13.05.2022 година
Интервјуто на Мицкоски беше во манирот: нашето мнозинство ќе биде сè, вашето малцинство ќе биде ништо
Го погледнав интервјуто на Христијан Мицкоски на „Топ Тема“ и, какви ми се впечатоците?
Па, генерално критички. И кога ја критикувам денешната опозиција и нивниот потенцијален модел на владеење (затоа што знам како ќе владеат), која е мојата цел? Дали ги разбирам ВМРО-ДПМНЕ како закана за поредокот и граѓаните, или сметам дека овој денешен „режим“ на Ковачевски не е добар, па треба да го замениме со ВМРО-ДПМНЕ? Да се верува дека Мицкоски треба да дојде затоа што владеењето на Ковачевски е лошо, таквото верување го сметам за наивно.
Мицкоски во неговите аргументации на телевизиските интервјуа, со други зборови, мене ми вели дека неговото евентуално мнозинство ќе биде се’, а малцинството ќе биде ништо. Свесен сум дека неговото „мнозинство“ нема да прифати тој да биде мандатар „на сите граѓани“, и свесен сум дека тоа ќе биде една одвратна поза во која јас не сакам да учествувам. А всушност, кој од него тоа го бара? Што ако јас не сакам Христијан Мицкоски мене да ме претставува во Собранието.
Не сакам затоа што знам дека повторно ќе се вратат на старите националистички матрици: нашето мнозинство е се’, вашето малцинство е ништо, апсолутна нула. Дури, тврдам, Мицкоски лаже кога вели дека тој ќе ги претставува граѓаните во Собранието, мислејќи на оние кои ќе гласаат за него.
Не, граѓаните кои ќе гласаат за него ќе немаат никакво право на мислење, туку ќе бидат обичен декор во неговата популистичка машинерија. Малцинството во Собранието ќе има иста улога каква што ја имаше Ѓорѓе Иванов кога беше на нивната страна, а таа улога е „чист фикус“ поставен во собранискиот хол.
Постојат многу убави и речити, а постојат и некои егзотични зборови кои ја објаснуваат парламентарната демократија под чизмата на Груевизмот (не, се’ уште не е поразен, ако на тоа мислите!), и ако судиме од нашето искуство, малцинството во Собранието, да повториме, за Мицкоски и неговата партија нема да вреди пет пари. До сега, до овој момент, факт е дека единствена репрезентативна партија која се грижи за „мултиетничките и мултикултурните“ малцинства е СДСМ, што значи дека само таа ги помага репрезентативно етничките малцински групи. Да ги земеме за пример Албанците: не само што Ковачевски ги
Претставува и Албанците, туку СДСМ докажа дека тие, Албанците, може да бидат застапувани од неалбанец во Собранието. А партијата на Мицкоски мисли обратно: ние може да ги застапуваме само нашите, национални интереси! Па се поставува прашањето: што е со другите национални заедници, кој нив ги претставува во Собранието? И што е со сите останати интереси?
Добра власт е онаа власт која ќе ги убеди малцинските заедници обратно од ВМРО-ДПМНЕ: без разлика што се малцинство, тие во политичка смисла се важни. Ако оние кои се поразени сфатат дека се исклучени од заедницата на одлучување, таквиот став нив ги води кон поинакви сретства на борба.
Е, тоа, парадоксално, ВМРО-ДПМНЕ не го сака. На нив им треба малцинска група која ќе биде пасивен субјект така што својата политичка активност ќе ја сведе на бедна и физичка излезност на избори. Ги убедуваат своите гласачи дека се’ што треба да направат е да излезат на избори и – гласаат. А за тоа да се случи, тие граѓанинот го убедуваат дека гласот за нив навистина вреди. Се разбира, Мицкоски со други зборови им вели на своите членови дека се ништо, апсолутни нули, обична публика.
Оттука, јасно е, ВМРО-ДПМНЕ ни ја објаснува во себе својата внатрепартиска тоталитарна логика.
Мицкоски вели дека нивната партија е за Европа, а внатрепартиски води сталинистички пресметки. А кога е така, а во ВМРО-ДПМНЕ секогаш е така, демократските сретства се користат како демократска легитимација за тоталитарни практики.
