Дезинформациие се насочени и против нашата евроатлантска ориентација, особено од почетокот на руската инвазија на Украина, Северна Македонија е мета на дезинформации кои имаат за цел да поттикнуваат антизападно расположение кај македонските граѓани и да заговараат нејасни алтернативи на ЕУ и НАТО. Поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат стратешките определби, дезинформациите можат да придонесат за дестабилизирање на државата, рече претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски во своето обраќање на отворањето на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“ во организација на Фондацијата Метаморфозис.
Тој додаде дека пандемијата на ковид-19, руската инвазија на Украина и економската и енергетска криза ја покажаа не само моќта на дезинформациите да се шират лесно, туку покажаа и колку е тешка борбата за нивно препознавање и сузбивање.
„Филтрирањето на личните и спротивните мислења придонесуваат за вкоренување на одредени предрасуди и вредности со што се зголемува недовербата и се продлабочуваат поделбите во општеството“, нагласи Пендаровски.
Претседателот додаде дека дезинформациите имаат цел да создадат страв, а и најголемиот проблем кој го предизвикуваат дезинформациите е сè почестата појава на сомнежи во мислењето на науката и експертското знаење што ја доведува во прашање објективната вистина на глобално ниво.
„Народот е уморен од чекање. Резултатите од истражувањето на Метаморфозис покажуваат дека најголем дел од македонските граѓани се согласуваат нашата земја да влезе во Европската унија, но не по цена на компромиси со соседните држави. Второ, поради закочените интеграции ние со години наместо со суштински европски реформи се занимававме со самите себе. Тоа негативно се одразува на функционалноста на институциите и владеењето на правото и создава плодна почва за ширење дезинформации“, рече Пендаровски.
Претседателот истакна и дека истражувањата од последните години покажуваат и дека големо мнозинство од младите од Македонија имаат наклонетост кон авторитарни лидери, што е директна последица на поддршката на авторитарните наративи што се шират преку дезинформации.
Премиерот Димитар Ковачевски, кој на конференцијата учествуваше со видео-обраќање, се заложи дека Владата, а и тој лично, сите препораки од конференцијата ќе ги сметаат како суштински придонес во создавањето на мултисекторски пристап за соодветен одговор на заканите и последиците што ги предизвикуваат дезинформациите.
„Владата застанува одлучно во спротивставувањето на дезинформациите и постојано воспоставување партнерство во оваа глобална битка, заедно со НАТО, Фејсбук и Гугл и со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции и со медиумските организации и со медиумите“, истакна Ковачевски.
Раководителот на програмата Фонд за пристап до информации, ДТ институт, Вукашин Петровиќ во своето обраќање се осврна на руските влијанија во обидите за уништување на европските демократски вредности.
„Без разлика како војната во Украина ќе заврши, Русија успеа да ја поткопа демократската агенда која требаше да се случи во следните децении“, рече Петровиќ.
Извршната директорка на Фондацијата Отворено Општество Македонија, Фани Каранфилова Пановска рече дека дезинформациите се ендемичен и сеприсутен дел од политиката во сите држави од Западниот Балкан, и тоа без исклучок. Таа истакна дека ширењето на дезинформациите станува сè поголем ризик по безбедноста на државите и институциите, а со тоа и по безбедноста на граѓаните и нивната благосостојба.
„Дезинформациите највирулентно напредуваат во средини кои веќе се разнишани од внатрешни конфликти и каде што општествената и јавната доверба се борат да ги премостат политичките, регионалните, етничките, верските или другите поделби“, рече Каранфилова Пановска.
Таа изрази загриженост за сите направени анализи кои говорат дека геостратешката политика на Русија – и, во многу помала мера, онаа на Кина – ќе продолжи да биде фокусирана на Западен Балкан како критична точка за блокирање на проширувањето на ЕУ и на НАТО. Дезинформациите беа и најверојатно ќе останат клучна алатка во овие напори.
„Трансатлантскиот јаз што го отвори администрацијата на Трамп создаде можности, кои сè уште не се надминати, за Москва, Пекинг и Анкара, како и домашните актери да користат дезинформации за да го поткопаат европското и евро-атлантското влијание“ додаде Каранфилова Пановска.
Директорот на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари во своето обраќање рече дека кај нас уште од 2010 година кога медиумите, а и сите извори на информации беа контролирани, беше забележливо дека постојат тенденции за поткопување на демократското владеење.
„Нашиот регион и нашата држава се многу плодна почва за теории на конспирации. Видовме дека мора многу да работиме за да создадеме критичка маса на луѓе кои имаат знаење да ги препознаваат некредибилните извори, пропагандата, лажните вести и да имаат вештини за критичко размислување за да овозможат на некој начин нашето општество да стане имуно на странските влијанија“, рече Јашари.
Тој нагласи дека борбата против овие „бранови“ кои надоаѓаат, секогаш кога се случува некој важен политички процес, треба да се регулира во соработка со владините институции.
„Да се обидат да создадат законска рамка или стратегија што ќе овозможи поефикасно да се справуваме со овој феномен, но исто така државните институции да бидат потранспарентни и отворени за да не се остава простор за било какви шпекулации и манипулации со информациите. Новинарите и професионалните здруженија да се обидат уште повеќе да ги засилуваат и имплементираат принципите за кои се залагаат и се вкоренети во Кодексот за професионално новинарство“, заклучи Јашари.
Извор: МЕТА