Во предвечерието на Денот на Републиката, 2 август, оддаваме почит на борците од Крушевската Република и на сите борци кои ги положија животите во темелите на нашата република – денешна слободна, независна, демократска, прогресивна и европска, Република Северна Македонија!, објави премиерот Ковачевски.
Тој истакнува дека 10-те дена Крушевска Република симболот на нашата, македонска самобитност и непокор, на нашата континуирана борба за слобода и подобро утре, на нашата заложба за мултикултурно и мултиетничко општество. Илинденците со оружје во рака се бореле за нашата генерација денес да може да води други, поинакви битки, битка за просперитет, подобра иднина и напредок за сите граѓани во Република Северна Македонија, вели Ковачевски.
„Славата и делата на илинденските херои, се нашата сила за иднината, тие се доказ дека секоја борба вреди, кога се има вредна цел. Вечерва во Крушево, пред Македониумот, изразуваме длабока благодарност за визионерството, идејата за слободна, независна, демократска, прогресивна република и мултикултурно општество“, потенцира премиерот Димитар Ковачевски.
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва во 20.45 часот ќе се обрати на отворањето на традиционалната манифестација „Десет дена Крушевска Република“, која од 1-ви до 10-ти август се одржува секоја година во Крушево по повод големиот национален празник 2 Август, Денот на Републиката – Илинден.
Ј. Ѓ.