Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Сиот свет оглупавува како резултат на техничкиот и технолошкиот развој.
Само Македонците имаат среќа на тие импути да ѝ ја додаваат и битката за идентитетот.
Сакав да го употребам зборот таканаречен(а), но не бев сигурен дали да го ставам пред битката или пред идентитетот.
Или и пред битката и пред идентитетот.
Во силна конкуренција на Американците, кои со забраната на абортусот решија, наместо путер од кикирики, за појадок да си мачкаат мозок.
Сопствен или од мозоците на луѓето што манијаците во меѓувреме ќе ги испотепаат.
Цената на нафтата им расте, но цената на мозоците паѓа.
Каква убава конкуренција.
Говорам за главните наративи.
За опозицијата, идентитетот е погонско гориво на хаосот преку кој ја разградува општествената и национална супстанца подобро и од Франција и од Бугарија и од целата Европска унија.
Што тука не е јасно?!
И мисли дека преку тој хаос ќе се доближи до освојување на власта.
Што не е исклучено, се разбира.
При вака хистеризирана и исплакната, плус хипнотизирана база, власта можат да ја освојат и овците на Џемаил.
Или кокошките на Перо од Кавадарци.
Дури и брадестото говно на точак и неговите другари.
Во политичката историја на хомо сапиенсот нема поголем идиот од Македонецот кој мисли дека вмро ќе го спаси од бугаризација.
Или од запек и нарушено достоинство, да речеме, од што било, но од бугаризација, посебно.
Тоа е темата со која пред некое време, сега скоро, нашиот човек убедливо го освои првото место на фестивалот на лудоста во Порт Елизабет.
За општеството, пак, идентитетот е тема која го спасува од предизвиците на модерноста и го задржува на теренот на соборноста, односно примордијалноста. Фејсбук и телевизиските ординации со забрзани курсеви по оглупавување преку колективно оплакување, се големите баобаби под кои оплеменетата нација секој ден се собира и расправа како полесно и подобро да го заебе светот.
И себе си, офкорс.
Звучат како скрежови.
Слушнете ги вие овие дебати.
Како може да биде нормална нацијата која триесет години самата себе се убедува дека е луда.
Ова е резултат на триесетгодишното демонстрирање на две основни работи за кои сум пишувал милион пати: дека Македонија не е можна како демократија ако демократијата е платформа во која е интегрирано и вмро и дека Македонија не е можна како вмрократија.
Дури и кога не е власт, вмро е рак.
Не тумор, метастазиран рак.
Кој користи вакви прилики да се шири.
Рак кој му налага на Македонецот да излезе од сопственото тело и да се смести во ново, во тело на кое сите петови ќе му покажат дека нема ниту една честица вмро.
Тоа се вика идентитетска рехабилитација и оздравување.
Нешто што бара голем подвиг и за што нацијата нема сила.
Конечно, за власта, која во целиот процес влезе чесно и максимално посветено и добронамерно, темата се јави како искушение за кое, и покрај добрите намери, немаше моќ и сила, политичка, идејна и медиумска, да го реши така што ќе ја искачи нацијата на ново ниво на свест за себе. Своите 12 бодови му ги дадоа на идентитетот и на неговата одбрана, сметајќи дека во рамките на европските вредности тоа не е спорно и дека по линијата на таа вредносна и морална супериорност ќе го добиеме спорот со Бугарија во замена за низа добри и оправдани компромиси на кои беа спремни.
Односно потребата од толку неопходните промени, на што упатуваше магнетната резонанца на македонството, доби малку поени. Мислам дека мисијата ја водеа со преголем респект кон таканаречениот народ. Тогаш кога требаше да работат против него. За да го спасат. Тоа е единствената забелешка на перфектната работа што во неверојатно тешки, безмалку невозможни внатрешни околности, ја водеа.
На скалата од 1 до 10, ги оценувам со 9.50.
Признавам, малку и за инат на масата под баобабите.
Какво е ова стрвинарство и катастрофично прифитерство.
Или повторно занесување дека со волшепството на будалите ќе се спасиме.
За помалку од 24 часа по поразот во близината на Ватерло, Македонците ја известија Европската унија дека предлог рамката за почеток на преговорите не ја разбираат како поле за културен натпревар меѓу народите, туку како поле на кое ќе ги потврдат тезите за својата незрелост, плитка втемеленост и културна расклиматаност.
Доказ дека Гоце не бил Македонец.
Хахаха!
На својата неукост, патетичност, злобност и шанса за расчистување на некои внатрешни сметки, главно во врска со власта.
Во суштина, темата за идентитетот за нив никогаш не била национално прашање. Инаку, не би стигнале преку триесетгодишната забавнополитичка програма на вмро-дпмне, да ја разградат и претворат во маса, најубавата, најљупката, најмирната, најпитомата, најелегантната нова нација во што ги беше претворила историјата со мала помош на избраните синови и ќерки на Македонија.
Сдсм има не мал удел, но не како идејна определба.
Тоа е важна разлика.
Не, повеќето луѓе на идентитетот гледаат како клуч за напредок во хиерархијата на племето. Шанса за вработување на синот ако падне власта или за спас на некој договор ако не падне. Шанса за одмазди. За напредување по патот кој води у курац. За досетки. За подебавање.
Или како искрен но фолклорен однос.
Мерак.
Јас мислам дека сиве овие работи, овие наоди, овие снимки, заедно со податоците за нивото на кислородот во македонската крв, биле на масата на Макрон кога го удирал потписот под фамозниот предлог. Тој имал увид во состојбите околу идентитетот и националните работи кои му биле некој вид алиби за предноста од десет круга што ќе ѝ ја даде на Бугарија. Во еден многу опасен развој на ситуацијата по руската агресија врз Украина, тој решил да ја задржи Бугарија, да ги симне ризиците по надворешната граница на Унијата на најчувствителниот терен, а Македонија да ја смета за поднослива жртва. Да го пресече спорот на нејзина штета, но да го пресече, за да ја има Софија. Македонија да се решава во од, како прашање кое е во европскиот базен, сепак, тукуречи како внатрешно прашање. На кое за утеха ќе ѝ го додаде и статусот на Албанија. Колатералната жртва на македонското прашање.
Руската агресија за која мислевме дека ќе ја забрза македонската интеграција, се претвори во хендикеп поради ставот на Бугарија дека сега му е мајката да им се одмаздат на Македонците и за 11 Октомври и за Асном и за Тито и за Лазо.
Дури и за Ваташа.
Многу сме им ги принесувале децата пред нос.
Тажно и жално.
Од сто и еден начин за афирмација на бугарските интереси во Македонија, вклучувајќи ги и етничките аспирации, тие одбраа на болниот да му ги исечат цревата од инфузијата и од кислородната поддршка од Брисел.
Тоа е обид за убиство.
За братоубиство.
Тоа што ќе остане од Македонија ќе го носи во својата меморија овој момент како сакрамент.
Вмро нема веднаш да ве бугаризира.
Не се секирајте.
Искуството од нивното владеење покажува дека прво ќе го завршат процесот на идиотизација на Македонците.
На Бугарија не ѝ требаат нови Бугари кои ќе се сеќаваат на своето македонство, на својот супериорен национален и државен статус, туку кретенчуги со избришана колективната меморија. Кои ќе се бугаризираат според принципите на грин филд инвестициите.
Фашистичката културна матрица, на вмороните ќе им овозможи висок степен на ефикасност, како во случаите со Скопје 2014, со антиквизацијата, со барокот, со дисперзијата, односно со убиството на високото образование, со кретенизација на институциите и на целата држава која еднаш веќе ја претворија во Фарма за одгледување на идиоти.
Работи за кои рамката на Макрон е песма лета.
Прашање е како, ако тоа се случи, соседството ќе реагира на бугарската пенетрација во регионот и во растурањето на досегашниот баланс.
И како ќе реагираат македонските граѓани од албанско етничко потекло, да речеме.
Можеби е даден знак за почеток на Третата балканска војна.
Но не гледам такви жестоки реакции.
Ако за жестоки не ги сметаме оние на Рама, новиот лидер на слободниот свет.
Без европската агенда, со други зборови, Македонија губи голем дел од причините за своето постоење.
Јас верувам дека многу бргу, да не речам, утре, ќе се види дека нема подобро решение за просторот од Северна Македонија.
Од Македонија во Европа.
Кога Тито му рекол „Не“ на Сталин, власта во Југославија не ја освоиле сталинистите. Затоа, значи не само поради Титовото „Не“, туку поради политичката капитализација на тој гест, Југославија стана успешна приказна. Најуспешна и неповторлива. Нели е исклучителна глупост, по историското „Не“ на Бугарите, власта во Македонија да им ја препуштиме на нив?
Или, ако веќе ја препуштаме, нека да ја препуштиме на оригинал Бугари, на Слави, Краси, на Руменчо, а не на хибридите какви што се овдешните фликови, лигњи и дибеци.
Да завршам: Македонија мора да го симне фамозното „Не“, Европа мора да понуди одредени мотиви и причини за тоа, Бугарија мора да направи нови проекции во кои ќе ги земе предвид и работите кои нема да ѝ одат во прилог, напротив.
Во спротивно, можеби е добро да ја огласиме државата на продажба, со народот или без него, парите да ги поделиме како отпремнини, таков е редот кај сите што по една или друга причина се разделуваат од своите фирми. Полесно ќе ни биде да го поднесеме губитокот, кој преку алкохол, кој преку дрога, кој преку уметност.
Во Сент Пол де Ванс и, уште погоре, во Медитеранските Алпи, во Ванс, кај Гомбрович.
Тоа е!
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.