Деновиве сведочиме на остро и непродуктивно препукување помеѓу политичките ривали СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во врска со проблемот со водата за пиење во Гостивар. Додека СДСМ поставува прашања и жестоко ја напаѓа владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа првенствено со обвинувања, без да понуди конкретни факти за надминување на состојбата. Впечатокот кај граѓанките и граѓаните останува ист – наративите од двете страни остануваат остри, обвинувачки и целосно неконструктивни.
Во овој контекст, организацијата ЦИВИЛ и Зелен ЦИВИЛ упатија апел за деполитизација на кризата уште на 30 јули – повик кој досега е главно игнориран од политичките партии, но и од поголем дел од медиумите кои често се политизирани и избегнуваат повици за конструктивен дијалог. Од ЦИВИЛ бараат итно запирање на политичките расправии и обединување на сите засегнати страни во заштитата на јавното здравје, нагласувајќи дека пристапот до чиста вода за пиење е основно човеково право и не смее да се користи за дневнополитички игри.
ЦИВИЛ бара од надлежните институции да спроведат сеопфатни испитувања на квалитетот на водата на национално ниво и да преземат системски и долгорочни мерки за заштита на изворите и водоводната мрежа. Исто така, тие повикуваат на искористување на европските фондови за подобрување на водоснабдителната инфраструктура.
Останува да се види дали политичките актери ќе го прифатат овој повик за соработка и ќе се фокусираат на решавање на проблемот. Во меѓувреме, граѓаните на Гостивар се соочуваат со предизвикот да обезбедат безбедна вода за пиење, што бара итна, транспарентна и ефективна акција од страна на сите надлежни институции, наместо празна политичка реторика.
Д. Е.






