ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ДЕЗИНФОРМАЦИИ

Спин до спин во говорот на Мицкоски – непостоечки економски геноцид и наводни спасувачки блокади на институциите

June 21, 2022 10:12
in ZOOM IN, ДЕЗИНФОРМАЦИИ, ДЕНЕС, ПОЛИТИКА
Mитинг на вмро во Скопје, 18 јуни 2022 (фото: К. Михаилов/ЦИВИЛ)

Mитинг на вмро во Скопје, 18 јуни 2022 (фото: К. Михаилов/ЦИВИЛ)

Share on FacebookShare on Twitter

Иако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како што вели во својот говор, самиот се смета за „прв меѓу еднаквите кој ја добил големата одговорност да го предводи народот со бајракот на слободата кон промени и подобра иднина за нашата Македонија“, во својот говор, кој изобилуваше со спинови, не даде доволно елементи кои би ги убедиле граѓаните кои не се политички определени, да застанат на страната на опозициската партија, пишува Вистиномер. 

Опозициската политичка партија ВМРО-ДПМНЕ во саботата на 18 јуни одржа антивладин протест во Скопје пред Владата на С. Македонија, повикувајќи на одржување предвремени парламентарни избори.

На протестот, говор кој траеше повеќе од еден час одржа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кој можеа да се препознаат повеќе спинови. Мицкоски, меѓу другото рече дека може да се дојде до предвремени парламентарни избори преку активна блокада во Собранието, но и блокади на институциите и на патиштата.

Спин: Се поставува прашањето, како до избори?

Активна блокада. Активната блокада во Собранието го даде посакуваниот ефект. Воедно сакам да предупредам доколку нема договор за предвремени избори ова лето потоа ќе преминеме во фаза на целосна блокада. Таа целосна блокада ќе биде во Парламентот, но и блокада на институциите, блокада на патишта, протести низ градовите. Блокада на процедурите и системот во распаѓање. На тој начин нема да легитимираме систем кој е диво месо и затруен од криминал и неспособност.

Дали сево ова ќе има штети, некој ќе праша? Одговорот е најголемата штета сега ја плаќаме, а нашата блокада ќе биде за спас од таа штета.

[Извор: ПресингТВ, говор на Христијан Мицкоски – датум: 18.06.2022]

Контраспин: Во својот говор, на почетокот, Мицкоски ја споменува актуелната криза и сиромаштијата со која се соочуваат граѓаните. Тој зборува за нискиот стандард на граѓаните, корупцијата и слабиот раст на економијата, а додава и дека следи „најтешката зима“. Оттаму, неизбежно е и прашањето, како активната блокада на Собранието, а пред сé на институциите, ќе доведе до подобри услови за живот на граѓаните? Како, доколку граѓаните го блокираат системот и процедурите, ќе добијат поквалитетен и подобар живот? Да се блокираат институции не значи да се оди против власта, туку да се оди против граѓаните. Институциите, а и Собранието, работат во името на граѓаните и за граѓаните. Доколку тие се блокираат, тоа значи дека граѓаните нема да можат да ги остварат своите фундаментални права и обврски. Блокадата на институциите, а и блокадата на патиштата можат само да го отежнат живеењето, а не и да придонесат за нивен подобар живот и иднина, како што се обидува да спинува Мицкоски. Блокадата не може да донесе ниту предвремени избори, туку само тапкање во место и продлабочување на агонијата. Патем, блокадата не може да му донесе ниту власт на ВМРО-ДПМНЕ, затоа и што и за да се дојде на власт, потребни се институции што работат.

Опозициската партија донесе одлука да го бојкотираат Собранието од 10 мај годинава. Премиерот Димитар Ковачевски тогаш изјави дека е апсолутно неодговорно во услови на криза да се блокира на Собранието, додавајќи дека пратениците не ги бираат политички партии.

Тоа граѓаните не го заслужуваат. Пратениците треба да бидат одговорни, бидејќи нив не ги бираат политички партии туку ги бираат граѓаните. Тие треба да бидат таму 24 часа како што е и наведено во самиот деловник на Собранието, бидејќи Собранието е практично во постојано заседавање и треба да носи одлуки кои што ќе значат подобро за сите граѓани во државата, кажа Ковачевски.

