Министерот за здравство на Шкотска, Мари Тод во парламентот на Шкотска изјави дека нема поврзаност меѓу случаите на хепатитис и ковид-19 вакцинацијата, зoшто ниедно од децата не е вакцинирано. И во Шпанија во тек е истрага за тоа што е причинителот за хепатитисот. Во официјалното соопштение од Светската здравствена организација се тврди дека причинителот на овој нов вид на хепатитис засега не е откриен, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук кој се однесува на новиот вид хепатитис кој се појавил кај децата од повеќе земји во светот, а за кој извести Светската здравствена организација.
Во постот што го рецензираме се тврди дека компанијата Фајзер признала дека нивната вакцина против ковид-19 е причинител за овој хепатитис.
Здрави деца преку убиствени вакцини до тежок хепатитис, кој не се лекува освен со трансплантанција на црн дроб. Дали има случаи на вакцинирани деца со хепатитис икс во Македонија? Велат нема, а колку деца се вакцинирани кај нас?, се вели во постот што го рецензираме.
Во него се додава и дека СЗО издала глобално предупредување за нова форма на хепатитис кој ги погодува здравите деца во Велика Британија, Шпанија и Ирска, а студија на Фајзер сугерирала дека виновна е вакцината против ковид-19.
Меѓутоа, не е точно дека СЗО и Фајзер воопшто ја разгледуваат вакцинацијата против ковид-19 како причинител за новиот хепатитис. Поголемиот дел од заболените деца не се ни вакцинирани против ковид-19. Наспроти лажните тврдења во постот што го рецензираме, една од хипотезите е дека самиот коронавирус односно аденовирус е МОЖЕН, НО НЕДОКАЖАН причинител. Не е уште познато од каде потекнува хепатитисот, но Фајзер нема признаено дека е од нивните вакцини против ковид-19. Тоа е комплетна дезинформација изнесена во постот.
Фактите се дека на почетокот на април, СЗО и Агенцијата за здравство на Велика Британија, пријавија дека има зголемување на бројот на случаи на заразени деца со хепатитис.
Во Британија се пријавени 74 вкупно такви случаи. Европскиот центар за контрола и превенција на болести, исто така објави предупредување на 12 април 2022 дека има акутен хепатитис кај деца, предупредувајќи дека симптомите се гастроинтестинални.
И Центарот за контрола и превенција на болести на САД помага здравствените власти да испитааат случаи на хепатитис кај деца во Алабама. Додека се случува сето ова, на социјалните мрежи без докази, факти и аргументи, се крева паника и неосновано се тврди дека случаите на хепатитис меѓу децата биле поврзани со вакцинацијата против ковид-19.
Претставник на британската агенција за здравство за Ројтерс изјавил дека во Велика Британија нема поврзаност меѓу ковид вакцината и случаите на хепатитис.
Ниеден од моментално потврдените случаи во Велика Британија не е вакциниран, рекол тој.
Една од причините за појавата на новиот вид хепатитис, според британската Агенција за здравствена безбедност е групата вируси наречени аденовируси.
Меѓу другите причинители кои се можни и кои ги истражуваат британските здравствени власти се други инфекции и општествени причинители. Од 13 случаи пријавени во Шкотска, од кои десет имале потешка форма на болеста, три биле позитивни на ковид-19, пет биле позитивни на аденовирус, а два резултати се чекаат.
Министерот за здравство на Шкотска, Мари Тод во парламентот на Шкотска на 19 април изјави дека нема поврзаност меѓу случаите на хепатитис и ковид-19 вакцинацијата, зошто ниедно од децата не е вакцинирано.
И во Шпанија во тек е истрага за тоа што е причинителот за хепатитисот.
Кога ќе се погледне официјалното соопштение од Светската здравствена организација станува уште појасно дека причинителот на овој нов вид на хепатитис засега не е откриен.
