Повеќе од 25 години посветена работа за унапредување на правата и статусот на жената во бизнисот, неуморна промоција на успесите на жените менаџерки, нивниот труд, борба, разбивање на предрасуди и секако спојување и обединување на жените во бизнисот заради меѓусебно помагање и соработка – ова накратко би бил описот на соговорничката на ФРОНТЛАЈН, генералната менаџерка на Агенцијата Марили, Лидија Трипуноска. Во пресрет на МАРИЛИ БИЗНИС ФОРУМ кој ќе се одржува на 28 мај во хотел „Инекс Олгица“ и кој ќе обедини многу жени менаџери, претприемачи и лидери од регионот, разговараме за борбата, предизвиците и големиот настан чијашто цел е – поддршка на жената во бизнисот.
ФРОНТЛАЈН: Марили Бизнис Форумот, оваа година, за првпат ќе биде на регионално ниво. На што конретно е посветен форумот и кои се неговите цели?
ТРИПУНОСКА: Агенцијата „Марили“ негувајќи ја долгата традиција на поддршка на жената во бизнисот и оваа година, водена од мотивот дека заедно сме посилни, организира Марили Бизнис Форум посветен на жените менаџери, претприемачи и лидери и ќе им овозможи да се вмрежат и соработуваат и на регионално ниво. Форумот ќе се одржи на 28 мај во хотел „Инекс Олгица Хотел & Спа“ Охрид.
Насловот на овој форум е „Современа бизнис раскрсница“ и има за цел да понуди современи пристапи и сознанија за успешно справување со бизнис предизвиците, да овозможи споделување искуства, да сподели сознанија за воспоставување економски баланс во турбулентна средина, да понуди пристапи за јакнење на личните капацитети и вредности во доменот на личниот менаџмент, да го согледа женското лидерство низ призмата на емоционалната интелигенција и да даде фокус на грижата за менталното здравје и убавина.
ФРОНТЛАЈН: Кои теми ќе ги опфати Форумот, кои ќе бидат соговорниците на панел дискусиите и кој за што ќе говори?
ТРИПУНОСКА: Првата сесија е ЕКОНОМСКИ БАЛАНС – турбулентни предизвици. Модератор на сесијата е проф.д-р Маја Кузмановска, директор на Бизнис академија Смилевски – БАС, а учесници се Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања и Трајан Ангелоски, претседател на ССКМ.
Втората сесија е насловена ЛИЧЕН МЕНАЏМЕНТ – создавање додадена вредност, чиј модератор е проф.д-р Даниела Карадаков – БАС, а учесници: Васка Мојсковска, сопственик и генерален менаџер на „Агро Калем“, Тимјаник и претседател на Фармерска федерација на Македонија и Едита Даутовиќ, извршен директор на „Милениум“, Подгорица, Црна Гора и претседател на Женско претприемништво на Црна Гора
Третата панел сесија ЕМОЦИОНАЛЕН БАЛАНС – женско лидерство ќе ја модерира проф. д-р Љупчо Кеверески, редовен професор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, професор на Универзитетот во Ново место, Словенија и национален координатор на Интернационалното здружение за емоционална интелигенција со седиште во Охрид. Учесници: проф.д-р Гордана Николиќ, сопственик и декан на Висока бизнис школа ПАР во Риека, Хрватска и доцент.д-р. Лиљана Крњета, претседателка на Здружение „Заедно во Европа“ од Бања Лука, БиХ.
Последната, четврта панел сесија е насловена МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ И УБАВИНА. Нејзин модератор е Елена Антоновска, сопственик и генерален менаџер на „Арс Луцида“ Скопје – компанија за личен развој, а учесници се: Шемса Емшериев, сопственик и генерален менаџер на „Еуростеп“ – Скопје и носител на проектот за жени „Минерва“, Олгица Ѓоргиева, моден дизајнер и сопственик на модното студио ОГ и Огнен Јанески, новинар во ТВ 24.
Форумот е замислен како интеракција помеѓу панелистите и публиката, со цел да се развие дискусија и дебата што на крајот ќе го заокружи продуктивно овој тематски ден.
ФРОНТЛАЈН: Паралелно со Форумот, истиот ден, по 26. пат ќе се одржи и манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ за изминатата година. Колку менаџарки ќе бидат наградени овој пат?
ТРИПУНОСКА: На крајот на работниот дел од денот, како финале на Марили Бизнис Форум, ќе се одржи свечената манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“, која годинава се одржува по 26.пат. Оваа традицонална манифестација овој пат ќе има регионален карактер и ќе награди 20 успешни менаџерки од Македонија и од регионот.
Со тоа „Марили“ ја продолжува традицијата на поддршка и промоција на женското менаџерство и ги охрабрува и поттикнува младите генерации жени смело да влезат во бизнис-водите и да градат успешни бизнис-приказни.
ФРОНТЛАЈН: Паралелно со манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ излегува и Бизнис каталогот со интервјуа на афирмирани бизнис имиња, но функционира и Марили Бизнис Клубот. Колку менаџерките од клубот соработуваат и си помагаат меѓусебно?
