Денеска во касарната „Илинден” министерот Спасовски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, и заменик-директорот на БЈБ, Ариф Асани, присуствуваа на Оперативно-тактичка вежба на Специјалната антитерористичка единица „Тигар” насловена „ПЕРОН 192”, а по повод презентација на новиот полигон за обука, во рамки на стрелиштето во касарната „Илинден“ во Скопје, кое претставува и база за подготовки на САЕ ТИГАР, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Имајќи го предвид значењето што го имаат специјалните единици на МВР во системот за безбедност на Република Северна Македонија, нивна заедничка карактеристика е потребата од специфични полигони за обука и вежби, пишува во соопштението.
Од МВР велад дека откако пред година и половина беше оспособен просторот за реализација на модерното стрелиште за гаѓање, како дел од полигонот за урбана борба, во чиј состав влегува Куќата за гаѓање и автобусот за вежби, после 41 година се наметнала потребата од доопремување на полигонот за работа на тубуларни системи со елементот за обука и вежба за решавање на кризна ситуација во воз.
За таа цел, по примерот на европските полиции, како што велат од МВР, било неопходно да бидат поставени вагони кои би ја доловиле ситуацијата што поблиску до реалноста, а со чија помош припадниците на Специјалната антитерористичка единица ТИГАР ќе можат практично да вежбаат за вакви ситуации.
За комплетирање на овој сегмент од полигонот за обука, заслужни се неколку општествено-одговорни фирми, кои ја препознаа потребата да биде докомплетиран и овој сегмент. Во оваа прилика министерот Спасовски додели плакети за благодарност на Македонски железници Транспорт, Македонски железници Инфраструктура, ФАКОМ Доо Скопје и РАПИДБИЛТ- Куманово, известуваат од МВР.
Министерот Спасовски врачи и плакета за долгогодишен особен придонес во промоцијата на професионализмот во Министерството за внатрешни работи на началникот на Одделот за специјални полициски операции, г-н Бранко Трајановски.