Тука доаѓаме до мојата главна теза која вели дека ВМРО-ДПМНЕ во своето „изборно“ јадро е длабоко тоталитарна партија: мнозинството е се’, малцинството е ништо.
Кога ја критикувам денешната опозиција и нивниот потенцијален модел на владеење, која е мојата цел? Дали ги разбирам ВМРО-ДПМНЕ како закана за поредокот и граѓаните, или сметам дека овој денешен „режим“ на Ковачевски не е добар, па треба да го замениме со ВМРО-ДПМНЕ? Таквото верување го сметам за наивно. Да се верува дека на местото на Ковачевски треба да дојде Мицкоски кој ќе ја промени државата и ќе донесе повеќе демократија и благосостојба, го сметам, да простите, за налудничанво.
Денес има критика за Мицкоски, за нивното претходно владеење, со право, бидејќи во најголема мера денешното наследството е нивното вчерашно срање. Но, да се обидам да објаснам еден детаљ од интервјуто на Мицкоски во следната реченица: „кога ќе дојдеме на власт ќе се избориме со корупцијата“.
Груевски со „борба против корупцијата“ го легитимираше својот режим. И тука може да ја откриете неговата тоталитарна матрица, затоа што на крајот, целта им беше системот да се направи посилен и поцврст. Со лажна борба против корупција се создава обратен процес: борбата против корупцијата работи според инструкциите „од горе“. Тука, позади искинатата завеса на груевизмот, се плази јазикот на Мицкоски. Завесата може да ја вратиме, а претставата може да продолжи како ништо да не се случило – а тоа не смееме да си го дозволиме.
Единствено што ни преостанува е да бидеме верни на себе и да не ги изневериме очекувањата кои од нас се бараат. А тие се: Мицкоски и неговата политичка партија се длабоко тоталитарни, нема да ѝ донесат ништо добро на оваа земја, напротив, ќе го вратат национализмот и ќе прогонуваат вештерки. Оној што тоа не го исчитува, го сметам за наивен и неспремен за денешниот политички контекст.
11.05.2022 година
Жал да го фати човека, сака, а не му е дадено премиер да биде
Пред да го почнам овој текст, гледам на фејсбук, гледам на агенциските вести, гледам низ сајбер „подрумите“ што денес ќе се случува во земјата на две неспоиви „сладоледни“ топки; едната топка вели, „предвремени параламентарни избори – веднаш“, а другата топка вели, „парламентарни избори 2024 – редовни“.
Народот наш, уште велат, не може да му се погоди/угоди. И во право се. Штом на народот наш не може да му се погоди/угоди, тогаш не треба ниту да му се погодува и угодува. Нели? После 1948 година, народот наш, забрзано почна да учи руски, оти, нели, така беше наредено од Информбирото. Кога пукна Информбирото, потоа беше наредено поинаку – итно заборавање на рускиот јазик. Сакам да кажам: сериозна држава не треба да стравува од „реакциите на народот“, посебно не треба да стравува нашата, оти знаеме сите дека реакциите на народот се „како бубањ каже“.
Ете, вечерва, Мицкоски на „топ тема“ ќе беседи „дајте ми предвремени параламентарни избори“. Тоа почнува да ми одsвонува во главата како да се работи за некоја играчка која Мицкоски ја изгубил и никако не може да ја најде. Ваква инфантилизација во политиката е просто неверојатна. Надреална. Бајковита. А во конечноста – бесмислена.
Не ти даваме и може да се сликаш, кога би бил на местото на Ковачевски тоа ќе му го речам. И, што опции има Мицкоски во тој случај? Има, како нема, ама, рековме погоре, таквиот бубањ за Мицкоски во овие околности не работи. Прво, за да добие предвремени парламентарни избори има три опции: да се одметнат пратеници од сегашното мнозинство и да заминат кај него; ако тоа е неизводливо, втора опција е со масовни протести повторно да ја пучира Владата во Собрание, според примерот од 2017 година; тоа, пак, апсолутно е неизводливо, и трето: да се повлече од политика, таа партија да се реформира, да доведе нормални центар-десни конзервативци кои ќе се извинат за сите ѓурултии што ги направија последните 30 години, со особен нагласок на последните десет, и за некои пет или шест години повторно да се вратат на власт. Ама, рековме погоре, ќе се вратат на власт „ако тако бубањ каже“. Во спротивно, Мицко ќе си меле, а караванот ќе си врви.
