17.06.2022 година
Утре Мицкоски ќе протестира за враќање на груевизмот, друг свет тој не познава
Синоќа го слушнав Мицкоски на Канал 5 во емисијата „Само интервју“, и да бидам повторно искрен: се вознемирив. Не од работите кои ги кажа, туку на начинот што ги кажува. Односно ме вознемирија „знаците околу нас кои мора да се тумачат“, што би рекол Роланд Барт. Не ме вознемири за тоа што во оваа земја ќе се случува во иднина, туку ме вознемирува тоа што се случи во не така далечното минато. Тоа што се случуваше од 2008 година до 2017 година, длабоко ја обележа нашата генерација, а и не само нашата, туку ги обележа и сите луѓе во оваа држава.
Толку многу не обележа „груевизмот“ и целата таа атмосфера, што денес, кога го слушаме Мицкоски, не сфаќаме што е тоа фундаментално погрешно во неговото зборување. И неговото зборување е всушност закана за нашата заедница која од 2017 година наваму, претставува релативно култивиран простор на слобода, еднаквост и заедништво во нашата различност. И можам слободно да кажам: нашите идеали денес се под огромна закана.
Кога ќе помислам колку се направи, колку се вложи и инвестираше во мирот, пријателството и обидот за соработка, не само дома, туку и меѓу соседите, не може човек да не си го врати филмот и само за момент да се присети што, практично „до вчера“, се случуваше во оваа земја.
Скопје, а и Македонија, под Груевски и ВМРО, стана глобално и урбанистичко-естетско-политичко „фрик шоу“, ултра-квазинационалистички фантазам на еден луд шеширџија, луна-парк за „идентитетски“ горделиви идиоти. Оние кои ја гласаа таа тиранија, оние кои го гласаа тоа десетгодишно лудило, денес повторно сакаат државата да ја вратат на „фабричко подесување“.
Некои други луѓе оваа земја ја упристоија, некои други луѓе го решија тридеценискиот спор, некои други луѓе оваа земја ја интегрираа во НАТО, некои други луѓе се обидуваат да и го одблокираат ветотот од Бугарите за, само како би се зачлениле во Европската унија, а со тоа и си го оствариле идеалот на нашиот долгоочекуван национално-државен интерес; попатно, некои други луѓе оваа земја ја ставија на мапата на светот со признат јазик, со признат колективен (и личен) идентитет, со јасни граници и вредносна компонента „кон Запад“.
А сега, да се вратиме на меѓусебните разлики. Што ВМРО и донесе на оваа земја последниве триесетина години? Ништо посебно, само срам, изолација и закани. Како со домашните, така и со оние „странските“. Или со други зборови: владеење со страв, манипулација и притисоци.
Мицкоски во интервјуто вели отприлика, „земјата е во катастрофална состојба, ништо не чини, сè е прав и пепел“. Тоа не го аргументира, само го констатира. Што значи игра на базичните стравови на луѓето. Не знам колку луѓе ја слушнале Масловјевата хиерархија на потреби, во која постојат пет нивоа на потреби.
Нашите први, најбазични потреби се да останеме живи и здрави – да имаме каде да спиеме, да имаме за јадење, да се облечеме, што значи, базично преживување. Кога овие потреби ќе ги оствариме, следното ниво е да се чувствуваме сигурно и да не бидеме загрозени. Потоа, кога ќе го оствариме тоа чувство на сигурност, сакаме да бидеме поврзани со другите, да имаме личност која нè љуби, да имаме блиски пријатели и во таквиот близок однос да добиваме и задоволства на нашата човечка, психолошка потреба. Кога и тоа ќе го задоволиме, четврто ниво е да бидеме почитувани, односно, нашата личност или нашата позиција во заедницата биде на начин што и другите луѓе ќе нè почитуваат.
Некој може да каже, остави сега блискост или љубов, дај само да бидам сигурен. Ете, гледате, со опозицијата на Мицкоски не можете да бидете сигурни ниту во сопствената сигурност. Утре, ден сабота, ќе ги вади своите само како би имал параван во иднина повторно да кочи. Сите знаеме дека доаѓа страшна зима, енергенсите се во криза, цените се во огромен пораст. Што значи, нашата базична сигурност за преживување е доведена под прашањe, ама Мицкоски не го интересира тоа. Неговата кариера е пред било кој или било чиј страв на обичен наш граѓанин. Нему му се важни само предвремени парламентарни избори, нему, а не нас, тоа е клучна разлика, важно му е да биде премиер.
Мицкоски прво сака да ја зацврсти својата власт во Белата палата, потоа од конфискувана, лично да си ја присвои; потоа да ги ослободи сите „патриоти“ кои тепаа и толчеа во Собраниете од 2017 година, и тој „вовед во Аушвиц“, денес да го капитализира со предвремени парламентарни избори.
На мислење сум дека Ковачевски со своите коалициони партнери на Мицкоски не смее да му приушти предвремени парламентарни избори, барем да истрае до 2024 година, како што налага и самата парламентарна демократија и нејзиниот циклус од четири години. Во спротивно, му се дозволи ли парламентарни избори, не треба човек да биде мистик или пророк, само елементарна човечка памет: ќе настане тежок хаос во земјата.