Во соопштението пишува дека е потребна дополнителна работа за да се идентификуваат нови случаи, и во афектираните земји и на други места. Приоритетот, според СЗО, е да се открие причината за случаите, за да се преземат понатамошни превентивни дејства. Во соопштението се додава дека честа превентивна мерка за аденовируси и други чести инфекции е често миење на рацете и респираторна хигиена.
Ги охрабруваме земјите да ги идентификуваат, да ги истражуваат и да ги пријавуваат потенцијалните случаи. Епидемиолошките и информациите за факторите на ризик треба да се собираат и да се доставуваат до СЗО и другите агенции низ договорените механизми. Било каква епидемиолошка поврзаност меѓу случаите може да обезбеди траги за следење на изворот на болеста. Привремените и географски информации за случаите како и нивните блиски контакти треба да се разгледуваат како потенцијални ризик фактори. СЗО препорачува да се прават тестирање на крвта, урината, столицата и да се истражуваат респираторни примероци како и да се прави биопсија на црниот дроб (кога е тоа можно) со понатамошно карактеризирање на вирусот, вклучително со секвенционирање. Не се препорачуваат рестрикции во патувањата ни во Велика Британија ни во другите држави каде се идентификувани случаи,пишува во официјалното соопштение на СЗО.
Во истото соопштение се вели дека Обединетото Кралство била првата држава којашто пријавила неочекуван и значителен пораст на случаи на акутен хепатитис од непознато потекло кај млади, генерално претежно претходно здрави деца. Според СЗО, една од хипотезите за причината е аденовирус, но тоа не ја објаснува целосно сериозноста на клиничката слика.
Има повеќе од 50 типови на имунолошки различни аденовируси кои може да предизвикаат инфекции кај луѓето. Аденовирусот тип 41 типично се презентира како дијареа, повраќање и треска, често пропратно со респираторни симптоми. Иако има пријавени случаи кај имунокомпромитирани деца со аденовирусна инфекција, аденовирусот тип 41 не е причинител на хепатитис кај инаку здравите деца. Факторите како ниска изложеност на аденовируси за децата за време на ковид пандемијата, потенцијалната појава на нов аденовирус, како и Сарс Ков 2 инфекција, треба дополнително и понатамошно да се истражуваат. Хипотезите поврзани со несакани ефекти од вакцината против ковид-19 не се поддржани затоа што огромен дел од афектираните деца не примиле вакцина против ковид-19, велат од СЗО во своето соопштение.
Како што претходно пишувавме, доктор Илчо Ефкоски на својот Фејсбук профил, исто така,објаснува дека 10 од 13 деца во Шкотска развиле тежок облик на болеста, а во исто време се пријавени и 17 трансплантации на црн дроб за да се спасат дечиња во светот.
Хепатитисот може да биде предизвикан од различни вируси како најчести причинители, потоа хемиски супстанции (пр. лекови), габички, бактерии итн. Сепак најчесто е предизвикан од вируси и се именува како хепатитис А, Б, Ц, Д и Е, а кога хепатитисот е предизвикан од непознат вирус, тој се нарекува хепатитис Х (како во овој нов случај по светот, бидејќи не е докажан ниту еден од веќе познатите причинители). Исклучено е дека е последица на вакцините против ковид-19, бидејќи ниту едно од децата немаат примено вакцина. Дали е последица на прележан ковид-19, засега не може да се потврди, иако некои од децата имаат историја за позитивен контакт и/или тест, но во ова време кога САРС-КоВ-2 беснее низ светот, чудно би било и да нема вакви случаи. Истото се однесува и за аденовирус како причинител, бидејќи буквално луѓето секојдневно се бањаат во аденовируси со децении наназад, пишува Ефкоски.
Поради горенаведените факти, оценуваме дека не е точно дека Фајзер признале дека нивните ковид вакцини се причинители за појавата на новиот хепатитис, ниту пак дека вакцинацијата е причинител за оваа болест. Причините се уште се испитуваат. Истото го констатираат и бројни проверувачи на факти од земјите во светот, каде се шири истата дезинформација.