И сега, на самиот крај, да кажам уште нешто за кое сметам дека е многу важно. На оние луѓе кои имаат афинитети или тежнеат кон апсолутна власт, било да се, нели, власт или опозиција, не треба да им се дава премногу јавен простор. Туку напротив, треба да се бори човек против нив; добро, ако се толку појаки, тие тој простор секако ќе го заземат, ама тоа ќе биде на сила, а таа сила потоа суштински ќе ги менува работите. Затоа што порано или подоцна ќе се освети и изјалови. Затоа што нелегитимната сила сама себе си го копа својот гроб, а ако е така, не е на одмет на тоа да фрлиме и една лопата.
Не може да биде премиер, а така очајно гребе и цика. Жал да го фати човека. Би било дури и базично нефер да му се фрли и уште лопата.
10.05.2022 година
Блокада во Собранието е друго име за подмачкување на институционалниот терор што ни следи
Ги слушнав изјавите и начинот на кој тие изјави се изговорени, „аргументирани“ и „оправдани“ за таканаречената „блокада во Собранието“. И, знаете како – во политиката како и во животот, сè зависи од тајмингот; нешто кое во еден политички контекст е исправно, нешто друго може да биде катастрофално. Една од тие катастрофи е и најавената блокада на Мицкоски во Собранието.
Зошто најмногу инсистирам на Мицкоски, а помалку на ВМРО-ДПМНЕ? Затоа што нема такво нешто како ВМРО-ДПМНЕ; таа партија е обичен идеологем, шуплина; таму еден зборува, еден се прашува, како што беше еден и пред Мицкоски. Немаат време нашите „врили сердари“ на такви суптилности: ВМРО-ДПМНЕ сум јас, а каде сум јас, не може да има ништо друго освен – јас. Така резонира политичка (егоцентрична) појава на потенцијален авторитарец.
Во оваа земја има само партиска опозиција, ги знаеме сите „персони драматис“ од тој кампус. Од друга страна, Ковачевски, а претходно и Заев, создадоа клима за „освоените права“ во јавната комуникација како и слободните избори. Во оваа земја слободата на јавен говор е загарантирана, а тоа, ќе ми простите, во времето на „позниот (или грозниот) груевизам“ беше мисловна именка. Е, гледаат кутрите дека е така, па го користат јавниот простор за кој, де факто, некој друг го освои како дел од „загарантирани парава“ на јавниот збор. И дуваат ли дуваат, хистеризираат ли хистеризираат.
На мицковци друг им ја донесе слободата; друг ја прифати како најголем цивилизациски домет во една демократија; друг им објасни дека во земја која се стреми за влез во Европа, слободата на говорот е неприкосновена. Каде беа сите денешни „драмосери“ во времето на Груевски? Никаде. Пикнати во глувчешка дупка, стрпливо чекајќи да измине „историската несреќа“.
Блокадите во Собранието од друга страна, покрај тоа што се бесмислени и суштински противправни одлуки, се и против парламентарната демократија. Не сфаќа Мицкоски дека го урнисува легитимитетот на неговите пратеници, како стекнат легитимитет од изборите во 2020 година. Што Мицкоски ќе прави од своите пратеници? Ќе ги носи како телиња на колење, лажно ќе се јуначи дека може да го оддува постоечкиот „режим“ на Ковачевски. Никаде денес во Европа опозицијата не е толку катастрофална и бедна каква што е во Македонија.
Парализата во општеството не смее да се продлабочува, а ако веќе вистински сакаат блокада, тогаш не би било лошо да се остават во таквиот „наум“, па слободно нека се распаѓаат и нека пропаѓаат. Оти, штетата нема да биде за СДСМ или Владата, штетата ќе биде предизвикана најпрво во Мицковите редови. Парламентарниот легитимитет на сегашните паратеници од редовите на опозицијата ќе биде засилено омразен пред граѓанството и народот. А ако сакаат да блокираат сè, тогаш треба јасно да се каже дека бојкотот ќе биде само за да се продлабочуваат поделбите и омразата помеѓу обичните граѓани, оние кои реално се и најранливи и најзагрозени во денешната светска криза предизвикана од Русија.
