пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Апасиев, во нашата суверена земја која е дел од НАТО, ја игра руската пропаганда на релативизирање. Тоа треба јасно да се каже. Овој човек станува опасно-инфективна личност. Дури не се срами од релативизирање, па вели: „ќе бевме држава ако го забраневме бомбардирањето на Србија“.
Виде Апасиев дека Северна Македонија, Бугарија и Црна Гора денес му забранија на Лавров воздушен лет за да доаѓа на посета кај Вучиќ, па побрза да ги брани своите „идеолошки татковци“. Јас, искрено, страшно се срамам од овој таканаречен „левичар“, отворен љубител на Путиновиот режим.
Знаете кои игри ги игра пропагандата во Кремљ? Игра на релативизација која отприлика вака ги аргументираат путинолозите: „зборувате за масакрите во Украина од страна на Путин? Добро, а Сирија, а Ирак, а Авганистан“. Или, пак, примерот на денешната порака на Апасиев: „ќе бевме држава ако го забраневме бомбардирањето на Србија“.
На одвратно-бесчуствителната теза на Апасиев ќе одговорам на следниот начин: да, ова е држава во права смисла на зборот. Да, не сме лигави и бедници, нашата држава ја поддржува Украина за да истрае во својата борба за сувереност и сопствена еманципација како украинци. Притоа, оваа држава јасно застана на страната на Европската унија и САД. Без разлика на сите консеквенци што ќе ги предизвика режимот на Путин. Така работат вистински држави: во време на војна јасно се одредуваат за послабиот, за оној кој треба да му се признае неговата онтолошка сувереност, самобитност и желба за лична еманципација прво како украинци, а потоа и кон Западниот, Европски свет.
А тоа што Апасиев се вљубил во Путин, тиранин со царистички фантазми, тоа повеќе кажува за Апасиев, одошто кажува нешто за Владата и нејзината добра политика.
Oд друга страна, таа злоба на Апасиев мене ми е позната. Тоа зло, таа иманентна омраза кон сопствените граѓани, Апасиев ја манифестира со години. На таа омраза оваа несреќна фигура направи кариера. Таа кариера за мене е одвратна, ама сепак, е кариера. И немам сомнеж: доброто отсекогаш на овој свет било дефицитарно, а тоа што е дефицитарно е скапо, па со самото тоа и добрината е скапа, и на крајот, луѓе како Апасиев, тоа ултимативно зло, ни ја сведочи лагата која, за мене, во крајна линија е безвредна. А оние што ја зборуваат вистината, è тоа е она кое е навистина скапо, затоа што во суштина е многу вредно.
А вистината гласи: Путин ја нападна Украина негирајќи им го нивниот украински идентитет, велеќи им дека тоа не се украинци, туку дека се руси; а НАТО ја нападна Србија не за да го негира српскиот народ, туку го бомбардира Белград бидејќи немаше друг начин како да го тргне диктаторот Милошевиќ. Дури и сериозни теоритичари и новинари од Србија, велат: „ако не беше интервенцијата на НАТО во Србија, прашање е дали ќе паднеше и денес Милошевиќ“.
Така што, јасно е Апасиев за кого игра, и ова што го зборувам, тој го знае, не верувам дека дотколку е глупав, ама јасно е и тоа дека дечкото работи за оние кои во менталитетска смисла кај нас се наречени „кагебеовско-удбашки“ структури.
И тие структури не се ниту за „македонизмот“ или, како што тие велат, „за Македонија“, туку обратно, тие структури отсекогаш биле квислиншки. Одработувале за туѓи држави. Не треба голема памет да се открие за кого Димитар Апасиев работи и одработув. Со сигурност тоа не е Македонија и нејзините граѓани. Тоа се гледа како отворена врата. Само е доволно човек во политиката да го слушнете што и како зборува. И самото ќе ви се каже.
Личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.