пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Пред да го почнам овој текст, гледам на фејсбук, гледам на агенциските вести, гледам низ сајбер „подрумите“ што денес ќе се случува во земјата на две неспоиви „сладоледни“ топки; едната топка вели, „предвремени параламентарни избори – веднаш“, а другата топка вели, „парламентарни избори 2024 – редовни“.
Народот наш, уште велат, не може да му се погоди/угоди. И во право се. Штом на народот наш не може да му се погоди/угоди, тогаш не треба ниту да му се погодува и угодува. Нели? После 1948 година, народот наш, забрзано почна да учи руски, оти, нели, така беше наредено од Информбирото. Кога пукна Информбирото, потоа беше наредено поинаку – итно заборавање на рускиот јазик. Сакам да кажам: сериозна држава не треба да стравува од „реакциите на народот“, посебно не треба да стравува нашата, оти знаеме сите дека реакциите на народот се „како бубањ каже“.
Ете, вечерва, Мицкоски на „топ тема“ ќе беседи „дајте ми предвремени параламентарни избори“. Тоа почнува да ми одsвонува во главата како да се работи за некоја играчка која Мицкоски ја изгубил и никако не може да ја најде. Ваква инфантилизација во политиката е просто неверојатна. Надреална. Бајковита. А во конечноста – бесмислена.
Не ти даваме и може да се сликаш, кога би бил на местото на Ковачевски тоа ќе му го речам. И, што опции има Мицкоски во тој случај? Има, како нема, ама, рековме погоре, таквиот бубањ за Мицкоски во овие околности не работи. Прво, за да добие предвремени парламентарни избори има три опции: да се одметнат пратеници од сегашното мнозинство и да заминат кај него; ако тоа е неизводливо, втора опција е со масовни протести повторно да ја пучира Владата во Собрание, според примерот од 2017 година; тоа, пак, апсолутно е неизводливо, и трето: да се повлече од политика, таа партија да се реформира, да доведе нормални центар-десни конзервативци кои ќе се извинат за сите ѓурултии што ги направија последните 30 години, со особен нагласок на последните десет, и за некои пет или шест години повторно да се вратат на власт. Ама, рековме погоре, ќе се вратат на власт „ако тако бубањ каже“. Во спротивно, Мицко ќе си меле, а караванот ќе си врви.
И сега, на самиот крај, да кажам уште нешто за кое сметам дека е многу важно. На оние луѓе кои имаат афинитети или тежнеат кон апсолутна власт, било да се, нели, власт или опозиција, не треба да им се дава премногу јавен простор. Туку напротив, треба да се бори човек против нив; добро, ако се толку појаки, тие тој простор секако ќе го заземат, ама тоа ќе биде на сила, а таа сила потоа суштински ќе ги менува работите. Затоа што порано или подоцна ќе се освети и изјалови. Затоа што нелегитимната сила сама себе си го копа својот гроб, а ако е така, не е на одмет на тоа да фрлиме и една лопата.
Не може да биде премиер, а така очајно гребе и цика. Жал да го фати човека. Би било дури и базично нефер да му се фрли и уште лопата.
Личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.