Понатаму, во својот говор, Мицкоски тврди дека граѓаните имаат два избора, „едниот е борба, а другиот е Македонија да ја нема повеќе“.

Спин: А, јас сум тука затоа што ќе се бориме, бидејќи другиот избор е Македонија да ја нема повеќе. Да не постои. Секој поминат ден со СДСМ и ДУИ на власт сме поблиску до последниот ден на нашата татковина. Или ќе се бориме и ќе победиме или Македонија ќе ја нема, запаметете што ви велам. Или ќе се бориме и ќе победиме или ќе ја нема Македонија. Имаме ли избор?

Контраспин: Постоењето на Македонија како држава, никогаш и никаде не било доведенa во прашање, и покрај долготрајните спорови со соседите и уште подолготрајниот процес за полноправно членство во Европската Унија. Впрочем, постоењето на државата не зависи од ниту една политичка партија. Политичките партии доаѓаат и си одат од власт, од нив зависи креирањето на политиките, но ниту една политичка партија не останува вечно на власт, ниту пак може да ја избрише од картата сопствената држава. Македонија, како суверена независна држава, не може едноставно да ја снема, доколку така одлучи, на пример, Ковачевски или Ахмети или било кој друг политичар. Оттаму, за татковината, не може да има последен ден. Патем, Македонија има изодено долг пат низ својата историја и многу премрежја, па никој досега нема успеано да го избрише нејзиното постоење.

Познатиот колумнист и новинар, Горан Михајловски, преку статус на Фејсбук, се осврнува токму на ова прашање, критикувајќи го францускиот предлог за кревање на бугарското вето кон Македонија, но потенцирајќи и низ што сè поминала државата.

Во 1991 сме почнале од нула. Избегнавме војна при распадот на Југославија. Немавме ни сојузници, ни пријатели во време кога Грција не сакаше ни М од името да се спомене, а ни државата да постои.
И такви, ранливи, сиромашни и неискусни сме истуркале членство во ОН, сме издржале санкции, ембарга, девалвации и блокади, немавме ни нафта ни храна, преживеавме атентат на претседател, па имавме граѓански воен конфликт, па заздравивме од тој конфликт и станавме членка на НАТО.
И сега – 31 година подоцна со сојузници и во ЕУ и надвор од ЕУ, со моќни партнери и влијателни пријатели и во ЕУ и надвор од ЕУ почнуваме дискусија за работи за кои не се отвара дискусија ни во кафеана, пишува тој.

Понатаму, во својот говор на протестот, Мицкоски се задржа и на високата стапка на инфлација која е терет за сечиј домашен буџет.

Спин: Најголемиот проблем драги пријатели е инфлацијата која го јаде сечиј домашен буџет. И секое минимално покачување на плата со која се фали Владата, се одзема преку само едно покачување на цените на бензините, не споменувајќи ги покачувањата на сите останати производи. Само едно покачување на цените на бензините, не споменувајќи ги покачувањата на сите останати производи.

Затоа, час поскоро, брзо и посветено мораме да ставиме одлучна народна точка на овој економски геноцид на Димитар Ковачевски, на Зоран Заев и на СДСМ и ДУИ!

Уништениот стандард на граѓаните е последица на криминалот и неспособноста на владата да се справи со ценовните шокови.

Контраспин: Во говорот, Мицкоски речиси постојано алудира на тезата дека власта е виновна за покачувањето на цените на горивата и на прехранбените продукти. Точно е дека покачувањето на цените значително влијаат на квалитетот на живот кај граѓаните и дека сиромаштијата наголемо тропа на врата, но, исто така е точно дека со ова се соочуваат голем број држави, првично поради пандемијата со ковид-19, а потоа и поради руската инвазија врз Украина. Најтешко поминуваат сиромашните држави, но справувањето со ценовните шокови е реален предизвик и за богатите држави, за што впрочем сведочат и бројни економски светски извештаи.

