Претседателот Стево Пендаровски по повод 2 август – Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите, истакна дека сеќавајќи се и оддавајќи почит на милионите жртви во Втората светска војна, не смееме да заборавиме и на над 4300 деца, жени и мажи Роми, погубени во нацистичкиот логор во Аушвиц-Биркенау.
„Во тој ужасен период од историјата на сила беа закони кои го обезвреднуваа човековиот живот и вроденото достоинство на различни групи, меѓу кои и на Ромите. Тогашната идеологија овозможуваше експлоатирање на нивниот труд, нечовечки медицински експерименти, присилни стерилизации и на крајот, масовни убиства во логорите на смртта.
Во текот на Втората светска војна убиени се над 500.000 Роми низ Европа и Балканот.
Загрижувачки е што денес се сè уште живи историските неправди кон Ромите – негирањето на геноцидот врз нив, расизмот, антициганизмот, говорот на омраза и дискриминацијата чиј интензитет се зголемува, дури и во современите демократски општества. Сето тоа ги турка Ромите на маргините и ја уназадува борбата за нивните човекови права и слободи.
Ромскиот народ е нераскинлив дел од македонскиот општествен мозаик кој ги споделува стремежите и жртвите во борбата за слободно општество. Таа коегзистенција треба да продолжи во духот на солидарноста, хуманоста и меѓусебната почит.
Да се сеќаваме на историските факти за најголемото зло во историјата на човештвото преку личните сведоштва на преживеаните.
Но наша должност и наша заедничка историска и цивилизациска одговорност е јавно да се спротивставиме на ваквите појави, за трагедиите од Втората светска војна никогаш да не се повторат“, истакна претседателот Пендаровски.