Карелискиот историчар и активист за човекови права Јуриј Дмитриев, кој беше осуден на 15 години затвор во Русија кон крајот на 2021 година, беше префрлен во колонија со строг режим и максимална безбедност во Мордовија. Ова го објави руски Интерфакс, повикувајќи се на адвокатот Виктор Ануфриев, пренесува Радиосвобода.
Историчарот казната ќе ја одлежи во казнена колонија во селото Потма. Дмитриев треба да помине уште 10 години во колонијата.
Првата кривична постапка против Јуриј Дмитриев беше покрената во 2016 година. Историчарот беше обвинет дека правел детска порнографија со учество на неговата посвоена ќерка. Тој ја негираше вината. Судот го ослободи Дмитриев, но во 2018 година беше отворен нов случај против него, во кој освен за правење порнографија, се товари и за сексуална злоупотреба на ќерката, развратни дела и недозволено поседување оружје.
Во летото 2020 година, судот во Петрозаводск го осуди Дмитриев на три и пол години затвор со максимална безбедност. Во септември истата година, Врховниот суд на Карелија ја потврди казната на Дмитриев на 13 години затвор со максимална безбедност. Во декември минатата година, судот му ја зголеми казната на Дмитриев на 15 години затвор. Судот го прогласи за виновен за детска порнографија, развратни дела и поседување оружје.
Тој претходно беше ослободен од сите овие оптужби.
Историчарот и раководител на Карелискиот „Меморијал“ Јуриј Дмитриев и неговите колеги ги открија гробниците во шумата Сандармох во 1990-тите, каде што луѓето беа застрелани за време на Големиот терор. Севкупно, евидентирани се околу 150 погребни јами, во кои може да има останки на околу 4,5 илјади луѓе.
Новинарската истрага го поврза прогонот на историчарот со Анатолиј Серишев, помошник на рускиот претседател, кој претходно го водеше одделот на ФСБ на Карелија, и чија задача беше да го исчисти регионот од опозицијата.
Превод: Жорж Димовски