираат руски, американски и европски воени, политички и стручни извори, како и онлајн енциклопедиитеBritannica и англиските и руските верзии на Wikipedia.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Кина предлага создавање меѓународна организација за вештачка интелигенција

July 26, 2025
Извор: Valérie Batselaere/MSF

„Лекари без граници“: 652 деца починале од неухранетост во Нигерија за само шест месеци

July 26, 2025

САД прогласија група блиска до Мадуро за поддржувач на тероризам

July 26, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

    Македонците се лизгаат како дожд низ керамиди

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Ружин: Фокусот е во Брисел, не во Софија – резолуцијата е за рејтинг, не за решение

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Николовски: Бугарија нема да прифати резолуција без контра-понуда

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Нејмар се враќа во Европа

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Од недела пад на температурите со локален пороен дожд и ветер

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk