пишува: ЉУБИША НИКОЛОВСКИ
Во секојдневната препирка меѓу власта и опозицијата, деновиве беше актуелна посетата на ВМРО-ДПМНЕ на Конгресот на Европските народни партии (познати по кратенката ЕПП) во Ротердам.
Таму, според обвинувањата од страна на СДСМ, Мицкоски ги поткопал државните интереси и извршил предавство, затоа што во Резолуцијата што при тоа била усвоена, ги поддржува ставовите на Бугарија за европската перспектива на Македонија.
Имено, иако во Резолуцијата ЕПП го поддржува отворањето на преговорите, во неа има и контроверзни ставови кои се буквално на линијата на она што Бугарија го посочува како причина за продолжување на ветото кон Македонија.
Во неа меѓу другото се вели:
„Жалиме што досега не е договорена преговарачка рамка за да се овозможи организација на првата Меѓувладина конференција и што не беа следени заклучоците на Советот од март 2020 година, бидејќи не беа постигнати опипливи резултати во однос на спроведувањето на билатералните договори со Бугарија.“
И уште: „Ние цврсто го охрабруваме граѓанското општество и власта да преземат соодветни мерки за историско помирување: да се надминат поделбите меѓу различните етнички и национални групи, вклучително и граѓаните со бугарски идентитет и потекло“.
На ова Мицкоски не само што не реагирал додека текстот на Резолуцијата се подготвувал, туку не се знае ниту дали воопшто усно протестирал, ниту зошто не ја блокирал работата на Конгресот со амндмани, (како што тоа го прави тука кога е незадоволен со одреден текст на закон), зошто не реагирал откако била донесена, а не се знае и ниту како гласал при нејзиното усвојување.
Оттаму и обвинувањата кон Мицкоски за поткопување на националните интереси на Македонија се на место, затоа што со неговиот пасивен однос, тој и дава за право на Бугарија дека Македонија нема да оди напред кон ЕУ само затоа што не ги прифаќа нејзините барања со кои се негира македонскиот јазик и идентитет и не се внесени Бугарите во Уставот.
Останува нејасно зошто делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ не реагирала дека ниту правата на Македонците во Бугарија не се почитуваат и не побарале реципрочни мерки, па и тоа да влезе во Резолуцијата на Конгресот на ЕПП.
Но, меѓународно, сè уште неопитниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ не ја научил „двокомпонентната“ игра со „морковот и стапот“ на европските политичари.
Она што претставниците на ВМРО-ДПМНЕ успеале таму, е меѓу превеаните доајени во политиката, да им се пожалат на маните на актуелната власт во земјава и добиле подршка во тоа.
Добар дел од текстот во Резолуцијата ги содржи поплаките на опозиициската ВМРО-ДПМНЕ, кои се и општо познати забелешки од меѓународната заедница и тие се однесуваат на „владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал и независноста на судството“.
Но, местото каде Мицковски директно влијаел на текстот на Резолуцијата и што веројатно најмогу му се допаднало е делот во кој се вели:
„Исто така, длабоко загрижува злоупотребата на институциите со цел да се напаѓаат опозициските партии, групи или поединци. Одговорен систем е систем каде што судските служби се деполитизираат и случаите се судат врз основа на индивидуални заслуги, а не врз основа на политички интереси на различни групи“.
Тоа секако било морковчето што слатко се голта. Но, за таа услуга пак мора да се прими и стапот со кој неговите сопартијци од ЕУ јасно му порачуваат дека:
„Ние во ЕПП силно го поддржуваме отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ со Република Северна Македонија.
Договорот за добрососедски односи со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција беа важни чекори на патот на Северна Македонија кон евроатлантските интеграции, го отворија патот кон нејзиното членство во НАТО во март 2020 година и треба да се почитуваат. Северна Македонија инвестираше значителен политички капитал во проширувањето – вклучително и промена на името“.
Ова веројатно не му се допадало на Мицкоски, но морал и тоа да го проголта, зашто така се игра надвор кај големите играчни на геострашката и политичка карта наречена Европа.
Соочено со ваквото искуство, водството на оваа партија треба да знае дека многу избор ќе нема ниту кога еднаш ќе дојде на власт. И тогаш како и сега ќе биде соочено со двете алатки со кои европјаните работат со децении и кои во тој изминат период сретнувале многумина како Мицкоски, како Груевски, како Заев и Црвенковски и многу други балкански лидери, кои или ќе се научат да играат меѓу морковот и стапот или почесто ќе го примат стапот како педагошка мерка.
Личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.