ТРИПУНОСКА: МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ е уште еден проект на агенцијата „Марили“ кој функционира од 2016 година и ги обединува сите жени менаџери што биле дел од сите 25 избори на најуспешни менаџери и им овозможува соработка, размена на идеи и искуства и вмрежување заедно со други менаџери, претприемачи и лидери од регионот и пошироко. Во МБК засега членуваат 250 менаџерки, од кои повеќе од 100 се постојано активни. Во изминатиот период Клубот организираше повеќе едукации, дебати и хуманитарни акции, а неговите членки активно се вклучени и во Марили Бизнис Форумот, што го организираме оваа година.
Еден од најстарите проекти на агенција „Марили“ со традиција од 26 години е Бизнис каталог на РС Македонија, којшто ги сублимира бројните содржини и интервјуа посветени на економијата, бизнисот, културата, спортот, а годинава посебен акцент се става на екологијата и животната средина, на што е посветен и воведниот дел. Каталогот ги следи сите современи форми на електронска презентација и промоција.
ФРОНТЛАЈН: Г-ѓа Трипуноска, сите сектори, па и бизнисот се најде во многу тешка состојба во иминатите две години, генерално заради ковид-пандемијата. Сметате ли дека жените менаџери добро се справија со кризата и каков удел имаат во надминување на истата?
ТРИПУНОСКА: Во изминатиот период постојано сме под притисоци од разни кризи. Пандемијата, пред сè која трае повеќе од две години, на неа се надоврза енергетската криза, а потоа и воената криза предизвиката од конфликтот во Украина од која најмногу се погодени микро, малите и средни компании, каде и најмногу гравитираат бизнисите предводени од жени.
Битката во рамки на женското менаџерство, лидерство и претприемаштво е голема за надминување на овие предизвици прво за опстанок, а потоа за развој на бизнисите. Голем дел од нив беа и солидарни и понудија хуманитарни средства и донации помагајќи ги здравствените установи и социјално загрозените семејства и поединци.
ФРОНТЛАЈН: Нотирајќи ги вашите заложби да се чуе гласот на жената во бизнисот, сметате ли дека тука, во нашата земја, сè уште има функции кои подеднакво ги вршат мажите и жените, а жените се помалку платени? Што велат искуствата?
ТРИПУНОСКА: Искуствата низ години што агенција „Марили“ ги има во различните проекти посветени на жената во бизнисот покажуваат дека жените се еднакво платени, но потешкотијата е во искачувањето до одлучувачки позиции, а тоа го покажува и ниската процентуална стапка за нивно присуство како претседатели на управни и надзорни одбори.
Во таа насока нашето општество треба да ги следи европските регулативи и да овозможи загарантирани стапки на учество на жените на одлучувачки позиции во сите сектори, па и во бизнисот.
ФРОНТЛАЈН: Како одличен познавач на состојбите на жената менаџерка и генерално жената во бизнисот, како го оценувате сегашниот статус на жената во бизнис секторот? Дали и колку е унапреден?
ТРИПУНОСКА: Секако дека постои унапредување на статусот на жената во бизнис секторот, тоа го покажуваат проектите на агенција „Марили“, а тоа особено се однесува на приватниот сектор и бројните семејни бизниси каде се поголем број жени се присутни како претприемачи, менаџери и лидери.
Секако дека општеството им овозможи на младите стручни кадри многу побрзо да напредуваат, надминати се традиционалните сфаќања за положбата на жената, а постојат и многу примери на успешни бизнис приказни предводени од жени.
ФРОНТЛАЈН: Од каде мотив и идеја дека токму жената во бизнис секторот е таа за која треба да се борите, дали појдовте од лично искуство?
ТРИПУНОСКА: Мотивот произлегува, пред сè, од периодот кога јас го започнав мојот бизнис пред 25 години, тоа беше период на транзиција, на премин од планирано социјалистичко стопанство кон пазарна економија кога постоеја многу мал број успешни приватни бизниси, претприемништвото беше во зачеток и довербата во жената дека може да постави и води успешно еден бизнис беше на ниско ниво.
Секако моето лично исуство во таа битка, храброста, упорноста, истрајноста да се постави една идеја и таа да се реализира и да продолжи успешно да се равива ме поттикна да ги поддржам и сите други жени кои го „газеа“ истиот пат.
ФРОНТЛАЈН: Како неуморна борка за правата на жената и промоција на нејзините заложби и труд, што би и порачале на македонската жена?
ТРИПУНОСКА: Мојата порака до македонската жена, а пред сè, до младите генерации е да веруваат во себе и да бидат неуморни, храбри, истрајни и упорни во реализација на своите идеи. Можности постојат, особено во областа на примената на современите технологии и користење консултантски услуги.
Потребно е да ги насочиме сите сили тука, на домашно тло да ги развиваме сопствените бизнис идеи и да постигнеме благосостојба за нас, нашите семејства, но и за нашата држава.
Генералната менџерка на Агенцијата Марили, Лидија Трипуноска, во 2018 година во Белград, стана добитничка на меѓународната престижна награда „Најжена на 21. век“, за својот долгогодишен ангажман и постигнати резултати во полето на маркетингот и продукцијата. Манифестацијата „Најжена на 21. век” постои од 2002 година и ја организира агенцијата „Аирли ниво” од Белград. Целта е на пошироката јавност, да и бидат претставени најуспешните, најпочитуваните, најсаканите, или накратко – најжените на 21. век.
Ивана Т. Зафировска