Се стравува дека 60 лица загинале во воздушен напад врз училиште во областа Луганск, кое служело како засолниште за цивили, јави ДПА, пренесува МИА.
-Во училиштето засолниште од нападите побараа околу 90 лица, изјави Сегеј Хаидаи, шеф на регионалната воена управа на Луганск, додавајќи дека 30 лица се извлечени од под урнатините, а седум од нив биле повредени.
Во урнатините досега се пронајдени две тела, изјави утрово Хаидаи, додавајќи дека „веројатно е дека сите останати 60 лица се мртви“.
Руски авион, соопшти синоќа Хаидаи, фрлил бомба врз училиштето во селото Билохоривка, кое е на околу 11 километри од бојното поле. Во подрумот на училиштето, рече тој, „имаше речиси цело село“.
Авионската бомба директно го погоди училиштето. За жал, зградата беше целосно уништена. Бидејќи беше авионска бомба, а не артилериска граната, кога се случи експлозијата, температурата беше огромна, рече Хајдаи.
„Нашите служби за итни случаи ќе се обидат да ги расчистат урнатините што е можно поскоро, но шансите се уште да има преживеани се мали. Се надеваме на најдоброто. Можеби некој успеал да преживее“, рече Хаидаи.
На пожарникарите им требале повеќе од четири часа да го изгаснат пожарот, што избувнал по воздушниот напад врз училиштето.