Апелирам СДСМ да си ја поврати надежта меѓу членството и симпатизерите, а за ВМРО знаеме: тие секогаш ја менуваат реалноста, вклучилено и јавните простори. Нема потреба да ве потсетувам на Скопје 2014 година; тие, драги мои, ја менуваат реалноста, да, тие, кои немаат храброст и стратешка памет, само страв и закани како главна платформа за водење на „јавните работи“.
Ќе им дозволиме предвремени парламентарни избори или сепак нема? Ајде и тоа да го видиме. За почеток, од мене апел: никако предвремени параламентарни избори, да не биде после никој не ни рече, а можеше.
13.04.2022 година
Расистички терминатори
Ако некогаш се затекнете на јавна гилотина, ако некогаш сте излегле пред голема група на луѓе, пред толпа која единствено сака да плука, и ако некогаш сте кажале став што некој од тие луѓе проценил дека вие сте „размакедончен“, тогаш, драги мои, вие сте во опасен проблем. Не само што сте во проблем, за вас човек треба да му се помоли на господа. Добра околност е што Господ е Македонец, па некој за вас ќе се смилува, оти сите Македонци се со меко срце, склони да им простат на „(кара)душманите“.
Откако сум излезен на јавна сцена, чувствувам ниско ниво на македонска крв во моите вени, и за сè што во овој текст ќе зборувам, ќе ви зборувам од лично искуство.
Понекогаш се будам навечер, испотен, во акутна размакедонченост, вртам низ телефонскиот именик, барам доктор, барам спас, а потоа, за да се вртам во нормала, одам на страните на „курир“, само како би прочитал еден мудар македонски есеј на Сотир Костов, а потоа пуштам некоја песна од Ламбе; и да ви кажам, се смирувам, мирен сум, се враќам во кревет како вистински Mакедонец, спијам како бебенце, сонувам до пладне, и така секоја ден…
Сега некој ќе „гракне“: добро, Ненаде, што се обидуваш сега? Ништо, браќа и сестри, само консеквентно ја следам и логично ја опишувам расистичко-тоталитарната „културна политика“ на мицковци; ги следам неколку денови преку нивните „наци-сајтчиња“, се обидуваат да ме потценат, омаловажат и негираат. И уште мицињата ни се нудат како „демократски мејнстрим“, на тој бизарен „експрес“ сајт или така некоја глупост, главното збиралиште на нашите бизарни конзеративци и „умерени националисти“ кои, многу полесно е да ни опишат за што се националисти, отколку што знаат да опишат по што се умерени.
Еди Рама, каков што само Бог го создал, пред два дена го кажа тоа што го кажа. „Вмроовците“ ја извртеа изјавата на Рама, на начин што е навредлив за нас. А сите што го познаваат Еди Рама, а за тоа ви сведочам лично од Отворен Балкан во Охрид, покрај што е политичар, Рама е и голем заебант, непосреден човек. Тоа го знаат сите, од Брисел до Шангај и назад.
Им фали на Мицињата автентичност и непосредност. Впрочем, робови не работат на тие ментални гигахерци на кои работи Еди Рама.
Потоа, ден подоцна, се јави и Рама, со следната изјава: „За смеење и плачење е хистеријата на некои во Скопје кон премиерот Ковачевски, по објавувањето на видеото од ракувањето со канцеларот Шолц во Солун, каде ја иронизирав грдата блокада на Северна Македонија од Бугарија!“
И навистина е за смеење и плачење. Кој е оној што може да се запали до плафон на ваква апстрактност која нема никаква реална штета за Mакедонците и граѓаните во целина? Добро, погодувате, никој друг освен нашите „лајт-националисти“.
И сега, сигурно се прашувате, која е „културната политика“ на нашите „лајт-националисти“? Националистите немаат економска политика, освен ако не се мисли на грабање и присвојување на сè живо, ама „културната политика“, онаа тоталитарно-расистичка, è таквата политика им е алфа и омега во јавниот говор. И кај нив сè се движи околу приказните за идентитетот, се разбира, страшно глупаво и партикуларно сфатен. Вистински „терор на културата“; од друга страна се работи за страшно пропаднати луѓе кои тешко ќе ги вадиме на воздух.
Може да го опишеме овој феномен и како „фрустрација на анонимусите“, оние за кои ги сметаме за „тивко мнозинство“, ама нема да ја погоди целта. Рама, а пред неколку денови и мојата маленкост, беше погодена од тоталитарно-расистичката идеологија од луѓе кои ги сметаме за релевантни во тој десничарски табор. Не се тоа анонимуси, се претставуваат за доктори, професори на универзитети, и сите беа исто или слично навредени и „уцвикани“.
Овој пример го посочувам само колку да го опишам „тоталитаризмот на јавниот дискурс“. Тоа е срамна војна, а вистината е „втора жртва“. Прва жртва е срамот. Оној обичен, човечки, а со самото тоа и „македонски“.
Ненад Јовановиќ