Е, сега. Се поставува уште едно прашање. Дали со ваков бојкот, со ваква блокада во Собранието, во суштина нема да претставува „подмачкување на автократијата“ во општеството; дали ќе биде така како што јас го формулирав овде, тоа ќе видиме за брзо. А, ако СДСМ ова го знае, а верувам дека го знае, мора одлучно да реагира. Оти кога е криза, знаеме кој на површина испливува: секогаш се тоа најлошите струи и енергии во општеството. А ако тој „бајпас“ не се санира брзо, веќе на следниот „свиок“ добиваме разјарена и подмачкана автократија. Значи, да се запре „подмачкувањето на автократијата“ на Мицкоски: тие блокада, ние решенија; тие конфликти, ние закони. Законите се направени како sид и брана за заштита на самоволието од разни деничарско-радикални зулуми. Размислете малку.
09.05.2022 година
Смрт на фашизмот, слобода за народот свој
До сега, барем додека го (ис)пишувам овој текст, се’ уште нема абер од Мицкоски, барем реторички или протоколарно, да го честита денот на Европа, односно да го честата 9-мај, Денот на победата над фашизмот. Зошто ништо не зборува Мицкоски на денешниот 9-ти мај, дали ние делиме исти вредности или нешто сосема друго е во прашање?
На денешен ден е скршен нацизмот. Втората Светска војна беше најголемиот вооружен конфликт во историјата на човештвото, а Мицкоски молчи. Преку десет милиони животи згаснаа, а повеќе од 3 милиони станаа раселени, заминаа во емиграција, а Мицкоски молчи.
Овој 9-мај е ден на Европа, а Мицкоски молчи. На овој датум треба да славиме, а Мицкоски молчи. Добро, не може да славиме, ако знаеме дека на илјада километри од нашата територија има убиени и раселени oд злотворот Путин, а тоа е Украина. Ама може да се присетиме, може да кажеме што ни е драго и за што се залагаме и веруваме. Можеме, тоа би требало да биде нашата обврска како луѓе и граѓани. Да покажеме емпатија за оние кои се живи и раселени; може да кажеме и’ дека сочувствуваме со 15 илјади затворени руси кои не се согласуваат со Путиновата инвазија во Украина. Не само што мораме, туку за овие работи не смееме да молчиме.
А Мицкоски и натаму молчи.
После Втората Светска војна, веднаш после 1945 година, на жените им се даде право на глас, им се дозволи да учествуваат активно и рамноправно со мажите во политиката, а Мицкоски и на тоа молчи.
После Втората Светска војна, Македонија доби свој признат македонски јазик, доби своја државност, доби свои институции. Македонија после Втората Светска војна беша образец за еманципација. Македонија после Втората Светска војна изгради и подигна се’ што денес постои, a Мицкоски и на тоа молчи.
Од друга страна, Ковачевски не молчи. Зборуваше денес пред Владата, пред дипломатите, пред министрите и пред широката јавност, зборуваше за она што му е драго и за што се залага. Ковачевски на 9-ти мај не молчеше. Не молчеше ниту амбасадорката на САД во Македонија, а, на мое големо задоволство, ја видов и амбасадорката на Украина меѓу присутните.
Премиерот Ковачевски рече: „Изборот на македонскиот народ, заедно со сите други народи беше македонската држава да биде создадена како дом на слободата. Дом на слободата за сите нејзини граѓани без исклучок. Држава на сите и за сите. Дом каков што е денеска Европската Унија, како што е напредна и прогресивна Европа”.
И тоа мене ми е доволно. Овие зборови мене ми се сосема доволни. Се залага човекот за вредности, се залага и верува во Европската идеја, пропагира човекови права, слободи, индивидуализам… Не молчи, не е рамнодушен. На толкава жртва, на толку мртви и раселени, на 9-ти мај пристоен човек не молчи.
Добро, да бидам отворен: на денешен ден се молчи само ако сте неопеана битанга. Ако сте шибицар, непрокопсаник, ако сте бесчуствителен кобник, ако сте се’ тоа, велам, подобро е да молчите.
Ама ние не сме тоа. Ниту некогаш ќе бидеме тоа.
Смрт на фашизмот – слобода на народот!
Ненад Јовановиќ