Предвидуваме дека инфлацијата ќе остане под стапките пред пандемијата во 2022 година, поттикната од факторите на побарувачката и понудата. Сепак, руско-украинскиот воен конфликт ги влоши притисоците од страна на понудата. Зголемувањето на цените на храната и енергенсите, кои се недискрециони трошоци и претставуваат поголем дел од потрошувачката на домаќинства со ниски приходи, придонесуваат за зголемување на социјалните тензии и можат да додадат притисок врз трошењето, во услови кога властите се обидуваат да го ублажат влијанието на високите цени врз јавноста, потврди светската рејтинг агенција „Мудис“, а пренесе Агенција Анадолија (АА).

Порастот на инфлацијата е глобален и достигна рекордно ниво од почетокот на 21. век, предупреди и еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон во интервју за францускиот информативен канал ЛЦИ (LCI).

Првпат од почетокот на векот гледаме такво ниво на инфлација. Тоа е глобален феномен, посилен во САД, отколку во Европа, истакна Бретон.

Како што тој додаде, последен пат слична инфлација имало пред 40 години, во 80-те години на минатиот век. Еврокомесарот забележа оти инфлацијата почнала да се зголемува уште пред конфликтот во Украина.

Оттаму, кризата е глобална, а Мицкоски во ниту еден момент од своето обраќање не понуди решенија за справување со истата. Во долгиот говор, тој единствено вели дека дека треба да се стави „одлучна народна точка на економскиот геноцид на Димитар Ковачевски, на Зоран Заев и на СДСМ и ДУИ!“, но не нуди решенија за намалување на стапката на инфлација и на сиромаштијата. Она што постојано го повторува е дека со блокади и со протести ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да ја освои власта и притоа, среде економска светска криза бара предвремени избори. Воедно, како еден од виновниците за целата состојба упорно се споменува ДУИ, партија со која ВМРО-ДПМНЕ е „венчана“ кога станува збор за добивање власт.

Да не говориме, пак, за комплетно несоодветното користење на синтагмата „економски геноцид“ во овој случај. Тоа би требало да значи дека актуелната власт свесно, намерно и систематски ја уништува националната еконмомија со крајна цел таа повеќе да не постои. Ова е едноставно бесмислено. Ова би значело не само геноцид на економијата, туку и уништување на целата држава, зашто ниедна држава не може да постои без каква-таква економија. За вакво нешто не само што нема ниту докази, ниту аргументи, туку нема ни најминимални навестувања. Економија врз која некој спроведува „геноцид“ сигурно не би имала редовни и вообичеани поместувања од по пар проценти, главно нагоре, понекогаш и надолу од квартал во квартал со години наназад.

Токму затоа, речиси сиот говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој освен што беше зачинет со спинови, но и поетски елементи, не успева целосно да ја долови ситуацијата во која се наоѓа државата, ниту, пак, има елементи кои би ги убедиле граѓаните кои не се политички определени, да застанат на страната на опозициската партија. Иако Мицкоски, како што вели во својот говор, самиот се смета за „прв меѓу еднаквите кој ја добил големата одговорност да го предводи народот со бајракот на слободата кон промени и подобра иднина за нашата Македонија“, тој во својот говор тоа не успеа да го докаже со факти и со конкретно предложени решенија.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Почина Ози Озборн, фронтменот на Black Sabbath

July 22, 2025

Собранието го донесе Ребалансот на буџетот: Според опозицијата е скроен како предизборен поткуп, власта вели ќе обезбеди економски раст

July 22, 2025

Министерката Кочоска вели со ребалансот немало да се финансираат кампањи, туку проекти

July 22, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Фото: МИА

    Нов топлотен бран – психолозите предупредуваат: Намалете темпо, побарајте помош

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Ќулавкова до Милошоски: Предлогот за заедничка резолуција со Бугарија е „руски рулет“, македонскиот јазик е заштитен и со Преспанскиот договор

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • СДСМ: Театарот на Мицкоски за „внатрешни непријатели“ е обид да се сокрие вистината за бугарските пасоши

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Филозофот Мицкоски

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Усик го нокаутира Дубоа во петтата рунда и стана апсолутен светски шампион

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk