18.07.2022 година
Бугарите се наши соседи а не непријатели
Не знам колку нашето граѓанство знае – во рурални краеви се измислуваат непријатели (модерно наречени „предавници“) за да се одржи културата на насилство, односно, да се самоодржат во тешки услови; до вчера ни беа виновни Грците, потоа беа „соросоидите“ и „комуњарите“, а денес ни се Бугарите и повторно „клетите“ комуњари.
А измеѓу што има, море, Јовановиќ? Има „патриотски интелектуалци“ со „демократски“ предзнак, кои гледајќи го „Протоколот“ ги стрефило тахикардија; се вознемирила нашата памет, онаа „интелектуална“, па го поврзале „Протоколот“ со албанецот Бујар Османи, и вака си рекле: „како е возможно, о, Света Маријо, некој Албанец да потпишува за нас Македонците“?
Добро, пред да продолжиме со рационализација на романтичарските тртлања од празниот стомак (немерно не велам „дух“), да потсетиме дека Алабанецот се вика Бујар Османи кој сите ние го знаеме и човекот не е од вчера. Второ, за мене Османи е ужасно пристоен човек, Албанец и министер за надворешни работи во Владата на Ковачевски. И кога, тој, нели, Албанецот, потпишува некаков документ, тој го потпишува од име на Владата, не потпишува дека така му се „ќефнало“. Значи може Бујар Османи да биде и Еским, а најважно за мене е дали тој човек е на ниво на задачата пред сè.
Но, знаете како, се нагледав луѓе од „граѓанскиот сектор“ (зошто сектор, сине, зарем не требаше да бидеме општество?) со титули пред своите имиња и презимиња за, кога ќе наближи тоа фамозно невреме (откако сум роден и „политички“ дишам, тука секогаш е некое невреме), веднаш ги гледате тие „јуродиви“ типови како латентни националисти.
Имено, ајде да се обидеме да ја објасниме нивната „извеана“ суштина, така што ќе се обидеме да објасниме што храбрите Османи и Маричиќ работат: без загради, без фуснотирања, без останати „документски“ џиџа-биџи.
Целиот Балкан е една поделена средина, тоа треба да го знаат „интелектуалците“ со предзнак „тахикардија“. Градовите, на пример, се еклатантен пример на тоа. Дури и животот во ист град значи дека вие не преминувате од една до друга територија на градот, иако поминаа повеќе од дваесет години кога се случуваа грозните деведесети години. Од друга страна имаме интернет, имаме социјални медиуми, имаме паметни телефони, имаме комуникација – сè е хипер поврзано освен нас, освен луѓето како такви. Можете да сретнете луѓе од дваесет и нешто години кои никогаш не биле во Гостивар, Тетово, Белград, Приштина, Загреб, Сараево, Софија, Бањалука…
Сакам да ви кажам, времето на војни е тука околу нас од три причини: прво, затоа што ништо не се прави за систематски тие предрасуди кои војните во деведесетите ги направија да се елеминираат (фала и на нашата Влада што тоа го правеше и сè уште го прави!); второ, непрекинато се зборува за туѓата вина, а себе се претставува за жртва, па оттука, целиот наратив во медиумите е националистички. И трето, националистичкиот наратив секогаш бара непријател, непријателот е секогаш близу.
Калева Кеконен велеше: „Паметните народи имаат пријатели близу, а непријатели далеку“. Во нашиот контекст, што е малку смешно, непријателите се близу, а пријателите далеку. Така беше додека владееше Груевски. Денес, гледаме, барем што се однесува до нашиот случај, Северна Македонија постапува умно: пријателите ги создава блиску. Така беше со договорот од Преспа, така е со Отворениот Балкан, така е со договорот за добрососедство и пријателство со Бугарите. И последниот наратив кој е најопасен: сите подривачи на договор со Бугарите, барем оној нивен „најдоминатен“ дел, се еден вид „актери на војна“. И тие немаат никаков интерес „за војната“ да се зборува поинаку, почовечки и пријателски, а кога велам „за војната“, мислам на минатото, туку напротив, тие ја цементираат таа слика од минатото за „соседот како непријател“, само за да можат себе да се бранат и својата политичка позиција од тоа време.
И оваа Влада на Ковачевски прави тоа да се промени. За ова што погоре го аргументирам, убеден сум дека голем дел од нашата политичка и интелектуална „челад“ (или можеби „телад“?) егзистира на тоа албанците да се направат „вековни непријатели на македонскиот народ“, а после Албанците доѓаат Бугарите… Ваквата реторика им дава легитмитет на сите националисти (без разлика леви или десни) дека тие нас нè бранат од „историските непријатели“.
Сега, логички, се поставува прашањето: дали ние соседите ги гледаме како соседи или непријатели?
На соседите може секогаш двојно да гледате: може да ги гледате како непријатели, а може да ги гледате како пријатели. Најважно е која позиција ќе ја одберете. Ама тоа е нездрава позиција. Од тоа дали Бугарите ќе бидат наши пријатели или непријатели зависи од тоа како ќе се постават политичките елити. Ете, нашата политичка елита одлучи дека ние соседите ќе ги гледаме како пријатели. Така беше со Грците, така е дома со Албанците, така ќе биде и со Бугарите. И тоа е здрава позиција.
Ковачевски, Османи и Маричиќ соседите ги гледаат како пријатели.
Денес Грците не ни се во фокус, па не ни се повеќе непријатели, оти, нели, го решивме тој спор. Денес го решаваме спорот со Бугарите. Значи, поената е следна: фигурите на непријателствата се менливи, ако се менливи, ако се привремени, тоа значи дека се арбитрарни. Така што, вие имате непријатели ако сакате да имате непријатели, а ако сакате да имате соседи и тие вас, тогаш ќе имате соседи.
Наша одговорност е да работиме тие жилави предрасуди едни кон други да ги намалиме. Да престанеме да војуваме со самите себе, оти така сме во војна со сите останати. Војната не е наша природна состојба. Бугарите не смеат да ни служат за изговор за неодговорна политика. Ние мораме, тоа е наша обврска, да бидеме во мир со сите соседи. Тоа е основниот предуслов за влез во Европската Унија.
Да бидеме мудри, почитувани, да ги чуваме нашите пријатели близу.
20.07.2022 година
Нема лажни народи, има народи кои ќе живеат во мир, стабилност и пријателство, а има народи кои ќе војуваат за територии
Пред неколку денови, на фејсбук, во „меморис“, се потсетив на коментарот што сум го напишал пред две години, а звучеше вака: „Избезумен сум од денешната медиумско-ендемска злоба, избезумен сум од толкава количина на ‘шпорки’ зборови кои летаат на сите страни, избезумен сум од една реторика која е стравично вкалкулирана. Ваква реторика во културолошка смисла му припаѓа на ресентиманот на „идеологија на робовите“, немојте тоа да го заборавите, или со други зборови речено, земја која ја бранеше храбро сопствената слобода за време на минатиот режим, за некое чудо успеа да развие еден културолошки код што не им припаѓа на слободните луѓе. Да бидам попрецизен: на слободен човек не му приличи толку злоба за оној другиот.“
Зарем сега, во политичка смисла – а политиката ни ги изеде животите – што претставува особина на „лоши времиња“, најлошите меѓу нас се закануваат по безброј пати со доаѓање на власт; заканата значи дека ќе го легитимираат насилството, она симболичко и физичко, и сите форми на понижување на човечкото, граѓанското и професионалното, па тоа ќе им биде платформа за да настапат на сцена!?
Опозиционата партија на Мицкоски, заедно со Левицата на онаа несреќа Апасиев, е обид за враќање на режим, затоа што демократијата за нив претставува – гледаме од јавниот настап – чисто фасадно-фарсична форма, а нивните кло(в)нови испуштаат огромно количество на жолчка низ социјалните медиуми.
Откако знам за ВМРО-ДПМНЕ, знам дека кога ќе се доберат до своите покровители (кои и да се тие!), откако знам за нивната смисла што ја бараат во политиката: тоа не претставува ништо друго освен војна со другите. Како тоа практично изгледа? Изгледа така што ќе те наречат „предавник“, ќе те прогласат за одметнат, одроден, значи ќе те прогласат дека ти не си дел од колективното ткиво на нацијата. Ќе те прогласат за сопствено скапано месо од нацијата. Реториката што ја употребуваат нашите националисти, иста реторика ја употребуваат и националистите на Бугарија. Не ми паѓа на памет да ги испишувам глупавите тези на нашата десница дека ние ќе сме се „бугаризирале“; а не ми паѓа на памет да ги „чистам“ глупаво-популистичките бугарски сомнабулии за тоа дека ние сме биле „измислен народ на кој Тито им дал држава“. Оти ако продолжиме во тие магли и ситни цревца, никаде нема да стигнеме.
Ајде сега да одиме со ноторните факти.
Северна Македонија вчера ги започна преговорите со Европската Унија. Тоа е непобитен факт. Македонскиот јазик ќе биде дел од јазиците на Европа, без фусноти, без дополнителни објаснувања.
Северна Македонија има чист, македонски идентитет, и чист – македонски јазик. И Северна Македонија го чекори патот по кој се остварува триесетгодишниот идеал: да стане рамноправна земја членка на Европската Унија.
Пред четири години го решивме првиот спор со Грците, потоа влеговме во најголемата воена Алијанса во светот, НАТО, а денес, поточно вчера, во Брисел, на среде Европа, Северна Македонија ги почна директните преговори со Европската Унија. Што е сега проблемот, некој ќе рече?
Проблемот е ВМРО-ДПМНЕ, Левица, проблемот се и некои „наши“ јавни персони драматис кои се надвор од Европскиот процес, свесно и калкулантски. И проблем е огромен дел од Бугарската политичка елита која се глупира со националистички пумпања.
Единствена зрела политичка партија во моментот е СДСМ, албанската ДУИ и нивните коалициони партнери во Владата на Ковачевски. Зошто велам „зрела“?
Затоа што ми се чини дека сфаќа како не постојат зрели и незрели нации, туку постојат зрели и незрели општества. Северна Македонија не може да биде општество кое ќе функционира како публика на фудбалски стадион, а националистичките елити како хулигани.
Од друга страна, секој човек на светот е тоа што тој самиот го кажува за себе дека е. Под услов, ако е слободен тоа да го каже. Ниту еден човек што не припаѓа на мнозинството не е слободен да каже денес што всушност е. И во таква ситуација едни зборуваат од инает, а другите од страв молчат.
Не знам дали Мицкоски разбира: секој еден наш граѓанин што се наоѓа во малцинство, има страв да каже како се вика, што е по народност и вера, и на кој јазик зборува. Стравот на малцинството е срам за мнозинството. И во таа смисла, што е проблемот на малцинските бугари од 3.500 луѓе кои така се изјаснуваат, да им се даде можност да бидат дел од Уставот на Република Северна Македонија?
Па, ти, човеку, имаш обврска тоа да го поддржиш, освен ако не си навистина олош скриен позади таа имагинарна бројка од „сите македонци“. Ти, човеку, ако си човек, тоа мора да го поддржиш!
Не дозволувам и ќе се борам, не за друго, туку ќе се борам за тоа и што нашите стари и претходници многу добро го знаеа. Пред педесет, а богами и пред 200 години, нашите претци и претходници го знаеа она што ние денес не го знаеме или свесно го забораваме. А тоа е: човекот не е само едно, туку може да биде и нешто друго. Како и тоа да не веруваат во тоа што веруваат, туку е обврзан во вербата на своите соседи. Нашите претци и претходници го знаеа и тоа: родот, народот, верата, не е тоа нешто непроменливо. Ниеден човек не знае во која вера ќе умре.
Нема лажни народи. Има народи кои ќе живеат во мир, стабилност и пријателство, а има народи кои ќе војуваат за територии. И тоа е сета приказна на народите во светот. Јас го бирам оној народ што ќе работи за мир. За извесност. За Европа.
Надвор од тој образец, надвор од Европа, нашиот народ ќе одбере крвави раце. Одбивам да сум дел од таков народ.
22.07.2022 година
Нов обид за антиевропски и антимакедонски референдум
Ах, референдум! Таа „прекрасна“ направа за избегнување на политичка одговорност. Од друга страна, оние кои го заговараат референдумот – скривајќи се позади „народот“ – всушност повикуваат на охолократија/надменократија/стравократија/пакоснократија/ и останати кратии кои се обратни од демократијата.
Знаете и сами дека на многу политички, општествени и цивилизациски катастрофи им претходеа референдуми. И тоа токму поради неговата успешност и по бројката на гласање. Референдумот на катастрофата им служеше за легитимација на однапред донесената одлука, и тоа на оние луѓе (поточно „елити“!) кои имаат огромен потенцијал на конфликност и дестабилизација во себе. Се сеќавате како беше во почетокот на 90-тите, кога државите бараа назависност, а потоа бараа „народно“ покритие за својот авантуризам?
Да се присетиме на прашањето на Слободан Милошевиќ со неговото „измамничко“ прашање од типот: „Дали сте за тоа странска чизма да чекори на наше Косово?“. Приметувате? На демагошко прашање добиен е гоределив и експлицитен одговор, а потоа сите знаеме што се случи. Се случија крвави војни. Затоа што историските инерции не можат да се решат на референдум.
Денес, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, повторно, како и за време на Договорот од Преспа, ќе бараат можност за нов референдум заради односот на Владата на Ковачевски кон Бугарија. За однос кој е цивилизациски и европски, и однос кој бара решение, Мицкоски, по стапките на најголемите антидемократи, антиевропејци, ќе бара референдум. Што значи, десничарите повторно ќе се обидат да протнат „референдум на катастрофите“, само што тој референдум нема за цел да ги запре националистичките страсти, туку напротив, ќе се обиде дополнително да ги разгори. А знаеме дека референдумските прашања се мајка и татко за вовед во нова катастрофа.
Многу луѓе ќе се прашуваат зошто нам ни е потребен референдум? Не може во Европа, не може во таа богата и просперитетна заедница без решение и договор со Бугарија. Исто како што не можеше во НАТО без решение со Грција. Тоа владата на Заев на време го разбра; а гледам дека тоа и владата на Ковачевски на време го разбира.
Понатаму, позади референдумот стои и Рускиот Кремљ, кој има јасен интерес да се обиде уште еднаш Северна Македонија да ја држи по страна од Европа и да ја држи по страна од НАТО; на другата страна се мицковите „интернационалисти“ на Орбан кои се во офанзива, не само во многу европски, туку поготово во многу источноевропски земји, и кои дополнително ќе ги разгоруваат меѓуетничките, меѓудржавните и меѓусоседските конфликти. Тука ја гледаат својата шанса за власт. Во овој клуч, сигурен сум дека и медиумите ќе навиваат за референдумот, барем оние кои веќе ги знаеме, дополнително ќе хушкаат и ќе ги форсираат поделбите помеѓу Северна Македонија, Бугарија и Албанија. По овој редослед, не заборавајте.
Чисто рационално гледано, се поставува прашањето, „како може пристоен граѓанин да се надева на нешто добро“ од ваква констелација? Прашањето е погрешно. Бидејќи и улогата на граѓаните во сите овие процеси не е без одговорност. И мора да бидат критични на политиката на Мицкоски која гласи: „што полошо за Македонија, тоа подобро за нас“. Поточно, подобро за Мицкоски лично.
Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и Бујар Османи, за мене, пак, заедно со нашите сојузници од Европа и САД, демострираат неверојатна храброст и одговорност низ сосема конкретен напор: да излеземе од овој зачаурен круг и трајно да ја изведат земјата, нашата македонска земја, на магистрален европски пат. И за тоа имаат уште шанса.
Од друга страна, Мицковски и неговата партија им посакуваат на овие луѓе лична пропаст и секоја несреќа; луѓе кои се обидуваат да продолжиме сите заедно во Европските интерграции, посакувајќи им сè најлошо нив, би значелно дека ниту на сопствената земја не ѝ посакуваат ништо подобро.
23.07.2022 година
Академик Коцарев Љ. или Последниот Груевист во Европа што тешко чита и погрешно го разбира Орвел
Е, зошто овој човек нам денес ни е важен? Важен ни е затоа што оперира со големи теми кои очигледно не ги разбира до крај, а уште поважно е тоа што во моментот е претседател на МАНУ. И од таа позиција се спрема нашиот академик за „политичарска“ кариера, па пишува „умни“ памфлети во најстариот весник на земјата, планетата, космосот и млечниот пат, погодувате, пишува за весникот „Нова Македонија“.
Се инспирирал Љупчо & Коцарев од Орвеловата дистопија „1984“, па го произведува текстот: „Две илјади осумдесет и четврта или Последниот Македонец во Европа“ (22. 07. 2022., „Нова Македонија“). Добро, начелно нема никаков проблем. Текстот го почнува со претпоставка, што значи ја пуштил „фантазијата на паша“, само што погрешно ја разбрал Орвеловата дистопија „1984“.
Иако, убиствено е кога ќе почнете лошо да ги интерпретирате делата на славните книжевници, притоа, „трпајќи“ ја Орвеловата нонфикционалност во жарнот на Мицковите националистички лудила, па од тоа правите политичка платформа за себе и својата „идна“(?) политичарска кариера.
Да одиме конкретно. Што, всушност, греши, академикот? Џорџ Орвел не ја замислувал Македонија кога го пишувал романот „1984“, ниту пак денес Македонија е синоним на тоталитарната дистопија на Орвеловиот роман. Денес никој нема територијални претензии кон Македонија, ниту Македонија има територијални претензии кон некоја соседна држава. Денес нема Трет Рајх, по Скопје и Софија не паѓаат бомби, се живее во слобода, се живее во мир, се живее во релативна благосостојба, и воопшто, историјата не е „страшно врела“ каква што беше во дваесетиот век, време во кое паѓаа бомби над Лондон и Англија; денес Орвел е мртов, што значи не е жив, и нема четирисет и некоја година, време во кое ја промислува реалноста во Англија, Европа и светот, пред самиот пад на нацизмот, притоа, Орвел јасно се декларира како антифашист, и во тој момент писателот не прави компромиси со жилавите малограѓански предрасуди кои сами по себе не се ниту „англиски“, ниту „германски“, а богами ниту „македонски“, ниту се родени во тоа време – а пред сѐ неговиот вредносен суд се однесува на антисемитизмот.
Истовремено, а тоа Коцарев Љ. очигледно не го разбира, Орвел е голем вљубеник во пацифистичките струења кои доаѓаат од левицата (не по примерот на нацилевицата на Апасиев): иако и самиот се сложува дека војната е зло, силно се противи на бомбардирање на населението во кое има „жени и деца“. Орвел провокативно фрла ракавица в лице на лицемерниот и селективен национализам (секој национализам е селективен, бидејќи игра на негативна селекција), проблематизирајќи ја мобилизација на „сите мажи“ (а не сите цивили), затоа што разбира дека се недоброволно мобилизирани во „име на сите“, што значи во име на „државата и нација“ ќе бидат, вели Орвел, ништо друго освен топовско месо.
Друга работа што Коцарев Љ. не разбира, а тоа е дека Орвел вредносно е социјалиста, сѐ уште склон во потрага по свет кој ќе биде праведен, однапред грозејќи се на Англија дека се враќа во некаква „предвоена состојба“: истовремено неговиот антитоталитарен рефлекс е беспрекорно развиен (на пример еве ја онаа славна реченица на Орвел во „1984“): „тој што го контролира минатото, ја контролира иднината“ (Коцарев се препознава ли во овие реченици како „свет заштитник на гробовите и историјата“?!), и нималку не е склон (штета по самиот Орвел!) кон воодушевување на советскиот и на него сличен деспотизам како замена за капиталистичката експлоатација.
О, боже, како би се изненадил денес Орвел кога би го видел македонскиот академик како му оперира со неговото врвно дело, хушкајќи и повикувајќи од чиста мода, на обединување на сите националисти, велејќи дека во Македонија со случува ревизија на историјата, а всушност мисли на нов тоталитарен поредок со националистички предзнак, во кој тој ќе го води орото, а „сите Груевисти ќе се вратат во својата држава“. Тогаш ќе го поништиме договорот за мир со Грција, а со Бугарите ќе изградиме тампон зона, бодликава жица, како што ја замислуваше Доналд Трамп Америка со Мексико!?
Мицкоски, на пример, а за тоа би морал да биде свесен и „умниот“ ни академик: нема појма кога е кодифициран македонскиот јазик. Пред некој ден рече дека кодификацијата на македонскиот јазик се случила „некаде таму во 1977 година“. Ако се послужиме со Орвел и неговата „1948“, аналогијата е јасна: „минатото е избришано, бришењето е заборавено, лагата станува вистина“.
Натаму, да одиме со референците на „1984“: „потполна контрола на медиумите и нивно затварање ако не ги почитуваат правилата на информирање од властите“. Има ли човек во оваа земја што не исплука некого од владата, а притоа влакно да му фали? Има ли човек во оваа земја што не ја исплука Бугарија (а и таа нас), па во меѓувреме му фали влакно од главата? Дури го запалија КЦ на Бугарите во Битола, и никому ништо.
Сега, што, на тоа Коцарев би рекол? Сите сѐ исплукаа, а властите уште им велат: „ако, плукајте. Можете и појако и поглупаво“. Така ли ја чита Коцарев потполната Орвелова дистопија? Ако така ја чита, ја чита тупаво. И очигледно нема допир со реалноста.
Орвел во „1984“ ги опишуваше стравовите на тоталитаризмот. И во книгата го опишува тоталитаризмот затоа што насетува дека тоа е крајот на либерализмот. А дека либерализмот ќе го одведе човештвото во ќорсокак, за тоа не се зборува во „1984“. Ама точно е дека Орвел го гледа тоталитаризмот како крај на човечноста: така се завршува неговата приказна – тоталитаризмот почнува кога ќе заврши човечката пристојност и љубезност.
Орвел го опишуваше општеството во кое живееше, пишуваше за рушењето на идејата за либерализмот. Не за национализмот, академиче, за либерализмот, таа идеја од која им се повраќа на нашите националисти. Идеја за која овде те нарекуваат „предавник“ и „одроден“. О, академиче, твоите ги дифамираат луѓето на кои им велат дека се „затруено месо на нацијата“ (Ти, академиче, работиш на одвратна меѓучовека клима во општеството). Ја чувствувате ли, академиче, таа тоталитарна крволочност во ваквата дифамација? Очигледно тоа не го гледа Коцарев, не го гледа тоталитаризмот како проблем во неговиот скаменет идентитетски менталитет, па уште и Орвел го повикува за сведок.
Како се обесмислува јазикот, според Орвел, и тоа академикот лошо го разбира. Во јазикот, приметува Орвел, во самата реченица, се конституираат тоталитарни поредоци. А никој не може да го украде јазикот затоа што за тоа е потребна физичка сила. Орвел во „1984“ ја опишува таа присила. Ја споменавме погоре во текстот присилата на растурање на човечноста. Главниот јунак во романот се одрекува од својата човечност како би се заштитил од своето страдање и болка. Тоталитарниот поредок го користи стравот луѓето да ги присили да се однесуваат обратно од своите убедувања (на пример: „предавници, излезете на улица пред народот свој ако смеете“), во пркос на вредностите кои ги поврзуваат. Под таа присила на идентитетската нација, луѓето се одрекуваат од самите себе и стануваат празна лушпа, стануваат нечовечни, без суштина и својства.
Тоа што е општо место во романот на Орвел: без разлика кои се мотивите на авторот за да го напише „1984“, напиша приказна за кршење на луѓето под притисок на тоталитарната држава. И тоа што Орвел можеби реферира на Западот, греши, затоа што за да се скршат луѓето потребно е гола сила. И Орвел во романот „1984“ ја гледа и монструозноста на државниот апарат, а најмногу, се чини, Орвел го интересираат интелектуалците. И тоа не било кои, туку британските левичарски интелектуалци. Орвел ги гледа како наивни националромантичари кои инсистирааат на помодни дискурзивни керефеки, а не гледаат дека идејата е во различноста, а не во истоста.
Истоста, а не различноста, приметува Орвел, не води во насилство. И оваа вредносна компонента Орвел ја црпи од своето искуство во Шпанската граѓанска војна, дури и напиша сатира против своите колеги левичари кои одбиваа да видат каде води голото насилство во политиката.
Ако Коцарев Љ. навистина го прочитал Орвел, ќе види дека тој е претставник на таа елита која Орвел во романот ја критикува. Ако ја немаше силеџиската држава, романот на Орвел „1984“, како што површно го разбира Коцарев во својот урнебесно смешен текст во „Нова Македонија“, немаше да звучи така сериозно и строго. Ама елитата која стои позади академикот Коцарев не е воопшто забавна и смешна. Коцарев е смешен, ама епигоните кои стојат позади него не се смешни, туку се трагични и опасни. За таква држава пишуваше Орвел во романот „1984“.
Ненад Јовановиќ